Ford неодамна подготви темелно освежување за Kuga – па ја искористивме шансата одново да го запознаеме овој SUV на Ford, но и за прв пат да се запознаеме со неговиот хибриден погон.
Kuga е докажан натпреварувач во SUV сегментот. Минатата генерација беше особено популарна меѓу нашите купувачи, но со новата Ford се соочува со значително потешка задача. И тоа не е поради тоа дека Kuga е лоша – баш напротив. Проблемот со кој се соочува Ford е сè поуверливата конкуренција. Ако порано SUV моделите беа исклучок, сега се секојдневие – а со тоа се помногубројни, подобри и едноставно, поуверливи.
Kuga изгледа посамоуверено и подефинирано
Па токму затоа, Ford подготви прилично темелно освежување за Kuga. Всушност – ова е еден од подеталните фејслифти во индустријата. Визуелно, најзабележливи се промените на предниот дел каде Kuga добива значително поагресивен, поинтензивен лик изразен преку новите предни светла и светлечката LED линија која ги спојува. Познавачите на Ford ќе препознаат и семејна врска меѓу Kuga и електричниот Mustang Mach-E (кој веќе го возевме, нашиот тест можете да го погледнете тука).
Профилот е безмалку неизменет, но Active X пакетот на нашиот тестен модел на целиот автомобил му дава забележително поизменет лик. Сепак, динамичната профилна линија и дискрено опаѓачката кровна линија ѝ даваат на Kuga динамичен, дури спортски карактер.
На задниот дел препознаваме редизајнирани задни светлосни групи со изменета графика и… Измените завршуваат тука.
Но сè на сè, Kuga изгледа значително посамоуверено од моделот пред освежувањето. Онаму каде пред освежувањето, Kuga изгледаше малку анонимно, со освежувањето изгледа многу позрело и подефинирано.
Технолошки надградби во кабината
Од друга страна, во кабината препознаваме значителни технолошки надградби. Пред возачот е поставен голем, 12.3-инчен екран наменет за информациите околу возењето, додека на централната конзола е поставен уште поголем инфозабавен систем екран со дијагонала од 13.2 инчни. Инженерите на Ford посветиле навистина многу внимание на софтверот, па пристапувањето до повеќето важни функции сега е полесно и бара многу помалку тргање на очите од патот. Сепак, ќе забележиме дека ни недостасуваат физичките контроли за клима-уредот, на пример.
Фановите и познавачите на Ford веднаш и лесно ќе се снајдат во кабината. Повеќето од површините се обвиени во квалитетни материјали и само во „пониските“ делови од кабината забележуваме поцврсти пластики. Седиштата се обвиени во текстил и алкантара, и се супер-комфорни. Возачката позиција е очекувано прегледна.
На гребенот меѓу возачот и совозачот е препознатливиот кружен селектор за преносот, а веднаш пред него е безжичниот полнач за мобилен телефон, како и неколкуте различни USB приклучоци.
На задната клупа има многу, многу простор. Секако, клупата се нагодува во неколку насоки, па можете да добиете повеќе простор на задната клупа или пак повеќе багажен простор. Во кабината преовладува светлина благодарение на огромниот стаклен кров. Задната клупа (која има и централен наслон) е деллива во однос 60:40, а тука се и два ISOFIX приклучоци за детски седишта.
Kuga не заостанува ни кога станува збор за багажниот простор – со исправени задни седишта добивате 421 литар, додека со преклопени задни седишта ќе имате на располагање одлични 1534 литри.
Моќен и ефикасен хибриден погон со 183 коњски сили!
Но она кое ни беше навистина интересно е хибридниот погон на освежената Kuga. Под предниот поклопец се крие 2.5-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 152 коњски сили, кој пак соработува со електромотор кој испорачува дополнителни 125 коњски сили. Електромоторот се „храни“ од мала батерија со капацитет од 1.1 kWh, a вкупната системска моќност е одлични 183 коњски сили и 320 Nm вртежен момент.
Ниту перформансите не се за занемарување – „стотка“ пристигнува за 8.3 секунди, додека максималната брзина е 196 километри на час. Она кое навистина изненадува е ефикасноста – во град, ако сте внимателни можете да очекувате дека повеќе од 50% од поминатите километри ќе ги поминете на струја, а градската потрошувачка нема да надмине 6 литри на 100 изминати километри.
Kuga е Ford – а тоа значи забава зад управувачот
И секако, бидејќи зборуваме за Ford, мора да напоменеме дека ова е еден од најзабавните модели во класата за возење. Да, CVT менувачот одзема малку од динамичноста, но затоа „враќа“ со исклучителни ефикасност и испорака на сила. Но и покрај тоа, вистината е дека Kuga ужива во свиоците, многу повеќе од нејзините директни конкуренти. А бидејќи е SUV, забавата не мора да престане кога ќе снема асфалт. Особено со погонот на сите четири тркала.
Оние кои ќе ја заобиколат Kuga, ќе згрешат
Kuga секогаш била добар избор. Во океанот на SUV модели, многумина често знаат да ја заборават, но оние кои го прават тоа навистина грешат. Kuga е модел кој гордо ги носи вредностите на Ford – и токму заради тоа, го заслужува нашето внимание.
Спецификации
Модел: | Ford Kuga 2.5 Hybrid CVT Active X AWD |
Погон: | 2.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, Хибрид |
Системска Моќност: | 183 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 320 Nm |
Менувач: | Автоматски CVT |
0-100 км/ч: | 8.3 секунди |
Максимална Брзина: | 196 километри на час |
Должина: | 4604 mm |
Ширина: | 2177 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1683 mm |
Тежина: | 1690 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2711 mm |
Багажен Простор: | 421 – 1534 литри |
Потрошувачка: | 5.9 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Ford Kuga 1.5 Ecoboost A8 Titanium FWD – 29.900 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Ford Kuga 2.5 Hybrid CVT Active X AWD – 49.500 Евра Напомена: Цената е акциска, точна во моментот на објавување. |
Гаранција: | 5 години / 150.000 километри |
Повеќе Информации: | Ford.mk |