BMW со i3 и i8 оди во Токио! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW со i3 и i8 оди во Токио!

Баварците се подготвуваат за Токио, а нивната селекција ќе ја предводат концептите i8 и новиот i3!

На претстојниот автомобилски салон во Токио, Баварците ќе се претстават со силни претставници во скоро сите категории, но она што е најинтересно е новиот i3 концепт на електричен автомобил.

Кажете ми повеќе за BMW i3 Concept?

BMW i3, или Megacity Vehicle како што порано го нарекуваше BMW овој модел е дел од новиот i бренд на баварците и би требало да биде претставување на овој бренд на глобалниот пазар. Ова ќе биде првиот сериски-произведен електричен автомобил на BMW и е наменет токму за справување со предизвиците на движење во урбани средини. Ова е и првиот премиум електричен автомобил и ги задржува познатите атрибути на BMW, а целото тоа го прави без емисија на птетни гасови.

Интересни се податоците за перформансите – електричниот мотор кој е поставен над задната оска и испорачува 170 коњски сили и 250 Nm вртежен момент му дозволува да забрза до 60 километри на час за помалку од 4 секунди, а до 100 километри на час за помалку од 8 секунди.

i3 ќе понуди и багажен простор од околу 200 литри, што е изненадувачки за електричен автомобил, и веќе сугерира колку всушност i3 е подготвен за сериско производство.

А сега кажете ми за i8!

i8 концептот кој веќе го имаме видено е хибриден спортски автомобил. Него го придвижуваат класичен трицилиндричен мотор со внатрешно согорување со моќност од 220 коњски сили и 300 Nm кому работата му ја олеснува електромотор поставен над предната оска.

Кога овие мотори работат заедно му дозволуваат на i8 да забрза до 100 километри на час за помалку од 5 секунди! Но многу повеќе импресионира потрошувачката, која според BMW е помала од 3 литри на 100 изминати километри!

Идеалната 50/50 распределба на тежина и иновативната технологија ветуваат многу, а i8 ветува дека ќе биде навистина врвен спортски автомобил.

Нешто друго?

Во Токио својата Азиска премиера ќе ја направи и новиот BMW M5, кој со моќните 550 коњски сили и твин-турбо мотор ќе биде помеѓу најмоќните автомобили на саемскиот подиум. Таму друштво ќе му прават и останатите модели од M-дивизијата.

Ништо помалку не би ни очекувале од BMW!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.