Mercedes-Benz објави дека тестира EQS со понапредна, цврста батерија која нуди автономија до 1000 километри со едно полнење.
Според официјалните информации кои пристигнаа од Mercedes-Benz, германскиот гигант тестира „малку модифициран“ EQS кој користи литум-метална цврста (solid state) батерија. Од Mercedes-Benz кажуваат дека „кога батеријата се полни, материјалот се шири, а кога се празни, се собира.“ За сето ова да функционира, батеријата има „пневматски актуатори кои имаат интеракција со волуменот на ќелијата при полнење и празнење, а тоа пак влијае на перформансите и животниот век на батеријата.“
Дополнително, батеријата користи цврст наместо течен електролит. Ова ја подобрува безбедноста и овозможува да се користат други материјали за анодите. Ова пак овозможува да се подобри енергетската густина до 450 Wh по килограм. Сето ова е во насока на зголемена автономија со батерии со еднаква тежина, или пак иста автономија но со значително помали и полесни батерии.
А што значи сето тоа за прототипот на Mercedes-Benz? Електричниот EQS со овие батерии има досег до 1000 километри, околу 25% повеќе од еквивалентнта литиум-јонска батерија со иста големина и тежина. Стандардниот EQS 450+ има огромна батерија со капацитет од 118 kWh, која пак овозможува автономија од нешто над 800 километри.
Mercedes-Benz се првите кои успешно интегрираат цврста батерија во продукциско возило. Siyu Huang, извршниот директор на Factorial Energy, компанијата која ја произведе батеријата кажува дека ова е историски успех за електричната мобилност.