Dongfeng Box е токму она што еден урбан електричен автомобил треба да биде, а и цената му е погодена!
Меѓу возачите и купувачите е наметнат еден целосно-погрешен став кон електричните автомобили. Скоро секогаш се наметнува една погрешна дискусија. Обично се сведува на „а колку километри може да помине?“. И тоа е сосем валидна дискусија, но очекувањата дека еден електричен автомобил треба да помине 500 или 600 или 800 километри со едно полнење се сосем погрешни.
Зошто? Затоа што во вистинскиот свет, никој од нас не поминува секојдневно 500, 600 или 800 километри во едно возење, секој ден. Вистината е дека 90-тина проценти од километрите кои ги поминуваме, ги поминуваме во град и ги поминуваме при релативно ниски брзини. Во вистинскиот свет, поминуваме околу 50-тина километри на ден – и тоа ако работното место ни е подалеку и ако имаме деца за носење по курсеви, тенис или на пливање. Или нешто слично. Инаку, поминуваме и помалку.
И сега, ако е таква вистината и ситуацијата, зошто тогаш да очекуваме автомобилот да може да помине 500, 600 или 800 километри кога за 99% од потребите, дури и 300 километри се повеќе од доволни и обично се километри кои ги поминуваме во текот на цела една седмица, па можеби дури и повеќе?
Плус, автономијата е директно поврзана со батеријата, а колку е поголема батеријата, толку е поскапа и потешка. А тоа го прави и автомобилот поскап и потежок.
И сета оваа дискусија елегантно нè носи кон новиот Dongfeng Box. Малиот кинески градски електричен автомобил всушност и не е толку мал, туку е токму она кое урбано електрично возило треба да биде. Компактен, но не мал и со повеќе од доволно автономија за да биде секојдневно корисен.
Платформа развиена специјално за електрични возила, разумна батерија и вистински-корисен досег
Box доаѓа на платформа која е специјално развиена за електрични возила – а тоа значи паметно пакување и максимално искористување на просторот. Достапен е со две батерии – едната со капацитет од 31.4 kWh и втората со која беше опремено и нашето тест-возило, со капацитет од 42.3 kWh. Батериите се поставени во подот, а во предниот дел е поставен електромотор кој испорачува 95 коњски сили и 160 Nm вртежен момент. Со поголемата батерија, официјалната автономија според WLTP е 310 километри. За време на неколкудневното тестирање, ние достигнавме автономија од околу 260 километри – а со оглед на ниските температури и непрекинато-вклучениот клима-уред, тоа не е воопшто лошо. И тоа без да се влечкаме по улиците.
Box доаѓа со on-board полнач со максимална моќност до 6.6 kW. Во домашни услови, тоа би значело полнење на батеријата за околу 5-6 часа. Доаѓа и со европски CCS приклучок и можност за DC брзо полнење со максимална моќност до 88 kWh. За време на тестирањето, борд-компјутерот покажа просечна потрошувачка на електрична енергија од 15.6 kWh на 100 изминати километри, односно ако преведеме „во пари“ – околу 80 денари за поминување на 100 километри.
Современ, интересен дизајн
Инаку, дизајнот е современ и интересен. Нема да биде по сечиј вкус, нормално – но во нашите очи изгледа модерно и тренди. На предниот дел вниманието оди кон LED светлосниот потпис, додека во долниот дел од браникот се поставени отворите за воздух.
Профилот е изненадувачки чист, со декоративен елемент поставен во долниот дел од вратите, додека на задниот дел добиваме интересни, длабоки задни светла и дискретен заден спојлер. А да – и вратите се без рамки!
Има и интересни финти – на пример, рачките од вратите кои се вовлекуваат во самите врати (здраво Aston Martin!) или пак двобојната каросерија. Ако нешто не ни се допаѓа, тоа најверојатнои би биле тркалата – но што е, тука е.
Супер-просторна, пријателски-настроена кабина
Она што навистина ни се допаѓа и ни е навистина пријатно изненадување е кабината на Box. Благодарение на долгото меѓуоскино растојание, во кабината на Box има многу, многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа.
Распоредот во кабината е модерен, но и очекуван за електрично возило. Пред возачот е поставен мал екран на кој се прикажуваат најважните информации околу возењето, додека на средина на конзолата е поставен огромен инфозабавен екран преку кој се контролираат повеќето функционалности.
Да, користењето на екранот бара одредено учење и навикнување, но замислено е да биде прилично едноставно. Плус, системот е пријателски настроен (всушност, исто како и Box). На екранот има маче, кое реагира на допир, а амбиенталното осветлување се контролира преку допирање на лампата која е дел од „дневната соба“ на инфозабавниот систем.
Секако, системот има и неколку недостатоци. Иако има безжично Apple CarPlay поврзување, нема независно Android Auto поврзување и потребно е да искористите апликација за Screen Mirroring, а бидејќи Box е наменет директно за ЕУ-земјите каде FM радиото е заменето со DAB Digital Radio, нема ниту FM радио. Сепак, добивме информација дека се планирани надградби на софтверот на Box, како и технолошки освежувања во кабината кои ќе ги корегираат овие недостатоци.
На централниот гребен поставен меѓу возачот и совозачот е поставен и безжичниот полнач за мобилен телефон, кој едноставно функционира одлично. Бидејќи има систем за ладење кој го лади телефонот додека го полни, тој всушност навистина го полни а не само да го загрева. Дополнително, возачкото седиште има систем за загревање и вентилирање, добиваме и еден куп камери и сензори, и многу, многу повеќе.
На задната клупа има многу, многу простор. Дури и кога на предните седишта седат повисоки возач и совозач, на задната клупа не недостасува простор. Ова е директна придобивка од долгото меѓуоскино растојание. Box има и изненадувачки голем багажник – дури 345 литри, достапни преку прилично голема петта врата.
Лесен за возење низ град
Инаку, Box е лесен за возење. Влегувате, седнувате, го ставате „менувачот“ во Drive и тргнувате. Серво-управувањето е лесно, но без никаков фидбек. Лесен е за возење и поради прегледноста, но и поради формата – едноставно, лесно е да го „поставиме“ на патот, без разлика од околностите.
Електромоторот испорачува сосем доволно моќност за лесно движење низ град – како при „држење темпо“ со остатокот од сообраќајот, така и кога сакаме да бидеме малку побрзи. Интересно, производителот декларира време на забрзување од 0 до 50 километри на час за 4.6 секунди – податок кој е вистински релевантен за возење низ град. Забрзувањето до 100 километри на час трае 12.5 секунди, додека максималната брзина е 140 километри на час.
И ако тоа звучи како да не е доволно – верувајте, навистина е. Особоено во градскиот метеж, во ниту еден момент не почувствувавме дека ни недостасува моќ или дека Box „касни“ во сообраќајот. Напротив, инстантната реакција на пристискањето на педалата за „гас“ (особено во Sport режим) и 160 Nm вртежен момент достапни од „нула“ прават Box да се чувствува многу агилен и респонзивен. На автопат релативно лесно достигнува брзина за крстосување, но при повисоки брзини досегот паѓа прилично брзо.
Дополнително, Box доаѓа со сите системи за активна и пасивна безбедност кои ги наметнува ЕУ – па добиваме систем кој предупредува при надминување на ограничувањето на брзината, систем за следење на коловозната лента, итн, итн. Да, системите знаат да бидат малку здодевни, признаваме – но нивната корисност е докажана.
И што ни беше всушност поентата?
И сега, што ни беше всушност поентата? Поентата ни е дека ваквите автомобили ни се потребни. Не треба да влегуваме во замката на „волку досег“ или „онолку досег“. Треба да бараме повеќе (и побрзи, и подостапни!) полначи и треба да бараме мали, практични градски автомобили.
Секако, како и со секој електричен автомобил, потребни се одредени промени во навиките, но Box е одличен пример за тоа какви автомобили навистина ни требаат. Box најверојатно не би бил единствениот автомобил во едно семејство, најверојатно би бил втор – но тоа и не е Лоша Работа. Вакви автомобили ни требаат. Ова веќе има логика!
Спецификации
Модел: | Dongfeng Box 42.3 kWh Launch Edition |
Погон: | Електромотор, батерија 42.3 kWh, пренос кон предните тркала |
Моќност: | 95 коњски сили |
Вртежен Момент: | 160 Nm |
Менувач: | Автоматски, директен |
Забрзување 0-100 км/ч: | 12.5 секунди |
Максимална Брзина: | 140 километри на час |
Должина: | 4030 mm |
Ширина: | 1810 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1570 mm |
Тежина: | 1430 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2660 mm |
Багажен Простор: | 326 – 945 литри |
Автономија: | 310 километри според WLTP 260 километри (измерени) |
Цена на основниот модел: | Dongfeng Box 31.4 kWh Style Edition – 21.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Dongfeng Box 42.3 kWh Launch Edition – 22.990 Евра |
Повеќе Информации: | DongFeng Македонија |