Citroen неодамна го освежи C5 Aircross, па ја искористивме можноста да седнеме зад управувачот на францускиот SUV кој кон сегментот пристапува од сосем поинаков агол.
Секој пат кога зборуваме за Citroën, дискусијата несомнено оди кон комфорот. За некои тоа можеби би било здодевно, но во оној вистинскиот свет во кој возиме и се движиме комфорот има огромно значење. Започнуваме да зборуваме за комфор, па продолжуваме да зборуваме за опуштено возење, за на крај да стигнеме до онаа вистинската работа за која треба да зборуваме – благосостојбата.
Голем и тежок збор, навистина. Во речникот, благосостојба се дефинира како „добар и удобен живот, богатство, материјална сигурност“ и особено првиот дел од таа дефиниција одговара на она кое го промовира францускиот бренд.
Ако трансформацијата на Citroën кулминираше со новиот C5 X (кој неодамна го возевме, нашиот тест погледнете го тука), таа всушност започна со C5 Aircross. Токму со C5 Aircross Citroën ги конкретизираше начелата со кои ќе се води со идните модели и ги постави темелите врз кои ќе го гради својот имиџ во иднина. И токму таквиот пристап на Citroën се покажа како успешен, па дури би рекле дека со неодамнешното освежување на C5 Aircross, францускиот бренд како да се обидува да го репозиционира својот голем SUV.
Нов и самоуверен лик, добро-позната форма
Освежениот C5 Aircross добива нов лик кој е во линија со останатите модели на брендот. Измените не се значителни – но ако сме искрени, не му ни беа потребни на францускиот SUV. Предниот дел добива нови редизајнирани светлосни елементи со LED технологија кои како да се прелеваат во маската на ладилникот.
На средината гордо стои логото на Citroën, додека браникот е нијанса поостар, со редизајнирани отвори за воздух. Профилот е неизменет, а на задниот дел забележуваме светлосни групи со нова, посовремена графика но и редизајниран заден браник со нови декоративни елементи.
Формата на C5 Aircross е типична за SUV, но истовремено дизајнерите успеале визуелно да пренесат една многу важна порака – а тоа е дека кај C5 Aircross примарниот фокус е на комфорот во кабината. Токму формата, меките линии и мазните површини навестуваат дека ова не е автомобил кој „брка времиња“ на разно-разни тркачки патеки, туку дека е автомобил кој нуди едно поинакво возачко искуство. Карактеристичните Airbumps се поставени ниско на заштитните прагови и се уште еден препознатлив детал за Citroën.
Освежена, комфорна и супер-практична кабина!
Истиот впечаток продолжува и кога ќе ја отвориме вратата. Нè пречекува топол ентериер кој како да нè поканува да влеземе и да седнеме. Го правиме токму тоа и првото кое го забележуваме се супер-комфорните седишта на Citroën. Сме рекле неколку пати, и ќе речеме пак – седењето во овие седишта е како седење во голема, комфорна фотелја во која со добра книга би можеле и да задремеме. Плус, вака обвиени во комбинација од кожа и алкантара се уште подобри. Истовремено, со освежувањето инженерите и дизајнерите посветиле дополнително внимание и на површините кои ги допираме, како и нивните текстури – сè е во насока на пријатност.
Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, додека на централната конзола препознаваме нов мултимедијален уред со поголем и подобар дисплеј. Под него се поставени копчиња кои се кратенки до некои од поважните функционалности, и не ни се допаѓа дека клима-уредот се контролира преку мултимедијалниот уред, но брзо се навикнавме. Возачката позиција е соодветно висока за еден SUV, а прегледноста е одлична.
Задната клупа е момент каде C5 Aircross е едноставно брилијантен. Трите седишта на задната клупа засебно се поместуваат нанапред-наназад или се преклопуваат, па тоа овозможува скоро бесконечно многу конфигурации. Сакате поголем багажен простор? Нема проблем. Сакате да им обезбедите повеќе простор и комфор за патниците на задната клупа? Повторно, нема проблем. Сакате да пренесете скии или велосипед, а на задната клупа сепак да се сместат еден или двајца патници? Нема. Проблем. Вистинска семејна функционалност!
Во зависност од конфигурацијата на задните седишта, на располагање ќе имате багажен простор со капацитет од 570 до 720 литри, односно огромни 1630 литри кога ќе ги преклопите задните седишта. Багажникот е достапен преку голем и правилен отвор па пренесување и поголеми предмети нема да биде никаков проблем.
Зад воланот, C5 Aircross e Вистински Citroën
Океј, сè е тоа супер – но каков е C5 Aircross кога сте зад воланот? Па, најлесно ќе го опишеме како Вистински Citroën. Со освежувањето, внимание е посветено на звучната изолација, на звукот при затворање на вратите, на сите оние ситници кои го прават возењето попријатно. Резултат на сето тоа е автомобил каде комфорот и пријатноста се во фокусот.
C5 Aircross едноставно лебди над дупките и нерамнините, а во кабината не се пренесуваат никакви удари ниту вибрации. Големиот SUV ги добива прогресивните хидраулични перничиња кои веќе ги знаеме од другите модели на брендот – и ти едноставно работат. Успеваат скоро беспрекорно да ги израмнат секаквите нерамнини на патот, без разлика на нивната форма и текстура. Да, одвреме-навреме некоја остра нерамнина ќе го наруши мирот, но суспензијата брзо и ефикасно ги филтрира несаканите ефекти и во кабината и понатаму владее мирот.
Секако, движењето низ градскиот метеж го олеснуваат камерите и сензорите, како и релативно тесниот агол на вртење, па C5 Aircross успешно ги маскира своите димензии. На отворен пат се покажува како комфорен, тивок и пријатен сопатник, особено кон подалечни дестинации.
Докажан и штедлив турбодизел
Тука своја улога има и 1.5-литарскиот BlueHDI турбодизел кој испорачува 131 коњска сила при 3750 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Преведено во перформанси, тоа значи забрзување до 100 километри на час за 10.6 секунди и максимална брзина од 188 километри на час.
Силата се пренесува кон предните тркала преку одличниот 8-брзински EAT8 автоматски менувач, кој е специјално калибриран за менувањето да биде супер-мазно, односно скоро незабележително – и со тоа уште повеќе да го нагласи мирното, опуштено возење. Потрошувачка? За време на неколкудневното тестирање индикаторот покажа потрошувачка од околу 6.5 до 7 литри дизел низ град, односно околу 6 литри на отворено.
C5 Aircross e Горд Citroën
Најверојатно ќе бидеме малку здодевни, но повторно ќе нагласиме дека Citroën не е за секого. Францускиот бренд се гордее со своето упорно настојување дека на работите треба да им се пристапи поинаку – да се избегне она „бркање на динамичност“ и да се понуди вистинска алтернатива. Да се исфрлат сите можни детали кои го зголемуваат стресот и да се потенцираат оние кои го намалуваат. Да, серво-управувањето е супер лесно. Да, сите нерегуларности успешно се исфилтрирани. Да, седиштата се големи и комфорни. Да, C5 Aircross наметнува опуштено и мирно возење и им се потсмева на оние кои горделиво зборуваат за оваа или онаа спортска дивизија од која потекнува нивниот SUV. И така и треба да биде.
C5 Aircross е горд Citroën. Да се радуваме дека е така!
Спецификации
Модел: | Citroën C5 Aircross BlueHDI 130 S&S EAT8 Shine |
Мотор: | 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 131 коњскa силa / 3750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 300 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
0-100 км/ч: | 10.6 секунди |
Максимална Брзина: | 188 километри на час |
Должина: | 4500 mm |
Ширина: | 1840 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1689 mm |
Тежина: | 1489 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2675 mm |
Багажен Простор: | 570 – 1630 литри |
Потрошувачка: | 6.8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Citroën C5 Aircross 1.2 PureTech 130 BVM6 Live Pack – 29.900 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Citroën C5 Aircross BlueHDI 130 S&S EAT8 Shine – 40.450 Евра |
Повеќе Информации: | Citroën.com.mk |