ТЕСТ: Lynk & Co 01 PHEV – Океј, ова е нешто ново… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lynk & Co 01 PHEV – Океј, ова е нешто ново…

Го возевме Lynk & Co 01, кој во бескрајното море на разно-разни SUV и кросовер модели, треба да биде навистина добар за да се докаже.

Првиот контакт со Lynk & Co го имавме пред само неколку седмици. На европската презентација во Словенија го возевме целосно-електричниот Lynk & Co 02 и нема да криеме дека бевме навистина пријатно изненадени. Да, Lynk & Co е сосем нов бренд (и тоа не само на нашиот пазар), но благодарение на огромното искуство на Volvo, ресурсите на Geely и иновативноста на грст храбри одметници, успеа да се наметне како навистина сериозен и интересен играч кој пристапува кон работите маааалку поинаку.

Lynk & Co 01 изгледа како да доаѓа од Cyberpunk 2077

Како тоа? Па уште на прв контакт со 01 (и повторно, да напоменеме, не о-еден туку нула-еден) се забележува различниот дизајн. Дизајнерите на Lynk & Co биле доволно храбри да си играат не само со линии и форми, туку и со материјали, бои и светлина, за да добијат дизајн кој е едноставно… Поинаков. Дури малку Cyberpunk.

На предниот дел вниманието веднаш оди кон високо-поставените дневни светла, додека оние „вистинските“ светла се поставени под нив и интегрирани во предната решетка, што пак ги прави некако „невидливи“. Долниот дел од браникот е комплексен, со многу слоеви и површини.

Профилот има конвенционална SUV форма, но благодарение на „издлабените“ контури на вратите, синиот декоративен елемент во кровот и самиот црн кров се добива илузија на покупеовска, подинамична форма. Особено ни се допаѓаат големите тркала и наменски-несиметричните сини детали во нив.

Задниот дел е уште покомплексен, со голем заден спојлер и нагласен споен светлосен елемент и светла со супер-комплексни детали. Во долниот дел од браникот е поставена имитација на дифузер, но затоа има и вистински, препознатливи завршетоци на издувниот систем. Да кажеме дека дизајнот на 01 е поинаков, нема да кажеме доволно.

Ова е одличен пример за „одврзани раце“ пристап кон дизајнот, и треба да уживаме во ваквите автомобили.

Просторна, премиум и хај-тек кабина

А кога ќе ја отвориме вратата, нè пречекува навистина премиум ентериер. Првото кое го забележуваме се одличните, супер-комфорни седишта кои се обвиени во текстил добиен од рециклирани материјали. Пред нас е управувачот и дигиталните инструменти, додека на средината на арматурната табла е поставен голем дигитален дисплеј за инфозабавниот систем и навигацијата.

За среќа, 01 ги задржува повеќето физички контроли – имаме одлични „тркалца“ за контролирање на клима-уредот, а нивната функција се менува со притискае. Имаме и физичка рачка за менувачот и физички контроли за уште неколку најважни функционалности.

Инфозабавниот уред е со висока резолуција и нуди лесно поврзување со мобилен телефон, како и Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Под големиот екран е поставен безжичен полнач за мобилен телефон.

Инаку, во кабината навистина преовладуваат квалитетни материјали и врвна завршна обработка. И тука веќе се препознаваат огромното искуство и експертиза на Volvo. Ни се допаѓа и комбинацијата на материјали, текстури и бои кои ја издигнуваат атмосферата во кабината на скалило-две повисоко ниво. Дури и прекинувачите за отворање и затворање на прозорците добиле екстра-внимание.

Не е заборавено ниту на патницте на задната клупа. Двајца патници ќе седат комфорно, за тројца е веќе тесничко но не е невозможно. Од друга страна, патниците на задната клупа добиваат централен наслон, но и USB-A и USB-C приклучоци за полнење на мобилни уреди.

Багажниот простор е во рамките на очекуваното за класата. Преку големата петта врата се пристапува кон багажник со капацитет од 466 литри. Формата на багажникот е правилна, па лесно ќе натоварите и поголем товар, а со преклопување на задните седишта добивате вкупен капацитет од 1213 литри. По подот во багажникот има место за складирање на каблите за полнење и слични други работи.

Плаг-ин хибриден погон, 70-тина километри на струја, 260 коњски сили!

Каблите за полнење? Па да, 01 е плаг-ин хибриден SUV и всушност ја доли платформата со Volvo XC40. Во оваа конфигурација, комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили со батерија со капацитет од 17.6 kWh (достапни 14.1 kWh) и електромотор кој испорачува 81 коњска сила 160 Nm вртежен момент. Системската моќност е одлични 261 коњска сила и 425 Nm вртежен момент. Но вистинската тајна на погонот е автономијата на струја. Lynk & Co ветува автономија од 75 километри на струја, а ние успеавме да поминеме нешто повеќе од 65 километри пред воопшто да се вклучи бензинецот. И за дневни потреби – тоа е навистина повеќе од доволно.

01 има три режими на возење – Pure, Hybrid и Sport. Pure режимот е целосно електричен, Hybrid го комбинира погонот по потреба (и овозможува импресивно-ниска потрошувачка од под 5 литри бензин на 100 изминати километри), додека Power режимот ја испорачува сета сила и ги нуди најдобрите перформанси. А тие не се за занемарување – 100 километри на час пристигнуваат за рамно 8 секунди, додека максималната брзина е 210 километри на час.

Батеријата на 01 можете да ја полните на обичен полнач или пак на брз полнач. Во домашни услови, очекувајте полнењето да трае околу 7 часа, додека на брз полнач нешто повеќе од 2 часа. Да, тоа не е некоја луда брзина, но плаг-ин хибридните возила се замислени да ги полните дома, преку ноќ, на евтина струја (нормално). Имаме забелешка на недостатокот систем за „закажување“ на полнење – нема опција да му кажете на автомобилот дека иако е приклучен на полнач, да не почне со полнење во (да речеме) 22:30 часот и да се полни до 06:30 часот (на евтина струја). Но и за ова има решение – или тајмер на самиот приклучок за струја, или пак инвестирајте во побрз полнач кој самиот има тајмер.

Премиум однесување на патот

Инаку, однесувањето на 01 на патот е навистина премиум. Да, ова е тежок SUV, но суспензијата успева идеално да ги впие нерамнините од нашите патишта, а во кабината суверено владее мирот. Нема ниту претерано навалување во свиоци, сè е успешно контролирано. Управувањето е прецизно, но без повратни информации од подлогата, а звучната изолација е навистина одлична – дури и при повисоки брзини во кабината не е бучно, освен можеби малку несакана бучавост од големите странични ретровизори.

Во суштина, 01 се однесува како што и очекуваме да се однесува премиум SUV. Дури и при подинамично возење, успева да ја задржи сталоженоста и иако не е спортски SUV кој ќе ви ја зоврие крвта во вените, сепак е доволно интересен зад управувачот. Секако, кога ќе претерате е наклонет кон подуправување, но дури и подуправувањето е предвидливо и контролирано.

„Сите Нишани“

А да, и пред самиот крај. На нашиот пазар, Lynk & Co 01 е достапен само во врвно ниво на опрема, кое ние одлучивме да го нарачеме „Сите Нишани“. Добивате одлични спортски седишта со загревање, сите системи на светот за безбедност, системи за асистенција во возењето, огромен стаклен сончев кров…

Заклучок? Навистина не го очекувавме ова.

И сега, каков е заклучокот? Па да, навистина не го очекувавме ова. Океј, имавме некои и некакви очекувања, особено по првиот контакт со 02, но навистина не очекувавме дека 01 ќе успее толку многу да нè импресионира. Од дизајнот, преку комфорната кабина, врвните технологии, па сè до моќниот плаг-ин хибриден погон… Можеби ќе бидеме здодевни, но навистина не го очекувавме ова! Живееме во нови времиња.

Спецификации

Модел: Lynk & Co 01 PHEV
Погон: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Електромотор + Батерија
Моќност: МВС: 180 коњски сили / 5500 вртежи во минута
ЕМ: 81 коњскa силa
Системски: 261 коњскa силa
Вртежен Момент: МВС: 265 Nm / 1500 вртежи во минута
ЕМ: 160 Nm
Системски: 425 Nm
Менувач: Автоматски, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4541 mm
Ширина: 2141 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1694 mm
Тежина: 1879 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2734 mm
Багажен Простор: 466 – 1213 литри
Потрошувачка: 2.1 литри на 100 километри (измерена, градска, со полна батерија)
Цена на тестираниот модел: Lynk & Co 01 PHEV – 39.990 Евра
Повеќе Информации: Lynk & Co Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.