Производството на Fiat Grande Panda веќе започна во фабриката на Stellantis во Крагуевац, Србија – но вчера и официјално беше потврдено дека и електричниот Citroën ë-C3 ќе се произведува на истата локација.
Оваа информација ја потврди Саша Ѓорѓевиќ, претседателот на Сојузот на Независни Синдикати на Крагуевац. Истовремено, потврда пристигна и од Зоран Буриќ, маркетинг директор на Автонова КАБ, увозникот на Citroen за Србија. Тој потврди и дека електричниот Citroën ë-C3 во Србија ќе чини од 26.490 Евра, на што ќе добие и субвенција во висина од 5.000 Евра.
Производството на e-C3 ќе биде во соработка со фабриката на Stellantis во Трнава во Словачка, каде C3 е всушност „јадрениот“ модел на фабриката. Според најавеното, во оние моменти кога фабриката ќе има поголем број нарачки и нема да може да постигне производство, фабриката во Крагуевац ќе го преземе товарот и ќе произведува автомобили. Со ова се оптимизираат капацитетите, а според најавеното во фабриката во Крагуевац ќе се произведуваат и многу од каросериските делови за C3. Ѓорѓевиќ за Танјуг изјави дека „Очекуваме дека набргу ќе видиме возила Citroen C3 од Крагуевац на патиштата низ Европа, но и низ светот“.
Дополнително, Буриќ од Автонова КАБ додаде: „На некој начин, Citroen C3 ќе биде домашен автомобил. Citroen пристигна во Србија и верувам дека електрификацијата ќе биде многу поблиска до оние кои размислуваат за автомобил од оваа класа.“
Секако, ние веќе добро го познаваме новиот C3 во сите негови конфигурации. Ја имавме ексклузивната можност да присуствуваме на глобалната премиера на e-C3 и минатата година на интернационалната презентација во Виена го возевме во целосно-електрична и бензинска конфигурација, а потоа во Декември на домашен терен го возевме и во финалната, сериска изведба.