Моќниот супер-спортски автомобил на Porsche е подготвен да доминира на тркачките патеки, но и на улиците – благодарение на 4-литарски атмосферски боксер со 525 коњски сили и директна врска до тркачкиот 911 GT3 R!
Не само што 911 GT3 RS е побрз од 911 GT3, туку и е значително поаеродинамичен. Инженерите на Porsche поставиле централно-поставен ладилник (наместо трите засебни елементи кои досега се користеа), а тоа овозможило да бидат додадени компоненти за активна аеродинамика на предниот дел. Новиот 911 GT3 RS испорачува потисна сила од 409 килограми при брзин аод 200 километри на час – двојно повеќе од својот претходник, односно дури 860 килограми при 285 километри на час.
Задолжен за задвижување на 911 GT3 RS е веќе-познатиот 4-литарски атмосферски боксер со шест цилиндри кој во оваа конфигурација испорачува 525 коњски сили благодарение на изменети компоненти кои доаѓаат директно од тркачките автомобили. Силата се испорачува кон задните тркала преку 7-брзински PDK автоматски менувач со двојна спојка. Сето ова резултира со 100 километри на час за само 3.2 секунди, како и максимална брзина од 296 километри на час.
Надградени се и сопирачките – шест-клипни напред и четири-клипни позади, а на купувачите им се достапни и PCCB сопирачки како опција. Задните тркала се со дијаметар од 21 инч, додека предните се 20-инчни.
Секако, низ целиот автомобил се користени лесни CFRP композити, кои овозможуваат 911 GT3 RS да тежи само 1450 килограми. Од CFRP (Carbon Fiber Reinforced Plastic) се изработени вратите, предните крила, седиштата…
Дополнително, на купувачите без доплата им е достапен и Clubsport пакетот, кој вклучува заштитен кафез, сигурносни појаси прицврстени во шест точки, како и противпожарен апарат.
Она за кое ќе морате да доплатите – ако го сакате, секако – е Weissach пакетот. Овој пакет вклучува компоненти изработени од карбон и CFRP за дополнително намалување на тежината, а ќе можете да нарачате и ковани тркала изработени од магнезиум за уште понагласено намалување на тежината.