ТЕСТ: Geely Starray 1.5 GK FWD 174 7DCT – Нова ѕвезда – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Geely Starray 1.5 GK FWD 174 7DCT – Нова ѕвезда

Geely веќе уверливо настапува на нашиот пазар и најновиот, трет SUV на кинескиот бренд ветува навистина многу – но дали го исполнува ветувањето?

Веќе добро знаеме кој и што е Geely – кинескиот бренд ги има „замешано прстите“ во многу глобални брендови и веќе е вистински глобален играч. Па по одличното искуство со практичниот Atlas Pro и младешкиот и храбар Coolray, сега сме зад управувачот на моменталниот знаменосец – Starray. И очекувањата се – очекувано – огромни.

Платформата на Starray има благородни гени

Ајде прво за „основата“. Starray е поставен на CMA (Compact Modular Architecture) платформата која се користи за многу модели од портфолиото на Geely, но воедно се користи и за Volvo XC40 – и тоа веќе навистина кажува многу. Оваа платформа овозможува пристап до повеќе различни погонски опции и погонски единици, и во зависност од пазарот се нуди со бензински, хибриден, плаг-ин хибриден или пак целосно-електричен погон.

Дополнително, тоа значи дека Geely има пристап и до сите безбедносни системи и технологии кои оваа платформа може да ги искористи и кои се веќе дел од портфолиото на Volvo – а тоа пак навестува дека работите се… Прилично сериозни.

Сериозен, самоуверен дизајн

А Starray настапува сериозно и кога станува збор за дизајнот. На прв поглед, изгледа навистина самоуверено. Предниот дел е шиииирок, со истакната „геометричност“ на дизајнот. Сите детали дискретно насочуваат кон центарот, а со тоа му даваат на Starray заострен лик. Дневните светла имаат и хоризонтална и вертикална линија и всушност го дефинираат предниот дел на Starray, додека соборените и долгите светла се скриени во предната маска.

Слична динамичност забележуваме на профилот на Starray. Дискретна карактерна линија се издигнува од предното крило па кон задниот прозорец, а слична линија има и на долниот раб на стаклените површини. Од друга страна пак, опаѓачката кровна линија и остриот заден спојлер на Starray му даваат динамична, дури помалку купеовска форма.

Задниот дел е дефиниран од светлосниот елемент кој повторно комбинира вертикални и хоризонтални линии. Краевите на левата и десната страна се вертикални, а ги спојува трендовска хоризонтална лента. Во браникот вниманието оди кон декоративниот елемент, додека името GEELY е гордо поставено на средината на петтата врата.

Поврзано:  Пристигна Geely Starray!

Сè на сè – Geely изгледа навистина самоуерено и дизајнерски лесно може да се носи рамо до рамо со европски, јапонски, па и американски конкуренти. Интересната комбинација од воздржана, класична SUV форма и агресивни, самоуверени детали резултира со навистина привлечен SUV кој луѓето итекако го забележуваат по улиците.

Комфорна, хај-тек кабина со многу простор и многу опрема

Океј, одиме внатре. Ја отвораме возачката врата и првото кое го забележуваме е дека тука е… Луксузно? Нè пречекуваат седишта обвиени во имитација на кожа, сите материјали се пријатни на допир и финалната обработка е на ниво на кое можат да позавидат сериозно поскапи конкуренти.

Се сместуваме во возачкото седиште и лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција. Управувачот се нагодува по височина и длабочина, а околу нас е едноставно… Пријатно. Во ред, не ни се допаѓа нијанса прекумерното користење на пијано-црни пластики кои се вистински магнет за прашина и отпечатоци од прсти, но од друга страна, во хоризонталниот панел кој се протегнува од возачката кон совозачката врата е вградено и амбиенталното осветлување и навечер изгледа навистина богато. Пред возачот е поставен дигитален екран на кој се поставени најважните информации околу возењето, додека останатите функционалности се контролираат преку вертикално-поставениот екран.

Системот функционира прилично брзо и респонзивно (а како поинаку, кога во позадина користи Qualcomm Snapdragon 8155), а интерфејсот е воглавно логичен. Да, во ред, признаваме дека ни недостасуваат физички контроли за некои од функционалностите (како на пример за клима уредот), но вистината е дека ваквите решенија се веќе станати секојдневие и дека навистина брзо се навикнуваме, сакале или не. За жал, мултимедијалниот уред нема фабрички вградена навигација, но има безжично Apple Carplay поврзување или Android поврзување преку апликација за screen mirroring.

На централниот гребен, веднаш под екранот се безжичниот полнач, селекторот за пренос и два држачи за чаши. Во долниот дел од централниот гребен има место за складирање нешто поголемо, како и два USB-C приклучоци.

Плус, во кабината има навистина многу играчки и опрема. Сакате огромен стаклен кров? Тука е. Сакате греење на предните и задните седишта и управувачот? Има и тоа. Сакате премиум материјали, двобоен ентериер и еден куп системи за асистенција и безбедност? Да, и тоа има.

Поврзано:  Пристигна Geely Starray!

На задната клупа има навистина многу простор, можеби како во SUV кој е нијанса поголем од Starray. И на задната клупа лесно се наоѓа комфорна позиција за седење, дури и на подолго патување а амбиентот во кабината е издигнат благодарение на огрооомниот панорамски стаклен кров. Задната клупа се дели во однос 60:40, а има и средишен наслон за рацете на патниците.

И конечно, малку и за багажникот. И – како што и очекувавме – голем SUV има голем багажник. Starray може да се пофали со багажник со капацитет од одлични 650 литри, односно дури 1610 литри кога ќе ги преклопиме задните седишта. Подот на багажникот е со две нивоа, па самите одберете кое ви е попрактично, а на страните има и „кадички“ за складирање дополнителни ситници.

1.5-литарски турбо-бензинец, 174 коњски сили и автоматски менувач

Во моментов, Starray се нуди само со една погонска опција – а тоа е 1.5-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри кој испорачува 174 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 290 Nm вртежен момент од 2000 до 3500 вртежи во минута. Турбо-бензинецот ја пренесува силата кон предните тркала преку 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка. Сето тоа е многу убаво „наштимано“ и погонот работи мирно и тивко, и истовремено е подготвен да ги испорача сите перформанси кога тоа ќе се побара од него. Официјалниот спринт до 100 километри на час трае 9.7 секунди, додека максималната брзина е 197 километри на час.

А какви се „пеналите“ на бензинска станица? За време на неколкудневното дружење, измеривме градска потрошувачка од околу 9.5 литри на 100 километри, односно под 8 литри на 100 километри на отворено.

А зад управувачот?

И по сето ова, каков е всушност Starray во возење? Ако сме искрени – изненадувачки компетентен. Но ако погледнеме подлабоко и се потсетиме на платформата врз која е изграден – неговата рафинираност не би требало воопшто да биде изненадување. Низ град лесно се снаоѓа по нашите нерамни улици и скоро и да не пренесува никакви несакани вибрации во кабината. Маневрирањето е лесно (и покрај димензиите), а камерите и сензорите го олеснуваат маневрирањето во потесни ситуации и при паркирање. Прегледноста кон задниот дел не е идеална – но повторно, затоа се тука камерите.

Поврзано:  Пристигна Geely Starray!

Кога ќе го насочите Starray кон свиоци, успева да изненади неговата цивилизираност, но и агилност. Во ред – Starray не е најспортскиот SUV на планетата, но тоа воопшто не е поентата. Успева да биде динамичен и да влева доверба во неговите можности, без притоа да биде некомфорен.

На отворен пат се однесува како што очекувавме – стабилен и комфорен и само при (навистина) повисоки брзини се забележува зголемена бучавост. Но вистината е – држете се до (па и малку надминете ги) ограничувањата и Starray е комфорно, тивко место за минување многу километри.

Конкуренцијата треба да биде загрижена

И сега, како ќе ја завршиме дискусијата. Новата реалност е дека постоечките конкуренти – како европски, така јужнокорејски и јапонски – треба да бидат загрижени. Секако, предрасудите сè уште постојат, но моделите како Starray се оние кои (можеби и малку присилно) ќе направат тие предрасуди да бидат надминати. Висината е дека Starray е навистина многу добар и многу комплетен продукт. И тоа не многу добар и многу комплетен за кинески продукт, туку општо – навистина многу добар и многу комплетен продукт. Нова ѕвезда, навистина.

Спецификации

Модел: Geely Starray 1.5 GK FWD 174 7DCT
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 174 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 290 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 9.7 секунди
Максимална Брзина: 197 километри на час
Должина: 4670 mm
Ширина: 1900 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1705 mm
Тежина: 1571 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2777 mm
Багажен Простор: 650 – 1610 литри
Потрошувачка: 9.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Geely Starray 1.5 GK FWD 174 7DCT – 34.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Geely Starray 1.5 GK FWD 174 7DCT – 34.990 Евра.
Повеќе Информации: Geely Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.