Shelby го претстави новиот GT350, базиран на новиот Ford Mustang. Достапни се све изведби и помоќната има повеќе од 800 коњски сили!
Новиот Shelby GT350 е достапен во две изведби. И двете го користат 5-литарскиот V8, но „основната“ изведба располага со „само“ 480 коњски сили. Но бидете храбри и штиклирајте ја опцијата за дополнителниот 3-литарски Whipple компресор и ќе добиете вкупно 810 коњски сили!
Секако, модификациите не завршуваат таму – Shelby GT350 добива ревидирана суспензија, поцврсти стабилизатори и издувен систем од Borla. Добива и 20-инчни ковани тркала обвиени во „гуми со високи перформанси, изработени по спецификација на Shelby“. Што и да значи тоа.
Ревидираниот Mustang добива и низа естетски измени – предниот дел добива нагласен сплитер, голема, агресивна предна маска со Shelby значка и ревидиран поклопец на моторот. Задниот дел добива релативно дискретен заден спојлер, а дел од приказната се и карбон пакет и поголем заден спојлер.
Shelby објави дека ќе бидат произведени само 526 примероци и ќе се продаваат преку дилери во САД. Ограничен број на примероци ќе бидат достапни и за купувачите надвор од САД.
А за оние кои сакаат нешто навистина екстремно, можете да го нарачате GT350R. Оваа изведба добива уште повеќе сила – односно вкупно 830 коњски сили. GT350R ќе се нуди само со мануелен менувач, а добива и дополнително зацврстување на шасијата, суспензија од JRI, Alcon Racing сопирачки и Forge-line тркачки тркала. Сето ова е со конкретна намена – односно возење по тркачка патека.