ТЕСТ: Alfa Romeo Junior 1.2 136 Ibrida Speciale – Најмала Alfa Romeo, но не и помалку Alfa Romeo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Alfa Romeo Junior 1.2 136 Ibrida Speciale – Најмала Alfa Romeo, но не и помалку Alfa Romeo!

Секој пат кога Alfa Romeo прави нешто ново, сите внимателно гледаме. Зошто? Затоа што италијанскиот бренд е посебен и има посебно место во срцата на сите вљубеници во автомобилите. А денес ќе зборуваме за нешто сосем ново – ќе зборуваме за Junior.

Новиот Junior имаше возбудливо деби, и сите внимателно следевме што се случува. Прво требаше да се вика Milano, но италијанската влада изрази несогласување со тоа, па Alfa Romeo одлучи да се врати на име од својата богата историја – Junior. Поточно, GT Junior автомбилите од средината на 60-тите години, па се до 1976. Тие беа помали и полесни, со помали мотори и беа наменети за оние на кои не им беа најважни перформансите на хартија, туку сакаа да уживаат во стилски спортски автомобил со врвно управување.

И тука некаде можеме да почнеме да ја поставуваме врската меѓу GT Junior и денешниот Junior. Океј, во ред – Junior од минатото беше мало спортско купе, додека денешниот Junior е трендовски кросовер, но и денешниот Junior е помал и полесен, и перформансите не се на прво место, но искуството кое го нуди лесно го издвојува од директните (па и не толку директните) конкуренти.

Што е всушност новиот Junior? Junior (овој новиот) е замислен да биде директен наследник на Alfa Romeo MiTo, но во значително посовремена интерпретација. Поставен е на STLA Small (E-CMP2) платформата на Stellantis и е најблиску поврзан со Jeep Avenger (кој го возевме минатата година) и новиот Fiat 600 (кој го возевме пред само неколку седмици). Всушност, сите три модели се произведуваат во фабриката на Stellantis во Тиши, Полска.

Junior е самоуверен и екстровертен

И она кое веднаш се забележува во однос на другите автомобили од портфолиото на Stellantis базирани на оваа платформа, е дека Junior е многу позабележливо самоуверен и екстровертен. Дизајнот е многу поинтензивен – од остриот, агресивен преден дел, преку самоуверениот профил со ниски стаклени површини, па сè до динамичниот заден дел кој се обидува да евоцира впечатоци од лудиот SZ Zagato.

На предниот дел, вниманието веднаш оди кон централно-поставеното Scudetto. Оваа сосем-нова интерпретација на препознатливата значка на Alfa Romeo можеби нема да биде по сечиј вкус, но во комбинација со црвената боја – барем во нашите очи – изгледа одлично. Лево и десно од него се светлосните групи со вградени дневни светла и црн елементи елементи под нив, кои пак на светлата им даваат значително поагресивен, подинамичен лик. Во долниот дел од браникот забележуваме голем, агресивен отвор за воздух и (за жал) централно-поставена регистерска табличка. Ќе ни недостасува асиметрични-поставената табличка, признаваме.

Профилот е флуиден, со релативно ниски стаклени површини и карактерна линија која се издигнува кон задниот дел. На предните крила гордо стои ознаката Speciale, додека задните рачки се скриени во Ц-столбот (поздрав, Alfa 156!). Профилната линија се провлекува директно до задниот дел, каде дрско и самоуверено завршува токму со задните светла.

Поврзано:  Пристигна Alfa Romeo Junior!

Сè на сè – профилот е динамичен и привлечен, и Junior дефинитивно се издвојува меѓу конкурентите. Ако нешто не ни се допаѓа – тоа се тркалата. За среќа, има и други опции во понудата.

На задниот дел, вниманието веднаш оди кон светлосната група, која се проткајува од едната страна па сè до другата. Во овој црн панел се скриени задните светла, додека под него гордо – во црна боја – стои името Alfa Romeo. Интересно, никаде не стои името Junior, ниту пак има моделска ознака. Задниот дел го заокружува прилично големиот заден спојлер, кој како да навестува за духот на Junior.

Интимна, спортска кабина со многу Alfa Romeo детали

Одиме внатре! Ја отвораме возачката врата и нè пречекува кабина која привлекува со комбинацијата од материјали и текстури, како и неизбежните Alfa Romeo детали. Пред возачот во рамка која евоцира спомени на традиционалните инструменти на брендот е поставен дигитален дисплеј со висока резолуција, додека ниско на инструмент-таблата е поставен мултимедијалниот уред.

Во време кога мултимедијалните уреди се поставуваат високо и изгледаат како „наштрафени“, вистинско освежување е да се види мултимедијален уред кој е поставен пониско.

Веднаш под него има место за чување мобилен телефон (со безжичен полнач, секако) додека на централниот гребен се поставени старт-копчето, селекторот за пренос и селекторот за режим на возење.

Седиштата се спортски и се седи прилично ниско за кросовер. Ќе истакнеме дека се навистина комфорни и дека се делумно обвиени во кожа, а во потпирачите за глава е втиснато логото на Alfa Romeo. Генерално, кабината е привлечна и спортска, но ќе забележиме на некои од пластиките кои се нијанса прецврсти за сегментот во кој ќе се натпреварува Junior. Инаку, управувачот е одлично димензиониран и на средината гордо стои логото на Alfa Romeo. Се прилагодува по длабочина и височина, па лесно се наоѓа идеална позиција за возење.

Поврзано:  Пристигна Alfa Romeo Junior!

Кога сме кај возењето немаме никаква забелешка ниту на прегледноста, ниту на возачката позиција. Кабината на Junior е замислена да биде нијанса поинтимна во однос на другите конкуренти, со цел подобро да се истакне чуството на „кокпит“. Ова не влијае премногу на просторноста на задната клупа каде двајца патници ќе седат прилично комфорно, а добиваат и свои USB-C приклучоци.

Интересно, Junior е на самиот врв на класата кога станува збор за багажниот простор – може да се пофали со багажник со капацитет од одлични 415 литри, односно повеќе од 1200 литри со преклопени задни седишта.

Хибриден 1.2-литарски турбо-бензинец, но со малку Alfa Romeo магија

Под предниот поклопец на Junior се наоѓа хибридниот, 1.2-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој станува сèприсутен во понудата на Stellantis. Сепак, тука инженерите на Alfa Romeo попрскале малку од својата магија, па дури и хибридниот турбо-бензинец има поинтензивен, поагресивен карактер.

Да, и понатаму ги испорачува очекуваните 136 коњски сили при 5500 вртежи во минута и истите 230 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута, но префрлете го DNA-селекторот во Dynamic режим и Junior се трансформира во мини Мистер Хајд. Малиот турбо-бензинец реагира поподготвено на секое притискање на педалата за гас, 6-брзинскиот еDCT менувач со двојна спојка подолго ги „држи“ вртежите и Junior изненадува со подготвеноста да забрзува нанапред со ентузијазам кој лесно ги надминува овие „суви бројки“.

И вистина, во живо – Junior како да е значително побрз од официјалните 8.9 секунди до 100 километри на час. А ниту звукот од три-цилиндерскиот турбо-бензинец не е лош. Максималната брзина е одлични 206 километри на час, а пеналот „на пумпа“ (доколку сте внимателни, секако) е околу 6.5 литри бензин на 100 изминати километри во градски услови.

Значителен удел во ефикасноста има хибридниот систем, кој користи мала батерија поставена под совозачкото седиште за да напојува електромотор со моќност од 28 коњски сили и 50-тина Nm вртежен момент, вграден во менувачот. Овој електромотор е задолжен за задвижување на Junior и движење во градскиот метеж. Од Alfa Romeo кажуваат дека околу 50% од градското возење може да биде на струја и по она кое го видовме ние за време на тестирањето, нема зошто да не се согласиме.

Поврзано:  Пристигна Alfa Romeo Junior!

Инженерите на Alfa Romeo го извлекле максимумот од платформата

И по сето ова, како е зад управувачот? Малиот Junior успеа да нè изненади, бидејќи инженерите на Alfa Romeo навистина успеале да го извлечат максимумот од платформата. Управувањето е брзо – но не е нервозно – и изненадувачки, успева да пренесе информации од подлогата. Истовремено, суспензијата е прилично рафинирана и успева да не пренесе непосакувани вибрации во кабината, но притоа не дозволува скоро никакво навалување во свиоци и влева доверба во можностите на Junior. Во оној момент кога ќе ги надминевме можностите на шасијата, добивавме предвидливо и безбедно подуправување. Но во вистинскиот свет, Junior нема право да е толку забавен!

Junior покажува дека малите кросовери не мораат да бидат здодевни и не е нипто помалку Alfa Romeo од другите модели на Alfa Romeo.

Океј, и каде сме сега? Малиот, Junior, е навистина интересен. Влезот на Alfa Romeo во овој сегмент мораше да биде претпазлив, но истовремено и подготвен. Junior го влече најдоброто од платформата и покажува дека дури и суб-компактните кросовери не мораат да бидат здодевни.

Да, Junior е најмалиот модел во моменталната понуда на Alfa Romeo (и не очекуваме дека Alfa Romeo ќе направи уште помал автомобил), но тоа не значи дека е помалку Alfa Romeo Tonale, Stelvio или Giulia. Да, хејтерите ќе хејтаат, но само ќе им препорачаме да седнат зад управувачот и самите да се уверат. Junior е вистинска Alfa Romeo, со сè што тоа значи!

Спецификации

Модел: Alfa Romeo Junior 1.2 136 MHEV Ibrida Speciale
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV
Моќност: 136 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 8.9 секунди
Максимална Брзина: 206 километри на час
Должина: 4173 mm
Ширина: 1981 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1535 mm
Тежина: 1305 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2557 mm
Багажен Простор: 415 – 1280 литри
Потрошувачка: 6.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Alfa Romeo 1.2 136 Hybrid eDCT6 – 29.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Alfa Romeo Junior 1.2 136 MHEV Ibrida Speciale – 36.400 Евра
Гаранција: 2 години / Неограничен број на километри
Повеќе Информации: AlfaRomeo.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.