Porsche инвестира 100 милиони долари во литиум-силиконски батерии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche инвестира 100 милиони долари во литиум-силиконски батерии

Покрај во еколошки е-Горива, Porsche инвестира и во напредни батерии – германскиот производител најави дека инвестира 100 милиони долари во Group14 Technologies.

Group14 Technologies работи на развој на силикон-карбонски технологии наменети за литиумските батерии. Според најавеното, овие напредни технологии ќе овозможат употреба на супер-ефикасни батериски ќелии. Lutz Meschke од Porsche кажа дека „батериските ќелии се моторните комори на иднината, а нашата цел е да бидеме водечка компанија на глобално ниво, со најмоќните ќелии“. Porsche ја користи својата гранка која се вика Porsche Ventures за да инвестира во компании кои нудат напредни технологии, а преку тоа да наметне своевидна глобална доминација.

Инаку, Group14 веќе разви хемиски процес кој користи силикон како материјал за анода во батериите – а во споредба со тековните батерии, тоа значително ја зголемува густината на моќта на ќелијата. Овој напредок може да се искористи во две насоки – или да се искористат помалку (и полесни) батерии за да се одржи постоечката автономија на електричните автомобили, или да се искористат батерии со иста големина и тежина, но да се зголеми автономијата. Дополнително, од Group14 кажуваат дека ваквите батерии имаат намален отпор во самите батерии – а тоа овозможува побрзо полнење.

„Карактеристиките на овие нови технологии – брзо полнење, високи перформанси и ниска тежина – се директен придонес кон јадрото на Porsche. Тие се во истата насока со нашите развојни цели кои ги поставивме во спецификациите на идните електрични спортски автомобили“ – изјави Michael Steiner, одговорниот за истражување и развој во Porsche.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.