Од Opel кажуваат дека новата Astra е целосно нова интерпретација на дизајнерската филозофија на германскиот бренд – и дека новата Astra е дизајнирана, развиена и ќе се произведува во Риселхајм!
Првите фотографии од идната Astra се навистина драматични. Според Opel, фотографиите ги откриваат екстремната прецизност и вниманието посветено кон деталите на новиот модел. Новата Astra ќе биде првиот автомобил на Opel од компактната класа кој ќе биде електрифициран, а чистиот и храбар дизајнерски пристап го покажува патот на идните модели на брендот.
„Новата Astra ќе отвори возбудливо ново поглавје во 30-годишната историја на овој модел и убедени сме дека следната генерација на Astra ќе остави силни впечатоци и ќе привлече нови купувачи кон нашиот бренд.“ – изјави Michael Lohnscheller, извршниот директор на Opel.
Еден од најсилните дизјнерски елементи е токму Opel Vizor кој за прв пат беше претставен кај новата Mokka. Новиот лик се протегнува низ целиот преден дел и во него се интегрирани сите напредни технологии – ултра-тенките IntelliLux LED предни светла и сите сензори потребни за напредните системи за безбедност.
Сличен германски пристап има и во кабината, каде Astra ја добива следната генерација на Pure Panel дигиталниот кокпит кој вклучува два широки екрани и минималистички пристап кон нештата. Од Opel нагласуваат дека и седиштата во Astra се исклучително ергономски и дека многу внимание е посветено на леснотијата на користење на новиот автомобил.
Инаку, новата Astra е целосно дизајнирана и развиена во Риселхајм, каде и ќе се произведува. Од Opel кажуваат дека ќе се нуди како динамичен хечбек со пет врати, како и Sports Tourer караван. Производството ќе започне оваа година.