ВОЗЕВМЕ: По шпанските патишта зад управувачот на освежените Citroën C4 и C4 X – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: По шпанските патишта зад управувачот на освежените Citroën C4 и C4 X

Citroën подготви освежување за C4 и C4 X, а ние имавме можност да седнеме за управувачот на освежените модели како во хибридна, така и во целосно-електрична варијанта.

C4 и C4 X се автомобили кои лесно ги пронајдоа своите купувачи – едниот е супер-комфорен хечбек, другиот е супер-комфорен седан. За едниот Citroën сака да каже дека е најспокојниот и најмодерен C4 досега, за другиот дека е просторна дневна соба во форма на естетски fastback.

Еве не, само неколку години по нивното деби и Citroen подготви освежување за своите модели од компактната класа, со цел да ја задржи нивната конкурентност на пазарот, но и да ги направи уште поинтересни за купувачите.

C4 и C4 X изгледаат некако… Вонземски.

И првиот визуелен впечаток е дека C4 и C4 X изгледаат некако… Вонземски. Од Citroën кажуваат дека предниот дел на новите автомобили е поедноставен и почист, а ние би додале и дека е храбар, особено со „искршените“ линии и форми. Предните светла се целосно изменети, со два мини LED елементи на секоја страна и по уште два под самите светла. Светлосниот идентитет е препознатлив и ги прави C4 и C4 X да бидат понаметливи.

Профилот кај обата автомобили е неизменет – C4 и понатаму е хечбек со кросоверски став, C4 X и понатаму е стилски купе-седан со кроосверски став. Кај C4 се забележуваат редизајнирани задни светла и широка ознака CITROEN поставена на петтата врата, додека задниот дел на C4 X нема претрпено драстични измени, но сепак задните светла се дискретно затемнети. Покрај тоа, добиваме и нови бои, како и нови дизајни на тркалата.

Поврзано:  Dacia Duster е избран за AUTOBEST Best Buy Car of Europe за 2025!

Сè на сè, естетските измени се забележителни, но не застрануваат премногу од досегашната формула – Citroën многу добро знае кон што цели и кон кои вистински вредности треба да се насочи.

Хибриден и ефикасен турбо-бензинец

Достапни ни беа две изведби за возење – хибридна и електрична. Прво седнавме зад управувачот на хибридниот C4 кој комбинира 1.2-литарски PureTech турбо-бензинец со електромотор вграден во менувачот со двојна спојка и мала батерија.

Овој погон не ни е непознат и веќе знаеме дека работи мазно. Бензинецот испорачува 136 коњски сили и 230 Nm вртежен момент, додека електромоторот испорачува 28 коњски сили и 55 Nm вртежен момент, кои се користат при споро движење и маневрирање, во тргни-застани услови и слични ситуации. Според Citroën, до 50% од возењето во град може да биде на струја.

На хартија, забрзувањето до 100 километри на час трае рамно 8 секунди, додека максималната брзина е 204 километри на час.

Во реалноста, комбинацијата од инстантен „буст“ од електромоторот и моќта на турбо-бензинецот нудат прилично опуштено возење. Менувачот неприметно менува брзини, а сè е насочено кон комфор.

Комфор? Комфор има на претек.

А комфор? Комфор има на претек. Сите верзии на C4 и C4 X ги добиваат прогресивните хидраулични амортизери на францускиот бренд, а новите, уште покомфорни седишта прават возењето да се чувствува како на магичен ќилим. И да, навистина е така. C4 и C4 X суверено лебдат преку супер-мазниот шпански асфалт. Останува да видиме како ќе се однесуваат по нашите, македонски патишта и очекуваме дека токму на нашите улици новите француски автомобили најдобро ќе го демонстрираат својот талент.

Поврзано:  Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

Инаку, кога сме кај седиштата – и кабините на C4 и C4 X добиваат освежување. Веќе ги споменавме новите, уште покомфорни седишта (кои сега добиваат дополнителни 15 милиметри супер-мек сунѓер), но тука се и новите технологии. Пред возачот е поставен нов 7-инчен дигитален дисплеј со најважните информации околу возењето, додека на централната конзола е поставен нов инфозабавен систем со нов систем за навигација. Плус, достапни се до 20 различни системи за асистенција во возењето меѓу кои и адаптивен темпомат со Stop & Go функционалност.

Просторната понуда на задните седишта е непроменета – а тоа значи комфорна и просторна задна клупа. C4 нуди багажен простор со капацитет од 380 литри, достапни преку голема петта врата. C4 X нуди багажник со капацитет од импресивни 510 литри, но достапни низ поконвенционален, седански поклопец. Самите одберете што повеќе Ви одговара.

Возењето „на струја“ му прилега на Citroën

По C4, седнуваме во освежениот C4 X, но овојпат во целосно-електрична конфигурација. Сме кажале и порано, па ќе кажеме и пак – возењето „на струја“ му прилега на Citroën. Комфорот, односно спокојот кој се добива со возењето на струја е тешко да се објасни, и сосем му прилега на еден Citroën. Возењето е мазно и линеарно, без никаква бука, без никакви непотребни вибрации. e-C4 X едноставно спокојно лебди по улиците, а во кабината е мирно, тивко и рафинирано.

Достапни се две електрични опции – едната со 136, другата со 156 коњски сили. Ние ја пробавме помоќната, која добива и нијанса поголема батерија и според WLTP мерењата може да помине повеќе од 400 километри со едно полнење – во идеални услови, секако.

Поврзано:  Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

На секое притискање на десната педала, C4 X мирно и (навидум) лежерно се задвижува нанапред, но вистината е дека забрзувањето до 100 километри на час трае 9.1 секунда, додека максималната брзина е 150 километри на час. Одличните 270 Nm вртежен момент достапни „од нула“ гарантираат лесно забрзување и претекнување.

Првиот контакт ги потврдува оригиналните заклучоци

Првиот контакт со освежените C4 и C4 X ни ги потврдуваат оригиналните заклучоци – автомобилите на Citroen секогаш нудат комфор на кој ривалите едноставно не можат ниту да му се приближат, не пак да го надминат. Кога станува збор за комфорот, Citroën цели високо, високо над сегментот во кој се натпреварува, а со освежувањето, C4 и C4 X се уште поинтересни, технолошки уште понапредни и некако… Уште повонземски!

Fotografii



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.