Lynk & Co директно покажува што може да направи тим изграден од искусни и внимателни луѓе кога ги имаат потребните ресурси и саканата слобода да го прават она кое најдобро знаат.
Што по ѓаволите е Lynk & Co?
Ајде веднаш да одговориме – што по ѓаволите е Lynk & Co? Многумина (најверојатно погрешно) мислат дека брендот е кинески, но вистината е дека брендот е основан во Гетеборг, и тоа со луѓе кои потекнуваат од Volvo. Да, LYNK&CO е резултат на новонајдената слобода која произлезе од припојувањето на Volvo кон кинескиот гигант Geely, но тоа го прави кинески бренд исто колку што и Volvo е „кинески“ бренд. Од неодамна, Lynk & Co е присутен и на нашиот пазар преку застапникот Delfino Mobility Group, компанијата која е застапник и за Geely.
Приказната започнува со CMA. Но вистинскиот „момент“ всушност доаѓа кога Lynk & Co ја добива наредбата да развие самостоен дизајн врз основа на оваа платформа – и тука доаѓаат на свет моделите 01, 02 и 03. На оваа платформа е поставен и Geely Starray, кој успеа навистина да нè импресионира кога неодамна го имавме на тест.
Сега, неколку години подоцна можеме да зборуваме за сосем нова платформа – SEA, односно Sustainable Experience Architecture. Платформата е развиена од Zeekr, а наменета за многу различни модели во рамките на групацијата, меѓу кои и Volvo EX30 кој го возевме минатата година. И токму на оваа платформа е поставен и новиот – сега веќе втора генерација, и за прв пат целосно-електричен – 02, за кој зборуваме денес.
А да! Пред да продолжиме, што всушност значи Lynk & Co? Одговорот на ова прашање вистински го доловува духот на компанијата, а го добивме од Дејвид Грин, одговорниот за Стратегија, Продукти и Понуди во Lynk & Co.
А одговорот е дека од самиот старт, сакале да направат нешто сосем различно, сосем издвоено од Volvo. Интерното кодно име за брендот бил Lynk, бидејќи сакале да работат на взаемно-поврзани возила. Па така, при едно патување во автомобил, на голем шопинг-центар забележале брендови како Abercombie & Finch и Pull & Bear – и одлучиле дека мора да имаат & во името. И ете.. Lynk & Co.
Океј, сега можеме да зборуваме за Нула-Два.
Океј, сега веќе можеме да зборуваме за 02. Не о-два, туку нула-два. Првиот впечаток е дека 02 навистина не наликува на ниту еден друг автомобил. Формата е чиста и флуидна, водена од аеродинамиката. Па горниот дел на предницата се поставени дневните светла, додека предните светла се спуштени нииииско во браникот, како да се скриени.
Профилот е чист, без непотребни елементи – нема ниту исфрлени рачки на вратите. Профилната линија е нежна, додека линијата на стаклените површини се издигнува кон задниот дел. Кровот е во црна боја, а големите тркала убаво ги пополнуваат крилата.
Многу интересно се поставени задните светла, кои покрај тоа што нели функционираат како светла, играат и улога на дискретен заден спојлер. Во долниот дел од задницата е поставена голема црна пластика која изгледа како дифузер, но и визуелно ја намалува вертикалноста на задниот дел.
02 навистина не наликува на ниту еден друг автомобил. Слободата да се биде максимално креативен и од самиот старт да се тргне со идејата дека „не сакаме да личиме на ништо друго“ резултира со вакви храбри, препознатливи автомобили. Ни се допаѓа!
Максимален фокус кон технологиите и минимализмот
Во кабината максимален фокус е даден кон минимализмот. На моменти дури би рекле и малку претерано, но затоа визуелниот ефект е одличен. Пред возачот е поставен мал дисплеј со најважните информации околу возењето, додека на средината на предната конзола е поставен голем, хоризонтално-интегриран инфозабавен уред.
Инфозабавниот систем е изграден врз Android, со засебно-дизајниран интерфејс. Системот работи импресивно брзо (а и мора да биде така, бидејќи користи Snapdragon 8155 процесор, односно платформа развиена специјално за интегрирање во автомобили) и лесно се поврзува со секаков паметен уред. Дали ваквото решение е идеално? Не, би сакале физички контроли барем за клима-уредот, но вистината е дека веќе лесно и (релативно) брзо се навикнуваме на овие решенија.
Седишатата се од-лич-ни! Обвиени се во имитација на кожа и нудат одличен комфор и странична поддршка. Меѓу седиштата е практичната кутија за складирање ситници, а под инфозабавниот уред се поставени два полначи за мобилни телефони.
Управувачот е со интересна, неправилна форма и се нагодува по височина и по длабочина. Хаптичките контроли се лесни за користење и токму онаму каде и очекуваме да бидат. На задната клупа има доволно простор дури и за двајца повисоки патници, а багажникот е со капацитет од 410 литри, односно 1349 литри со преклопени задни седишта. Има и преден багажник со капацитет од 15 литри, воглавно наменет за складирање на каблите за полнење.
Одличен досег, брзо полнење
А кога сме кај полнењето, 02 е поставен на 400-волтна архитектура и има батерија со нето капацитет од 66 kWh. Погонот е на задните тркала, а нив ги задвижува електромотор кој испорачува 272 коњски сили и 323 Nm вртежен момент.
Во зависност од режимот на возење, силата се испорачува на различен начин. Во Eco режим, испораката е „затапена“ со цел да се добие поголема автономија. Во Normal, испораката е.. Па, нормална и нуди идеална комбинација меѓу автономија и перформанси. Во Sport, испораката е инстантна и 02 граби нанапред со ентузијазам кој успешно ја сокрива масата од (за ЕВ не превисоки) 1820 килограми. Дури и со четворица во автомобилот!
А што е со автономијата? Lynk & Co ветува 435 километри комбиниран досег, односно скоро 600 километри во градски услови. Секако, тоа ќе го провериме кога ќе го добиеме 02 на тест.
Во домашни услови на спор полнач, 02 може да се полни со максимални 11 kW, односно 22 kW во зависност од изведбата. На брз полнач, 400-волтната архитектура овозможува полнење со максимални 150 kW, што пак овозможува полнење од 10 до 80% за околу 30 минути.
Изненадувачки агилен, одлични системи за автономно возење
Возењето е комфорно, но 02 не ги крие своите гени. Електричниот кросовер ја менува насоката на движење со подготвеност која не ја очекувавме. Нема нагласено навалување во свиоци и целото тело на автомобилот е одлично контролирано. Секако, се препознава дека погонот е на задните тркала и дури можете малку и да го испровоцирате – но сето тоа е контролирано и безбедно, секако.
Ќе ги истакнеме и системите за автономно возење кои едноставно – функционираат. И тоа не само на автопат, туку и по магистрални патишта. Lynk & Co без никаков приговор го следи патот, самиот забрзува или ја намалува брзината кога е потребно и самиот го следи текот на сообраќајот.
Треба да уживаме во ваквите автомобили
Lynk & Co е интересен бренд. Името е несекојдневно, дизајнот е несекојдневен, пристапот е несекојдневен. Навистина е интересно да се види што може да направат еден бренд и тимот позади него кога се оставени „на раат“ да работат и да креираат нешто поинакво. Тежок е товарот кој доаѓа со познато име, но кога тој товар го нема…
02 е директен резултат на сето ова. Нема да биде по сечиј вкус, но тоа и не е толку важно. Она што е важно е дека во сè понагласената хомогенизација на автомобилската индустрија, вакви брендови и вакви автомобили се истакнуваат. И треба да уживаме во нив!