Со неодамнешното освежување, градскиот бест-селер на Toyota доби уште посовремен хибриден погон и унапредени технологии во кабината. Да го разгледаме освежениот Yaris!
Веќе добро го познаваме Yaris – еднаш веќе го возевме во хибридна изведба, а потоа и во верзија со 1.5-литарски бензинец и мануелен менувач. Сега сме повторно зад управувачот на хибриден Yaris, но во интересно време. Се случува интересна трансформација во понудата на Toyota.
Ако ги исклучиме големиот Landcruiser, малиот Aygo X и Corolla Sedan – сите модели во понудата на Toyota на нашиот пазар се исклучиво достапни со хибриден погон. Да, тоа значи дека веќе нема Yaris со конвенционален бензинец, туку сега можете да го добиете градскиот бест-селер на Toyota со еден од два хибридни погони – едниот со 116, другиот со 130 коњски сили. Па ајде да поразговараме за Yaris.
Само хибриден погон
И што е ново? Хибридниот систем добива неколку нови компоненти и нова калибрација за да работи значително порафинирано и поекономично, а верзијата со 130 коњски сили добива и нијанса помоќен електромотор. Сето тоа можеби звучи малку апстрактно, но во суштина резултира со покултурно, порафинирано градско искуство. Силата од хибридниот погон и понатаму се пренесува кон предните тркала преку CVT автоматски менувач, а испораката делува некако поуверливо.
Бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за сосем респектабилни 9.7 секунди, додека максималната брзина е 175 километри на час. Со внимателно возење, борд-компјутерот ни покажа градска потрошувачка околу 5 литри бензин на 100 изминати километри.
Кабината веќе добро ја познаваме, но добива нов инфозабавен систем
Инаку, ова е и понатаму Yaris. Визуелни измени нема, овој пат освежувањата се воглавно технолошки. Но затоа кабината добива нов инфозабавен уред со Android Auto и Apple Carplay поврзување и гласовни команди. Новиот инфозабавен систем се контролира преку 10.5-инчен екран, но добиваме и физички контроли за многу од функционалностите – како што треба. Кабината е комфорна и прегледна, а просторната понуда е во рамките на очекуваното во сегментот – ни премалку, ни премногу простор.
Сепак, радува дека Yaris доаѓа со многу опрема. Ќе издвоиме практични моменти како загревањето на седиштата и управувачот, електрохроматски среден ретровизор, автоматски предни и задни прозорци, автоматски бришачи за ветробранското стакло и други додатоци кои обично ги очекуваме кај поголеми и поскапи автомобили.
Yaris цели кон комфорно, опуштено возење
Искуството зад управувачот е непроменето – Yaris e ориентиран кон комфорно, опуштено возење. Не значи дека не може да биде и динамичен, но се препознава неговата наклонетост токму кон поопуштеното, подостоинствено возење. Управувањето не пренесува никакви информации од подлогата, но затоа е доволно прецизно за да влева доверба во талентите на градскиот хечбек. И токму поради оваа наклонетост кон комфорот, Yaris одлично се снаоѓа на нашите улици и ги филтрира дупките и нерамнините.
Заклучок? Yaris е Yaris.
Yaris е Yaris. И навистина, тешко е да се опише поинаку. Малиот градски хечбек на Toyota има своевиден култен статус – исто како Corolla – а инкременталните усовршувања го прават да биде сè подобар и подобар. Yaris е Yaris.
Спецификации
Модел: | Toyota Yaris 1.5 Hybrid 116 CHIC |
Мотор: | 1.5-литарски хибриден погон, 3 цилиндри |
Моќност: | 116 коњски сили |
Вртежен Момент: | 145 Nm / 4400 вртежи во минута |
Менувач: | Бесстепен CVT |
0-100 км/ч: | 9.7 секунди |
Максимална Брзина: | 175 километри на час |
Должина: | 3940 mm |
Ширина: | 1695 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1500 mm |
Тежина: | 1295 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2550 mm |
Багажен Простор: | 286 литри |
Потрошувачка: | 5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Toyota Yaris 1.5 Hybrid 116 Fancy – 21.290 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Toyota Yaris 1.5 Hybrid 116 CHIC – 22.690 Евра |
Повеќе Информации: | Toyota.com.mk |