ПРЕМИЕРА: Volvo го претстави целосно-новиот ES90! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volvo го претстави целосно-новиот ES90!

Од Volvo кажуваат дека новиот ES90 не е ниту седан, ниту пак SUV, туку дека припаѓа во сопствена класа и дека самите купувачи ќе одлучат каде всушност припаѓа.

И да, и ние ќе се согласиме дека ES90 не изгледа ниту како конвенционален седан, ниту пак како SUV. Да, формата е седанска, но растојанието од подлогата е поголемо во однос на класичен седан. Без разлика, ова е новиот знаменосец на Volvo и заедно со EX90 е на самиот врв на понудата на брендот.

Секако, тука се неизбежните „Чеканот на Тор“ предни светла. Предниот дел е заострен, со вертикални дневни светла во краевите на предниот браник и централно-поставен отвор за воздух. Профилот е типичен за седан, со карактеристичниот „three-box“ пристап. На задниот дел забележуваме интересно-изведени светла со C-форма во долниот дел и вертикално-интегрирани светла во задното стакло. Ни се допаѓа дека задната регистерска табличка е во вратата од багажникот, а кога сме таму, особено ни се допаѓа големата петта врата за полесен пристап до багажниот простор.

Инаку, ES90 е целосно-електричен. На самиот старт ќе бидат понудени три варијанти – Single Motor со погон на задните тркала и огромна батерија со капацитет од 92 kWh (достапни 88 kWh). Оваа верзија има 245 коњски сили и може да помине околу 640 километри со едно полнење на батериите. Потоа, тука е Twin Motor верзијата со погон на сите четири тркала и 442 коњски сили, која добива поголема батерија и може да помине околу 700 километри со полни батерии.

На самиот врв е Twin Motor Performance кој ја добива истата, поголема батерија (со капацитет од 106 kWh, достапни 102 kWh) и има вкупно 670 коњски сили. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 3.9 секунди. Оваа изведба исто така може да помине околу 700 километри со полни батерии, а кај сите верзии максималната брзина е ограничена на 180 километри на час.

Поврзано:  Volvo го продолжува животот на XC90

Кабината е скапа и луксузна, но минималистичка. На средината на конзолата е поставен 14.5-инчен вертикален екран преку кој се контролираат повеќето функционалности. Секако, тука се и луксузните елементи – како на пример Bowers & Wilkins аудио уред со 25 звучници, а бидејќи е Volvo, неизбежни се и сите системи за активна и пасивна безбедност.

Задолжена за сите функционалности е Nvidia Drive AGX Orin платформата која може да направи повеќе од (неверојатни) 500 милијарди калкулации секоја секунда. Според Anders Bell, главниот инженер на Volvo, оваа платформа е најмоќната на пазарот во однос на перформансите.

Архитектурата на ES90 испорачува 800-волтен систем за полнење. Според Volvo, системот овозможува полнење со максимални 350 kW, односно 300 километри се дополнуваат за 10 минути, а полнењето од 10 до 80% може да трае само 20 минути – со пристап до доволно брз полнач, секако.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.