Lynk & Co одлучи да го донесе големиот 08 во Европа. Големиот плаг-ин хибриден SUV може да помине повеќе од 200 километри со едно полнење на батериите, а кога ќе се вклучии турбо-бензинецот во приказната, автономијата е повеќе од 1100 километри!
Големиот 08 е поставен на CMA Evo платформта – темелно ревидирана верзија на CMA архитектурата, за да може идеално да ги задоволи потребите на големиот SUV и неговиот напреден погон.
А кога сме кај погонот, 08 е придвижуван од 1.5-литарски турбо-бензинец и три електромотори, а тоа значи погон на сите четири тркала и безмалку неверојатни 593 коњски сили и 905 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри на час трае само 4.6 секунди, а големата батерија со капацитет од 39.6 kWh овозможува автономија на струја од над 200 километри. Во моментов, тоа се спецификациите за 08 за кинескиот пазар а во исчекување сме за официјалните, европски технички спецификации.
Сепак, Lynk & Co потврдија дека 08 ќе може да помине повеќе од 1100 километри со полн резервоар и полни батерии. Гордо кажуваат дека со воведувањето на 08 на европскиот пазар, стартуваат нова ера на одржлива мобилност, со тоа што ќе овозможат возење на електрична енергија за оние кои не се подготвени целосно да се посветат кон возење целосно-електрично возило. Истовремено, додаваат и бидејќи 08 има можност за брзо DC полнење, батериите се полнат од 10 до 80% за 33 минути.
Инаку, 08 е вистински технолошки шоукејс. Во кабината има голем 15.4-инчен самоносечки екран, како и 12.3-инчен панел за инструментите. Но она кое е навистина импресивно, е огромниот, 92-инчен (да, 92, добро прочитавте) AR-HUD хед ап дисплеј со надградена реалност. Во Кина се користи систем развиен во соработка со Meizu, но се очекува дека Европа ќе добие систем базиран на оној кој веќе го видовме кога неодамна го возевме 02.
Lynk & Co најави дека 08 ќе биде достапен веќе летово и дека европсктите цени ќе започнуваат од навистина конкурентни 52.995 Евра. Со нетрпение го очекуваме и кај нас!