Fiat самоуверено се движи кон електрифицирање на целата гама, а можеби најважниот модел е токму новиот, целосно-електричен Fiat 500e!
Поставен на целосно-нова платформа, 500е има батериски модул со капацитет од 42 kWh и електромотор со моќност од 118 коњски сили. Според официјалните информации, може да помине 320 километри со едно полнење а со доволно брз полнач 85% од батеријата може да се наполнат за само 35 минути.
Како што веќе пишувавме, перформансите се одлични за урбан автомобил – 100 километри на час пристигнуваат за рамно 9 секунди, додека максималната брзина е 150 километри на час.
Изложените примероци се во Plus Icon ниво на опрема, а особено е интересен примерокот во 3+1 конфигурација – односно примерок со три, плус една дополнителна помала врата која го олеснува влегувањето и излегувањето од задните седишта.
Дизајнот на новиот 500е навистина ни се допаѓа – изгледа мускулесто и динамично, дури и кога не се движи. Кабината е супер-модерна, со интересни и современи материјали и напредни технолошки решенија. Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност и самите да го повозиме, а во меѓувреме, за и самите да го видите електричниот 500е, посетете го салонот на Fiat!