Одговорниот за дизајн на Volkswagen, Andreas Mindt потврди за Autocar дека Volkswagen ќе ги врати физичките контроли во своите автомобили.
Верувале или не, производителите полека но сигурно почнуваат да ги слушаат купувачите и автомобилските новинари. Конечно прифаќаат дека ставање на сите функционалности на автомобилот на огромен екран е погрешен пристап и дека ова е инфериорно решение во однос на физичките контроли.
Ваков став неодамна потврди и Euro NCAP (организацијата која ја проверува безбедноста на автомобилите) и најави дека за да освојат максимални пет ѕвездички, автомобилите ќе мораат да имаат физички контроли за одредени круцијални функционалности. Токму ова го видовме кај ID.Every1, каде на фотографиите од ентериерот се забележуваат физички контроли за најважните функционалности, но и физички копчиња на управувачот.
Еден од производителите кои „ја видоа светлината“ е токму Volkswagen. Во неодамнешна изјава за Autocar, шефот за дизајн – Andreas Mindt – потврди дека пристапот со прекумерна дигитализација бил грешка и дека производителот ќе се врати кон физичките контроли.
„Од ID.2all понатаму, ќе имаме физички контроли за петте најважни функции – гласот на аудио уредот, греењето на секоја страна, вентилаторите и четирите трепкачи“. Тој додаде и дека „ова ќе биде во секој автомобил кој отсега ќе го правиме. Веќе никогаш нема да ја потвториме оваа грешка. На управувачот ќе имаме физички контроли и веќе нема да има погодување. Има фидбек, вистински е, и луѓето го сакаат ова. Автомобил е, не е телефон.“
Уште еден производител кој си ја призна грешката е Mercedes-Benz. Неодамна, главниот дизајнер на Mercedes-Benz, Gordon Wagener призна дека „екраните не се луксуз“. Шуќур.