Новиот Fiat 600 има важна улога – од една страна, треба да биде своевиден наследник на супер-популарниот 500X, а од друга страна треба да го пренесе Fiat во сосем ново поглавје.
Би било многу лесно само да кажеме дека новиот 600 е наследник на 500X, да уфрлиме неколку зборови на италијански (малку „Долче Вита“ оваму, малку „Белисимо“ онаму) и тука некаде да ја завршиме дискусијата. Но тоа навистина не би било фер кон новиот кросовер на Fiat. Не би било ниту фер, ниту пак доволно.
600 е првиот нов автомобил на Fiat во рамките на Stellantis
Новиот 600 е првиот нов автомобил на Fiat развиен по спојувањето со Stellantis. Да, може да го споменеме електричниот 500е, но тој беше развиен уште во времето на FCA, додека 600 е развиен под закрилата (и со технологии) на Stellantis.
А што значи тоа? Накратко кажано – докажана и проверена платформа и нов електричен и хибиден погон. А ако сакаме да навлеземе во малку повеќе детали, ќе дополниме дека 600 е поставен на eCMP платформата која веќе ја користат и други слично-димензионирани модели од портфолиото на Stellantis. Најблиски му се Jeep Avenger (кој го возевме минатата година, тестот можете да го прочитате тука) и Alfa Romeo Junior кои се произведуваат покрај 600 во фабриката на Stellantis во Тиши, Полска.
Плус, 600 е развиен со електрификацијата на прво место. А тоа пак значи дека во основа, 600 е замислен да биде целосно-електричен автомобил, но и дека платформата дозволува интегрирање на напреден хибриден погон.
Истиот оној хибриден погон кој комбинира 1.2-литарски турбо-бензинец со електромотор поставен во менувачот и мала батерија која се крие под совозачкото седиште. Овој погон испорачува вкупно 136 коњски сили, а електромоторот е задолжен за задвижување на 600, маневрирање при ниски брзини и движење во „тргни-застани“ ситуации – и со тоа ветува повеќе од добри перформанси во комбинација со исклучителна ефикасност.
Во превод, сето тоа значи спринт до 100 километри на час за 8.5 секунди и максимална брзина од 200 километри на час. Секако, дополнителните 21 коњска сила и 50-тина Nm вртежен момент од електромоторот го прават искуството да биде линеарно и опуштено, а сето тоа резултира со просечна потрошувачка од околу 6.5 литри бензин на 100 километри во градски услови. Погонот ја пренесува силата кон предните тркала преку 6-брзинскиот e-DCT менувач со двојна спојка, во кој (како што напоменавме) е интегриран електромоторот.
Храбрите бои одлично му прилегаат на 600
Но доволно за возењето, ајде да зборуваме за тоа како изгледа 600. А изгледа навистина современо, особено во оваа црвено-портокалова боја. На предниот дел вниманието веднаш оди кон „очите“ и несекојдневните „трепки“. Предните светла храбро ја потенцираат врската на 600 со помалиот брат, Fiat 500, но сепак 600 е поголем и понаметлив. Во долниот дел од браникот се наоѓаат отворите за воздух, додека на средината, меѓу предните светла гордо стои ознакатa 600.
Профилот е динамичен и тука најлесно се препознава врската меѓу 500Х и 600. Карактерната линија е поставена високо, додека стаклените површини се релативно ниски, исто како и кровната линија. Сето тоа наметнува интересен, динамичен и самоуверен став.
Задните светла се уште една визуелна врска меѓу 600 и 500, но покомплексната графика кај 600 им дава засебен, можеби нијанса повозрасен лик. На средина, меѓу светлата е поставена значката на Fiat додека во долниот дел од браникот е втиснато логото на 600, а сличен детаљ има и во долниот дел од задните врати.
Во ред, очигледно е дека 600 следи дизајнерски насоки од супер-популарниот 500 – но тоа воопшто не е лоша работа. Напротив, дизајнерските решенија од 500 одлично се пренесуваат во поголема и попрактична форма, но без притоа да бидат доминантни. 600 ја интерпретира филозофијата на 500 на свој начин – и би рекле, доста успешно.
Модерна кабина со ретро-инспирирани детали
Слично е и во кабината. При отворање на широката возачка врата нè пречекува просторна кабина со многу интересни детали. Првото кое го забележуваме се седиштата кои се обвиени во текстил во кој е втиснато логото на Fiat. Седиштата не само што изгледаат одлично, туку и се навистина комфорни. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, а и лесно се снајдовме во кабината.
Пред возачот е поставен 7-инчен дигитален дисплеј со неколку различни режими на приказ, додека на средината на предната табла е поставен голем 10.25-инчен дигитален дисплеј наменет за навигацијата и мултимедијалните функционалности. Секако, има и Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
Веднаш под екранот се физичките кратенки до „домашниот“ екран и омилените функционалности околу автомобилот, но и физичките контроли за клима-уредот. Под нив се контролите за менувачот, во форма на четири засебни PRND копчиња. Копчињата изгледаат интересно и овозможуваат повеќе простор во гребенот меѓу возачот и совозачот, но „бараат“ малку навикнување – односно при првите маневри, треба да се погледне во нив за да се најде копчето за движење наназад или нанапред.
Атмосферата во кабината е шармантно-италијанска. Дизајнерските решенија се несомнено интересни, но би сакале малку повеќе боја во ентериерот. Некои од пластиките се цврсти, но затоа би требало да бидат долготрајни, а за среќа Fiat нуди опции за персонализација на ентериерот, па можете дополнително да ја оплемените кабината по сопствен избор.
Задната клупа нуди доволно простор за двајца патници, дури и за подолги патувања. По потреба, ќе собере и тројца, но тоа би го препорачале само за пократки патувања кон поблиски дестинации. Задната клупа се дели во однос 60:40, а багажникот е со капацитет од 385 литри, односно нешто повеќе од 1200 литри со преклопени задни седишта.
Безбедно зад управувачот
Зад управувачот, 600 е токму она кое го очекуваме. Управувањето е доволно директно за да биде забавно, но да не биде заморно. Автоматскиот управувач го олеснува движењето во град, но ќе напоменеме дека регенеративното кочење е вклучено цело време и нема опција да се деактивира. Суспензијата без приговор ги впива нерамнините од нашите улици, а дополнителното оддалечување од подлогата значи дека 600 е подготвен и за (внимателни, секако) теренски авантури до вашата викендичка, или нешто слично.
Неизбежен заклучок: Fiat 600 горделиво го истакнува италијанскиот темперамент
Сето ова нè носи до неизбежниот заклучок. Fiat многу добро знае да прави мали автомобили, но одлично се снаоѓа и со оние малку поголемите. Плус, Fiat можеби најдобро ја погодува онаа толку-тешката-за-погодување ретро-модерна рамнотежа и тоа одлично го демонстрира со 600. Италијанскиот темперамент не е изгубен, туку напротив – тој горделиво се забележува и во најситните детали. Белисимо!
Спецификации
Модел: | Fiat 600 1.2 Hybrid 136 AT |
Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV |
Моќност: | 136 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 230 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 8.5 секунди |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4171 mm |
Ширина: | 1981 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1536 mm |
Тежина: | 1275 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2557 mm |
Багажен Простор: | 385 – 1256 литри |
Потрошувачка: | 6.6 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Fiat 600 1.2 Hybrid 100 AT – 21.500 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Fiat 600 1.2 Hybrid 136 AT – 23.700 Евра |
Повеќе Информации: | Fiat.mk |