ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави освежениот C5 Aircross – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави освежениот C5 Aircross

Citroën подготви освежување за супер-комфорниот SUV – кој покрај затегнатиот дизајн, добива и грст нови технологии.

Измените започнуваат со редизајнираниот преден дел кој добива нови, модерни светлосни групи кои влечат инспирација од новиот C4, но и големиот C5 X. Покрај новите светла, добива и редизајнирана, помала предна маска со LED ленти кои се спојуваат со предните светла, како и нов преден браник со поголеми отвори за воздух. Забележуваме и редизајнирано Citroën лого, како и нови, дводелни дневни светла.

Профилот останува неизменет, но сепак забележуваме нови алуминиумски тркала, како и некои други поситни детали. Слична е приказната и на задниот дел – задните светла ја задржуваат формата, но добиваат редизајнирана графика. Забележуваме и дискретно редизајниран заден браник и неколку нови декоративни елементи.

Кабината добива редизајнирана централна конзола на која е поставен нов мултимедијален уред со грст нови технологии. Отворите за вентилација кои беа поставени лево и десно од мултимедијалниот уред сега се поставени под него, за да може да биде поставен големиот 10-инчен дисплеј. Освежениот C5 Aircross ги задржува физичките контроли за клима-уредот, а контролата за менувачот е заменета со онаа која веќе се вградува во новиот C4.

Дополнително, C5 Aircross добива и нов селектор за режими на возење – па кај хибридниот модел можете да изберете меѓу Hybrid, Electric и Sport. Можете да нарачате и нови седишта со загревање и масажа, кои ја користат најновата итерација на Advanced Comfort технологиите и имаат дополнителни 15 милиметри пена за да бидат уште покомфорни.

Според најавеното, продажбата ќе започне на почетокот на летото. Луѓето од Citroën се особено горди на C5 Aircross – супер-комфорниот SUV досега е продаден во преку 260.000 примероци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.