Одлични вести пристигнаа од Peugeot – новиот извршен директор на брендот потврди дека францускиот бренд ја враќа значката GTi и дека првиот автомобил ќе биде врвна изведба на e-208!
„Ќе погледнеме кон наследството на нашиот бренд и ќе видиме како можеме да го прилагодиме кон модерниот свет“ – изјави Alain Favey во разговор со медиумите, и додаде дека „уживањето во возењето секогаш ќе биде дел од нашата ДНК. Возбуден сум да го поврзам брендот Peugeot со неговото минато.“
И тој официјално потврди дека значката GTi се враќа. „Денес сум во позиција да потврдам дека најбрзо што можеме ќе ја вратиме значката GTi, и тоа на e-208. Тоа е директен сигнал дека сакаме одново да се поврземе со нашето минато. GTi ја истакнува нашата посветеност кон перформансите и нашата инволвираност во моторспортот. Перформансите се клучни за Peugeot.“
Сега за сега немаме информации околу можниот погон кој би бил задолжен за e-208 GTi, но можеме да претпоставиме дека ќе користи компоненти кои веќе се користат кај други модели во рамките на Stellantis. А тоа би можело да значи некаде меѓу 260 и 300 коњски сили кон предните тркала, надградена суспензија, спортски пневматици и рекалибрирано управување. А сето тоа звучи навистина примамливо!
Секако, немаме ниту официјални информации за тоа кога би можеле да очекуваме премиера на e-208 GTi, но веќе се шпекулира дека би можеле да го видиме електричниот спортски хечбек на овогодинешниот 24 Часа Ле Ман.