ВОЗЕВМЕ: На Мајорка ја возевме новата Opel Frontera! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: На Мајорка ја возевме новата Opel Frontera!

Frontera е добро-познато име во историјата на Opel, но сега Frontera означува нешто сосем ново и нешто сосем поинакво. Мајорка е локацијата, Frontera е автомобилот!

Изминативе години Opel доживува вистинска ренесанса. Како што и самите кажуваат – from cold to cool. Полека но сигурно, старите модели заминаа во историјата и ги наследија нови, поинтересни и современи продукти кои од самиот старт се замислени да одговорат на вистинските прашања на купувачите.

Frontera е еден од тие автомобили. Со претставувањето и лансирањето на Frontera, Opel има целосно-нова SUV – во која се вбројуваат и Mokka и новиот Grandland – која е конципирана да одговори на скоро сите предизвици. Mokka е трендовскиот урбан кросовер, Grandland е големиот SUV со навистина големи абции, a Frontera е рационалниот, практичен семеен транспортер.

Да, името Frontera не е ново и за многумина ќе евоцира спомени на робустен теренец. Но автомобилот на кој сега е закачено името Frontera е сосем нов. Има нова цел, нови амбиции и сосем нов пристап кон нештата. И ние сме на островот Мајорка да го запознаеме.

Frontera како да ги крие своите тајни.

При првиот контакт, Frontera како да ги крие своите тајни. Дизајнот е самоуверен, но ненаметлив. Прво паѓа во очи формата на Frontera – на фотографии изгледа некако малечка, но во живо е многу поголема и посамоуверена. На предниот дел се препознава Vizor предната маска која стана заштитен знак за сите модели на Opel, а во предниот браник се внимателно „исечени“ отворите за воздух. На електричната верзија Blitz знакот на Opel е во црна боја и како да се губи во црниот Vizor.

Профилот е чист, но изненадувачки мускулест. Острите линии околу крилата, во долниот дел од вратите и на задниот дел над крилата ѝ даваат на Frontera затегнат став. „Коцкастата“ форма најавува дека во кабината би требало да има многу, многу простор. Особено ни се допаѓа двобојната каросерија – електричната Frontera која ја возиме е со црвена каросерија и црн кров, хибридната е во зелена боја со бел кров и тие фантастичните бели челични фелни.

На задниот дел вниманието оди кон дискретниот заден спојлер и „двокатните“ задни светла. Би се согласиле дека задниот дел е нешто поконзервативно дизајниран во однос на предниот дел, но повторно, сè е тука дизајнирано во насока на практичноста и искористливиот простор во кабината.

Поврзано:  Dacia Duster е избран за AUTOBEST Best Buy Car of Europe за 2025!

Едноставна и комфорна кабина со мноооооооогу простор

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува ентериер кој не ни е непознат. Односно, препознаваме директна инспирација од големиот Grandland кој неодамна го возевме во Риселсхајм. Стартувањето е малку старошколски – со клуч, но овој пристап завршува тука. Пред возачот се поставени јасните дигитални инструменти, додека на средината на конзолата е поставен новиот мултимедијален уред со вградено Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Мултимедијалниот уред е респонзивен, а навигацијата прецизна инавистина корисна. Веднаш под него се отворите за вентилација и практичните физички контроли за клима-уредот. Под нив се поставени безжичниот полнач за мобилен телефон и прекинувачот од автоматскиот менувач. Да, Frontera доаѓа само со автоматски менувач.

Седиштата се комфорни и се покажаа како одлично место за седење за време на неколкучасовната рута околу Мајорка. Возачката позиција е добра, а прегледноста (благодарение на височкото седење и големите стаклени површини) е одлична. Низ кабината има многу места за оставање ситници – пред совозачот, меѓу возачот и совозачот, во вратите, итн, но вистинскиот хит се задните седишта. На задната клупа има едноставно Многу Простор. Да, во ред – задната клупа е повеќе замислена за двајца отколку за тројца патници, но и за тројца нема да биде премногу тесно. Благодарение на долгото меѓуоскино растојание и формата на Frontera, патниците на задната клупа ќе имаат многу простор како за нозете, така и за главите. Како во (најмалку) една класа поголем автомобил!

Frontera се нуди и со 7 седишта, и навистина сакавме да ја провериме и таа конфигурација, но за жал верзијата со 7 седишта сè уште не е достапна. Наскоро!

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid - Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel.

Но навистина, просторноста на Frontera е безмалку запрепастувачка. Плус, многу внимание е посветено на оние работи кои многумина би ги занемариле. Задните врати се отвораат скоро под агол од 90 степени, а тоа пак овозможува лесно влегување и излегување, но и лесно местење детско седиште.

И кога сме веќе кај просторноста – багажникот! Frontera може да се пофали со багажник со капацитет од огромни 460 литри, кои растат на уште поимпресивни 1594 литри со преклопена задна клупа. И ушто е уште поимпресивно – истиот багажник е достапен и кај целосно-електричната верзија.

Електрична или хибридна Frontera. Нема мануелен менувач!

Е сега веќе можеме да зборуваме за погоните. Имавме можност да ја возиме Frontera во целосно-електрична изведба, но и во хибридна варијанта. Целосно-електричната Frontera Electric користи батерија со капацитет од 44 kWh и електромотор со моќност од 113 коњски сили и 125 Nm вртежен момент. Електромоторот лесно ја задвижува Frontera до 100 километри на час за 12.1 секунда, додека максималната брзина е 140 километри на час. Според WLTP мерењата можете да очекувате автономија од нешто над 300 километри.

Втората верзија која ја возевме и која очекуваме да биде вистинскиот бест-селер кај нас е хибридната Frontera која се добива во конфигурација со 100 или 136 коњски сили. Ние на располагање ја имавме помоќната верзија која располага со 136 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Во 6-брзинскиот eDCT менувач со двојна спојка е вграден електромотор кој испорачува дополнителни 28 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. Сето ова овозможува забрзување до 100 километри на час за рамно 9 секунди, како и максимална брзина од 190 километри на час.

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

Хибридниот погон одлично ѝ прилега на Frontera. Комбинацијата од електрично-потпомогната погонска единица и автоматски менувач ја прави да биде лесна за возење, а самиот погон е навистина ефикасен – иако дополнително ќе провериме кога Frontera ќе пристигне на наш терен, индикаторот ни покажа просечна потрошувачка од околу 6.5 литри бензин на 100 изминати километри.

Кај Frontera се препознаваат германските гени на Opel

А кога сме кај возењето – кај Frontera се препознаваат германските гени на Opel. Frontera е примарно семејно-нагодена, но управувањето е директно а суспензијата е добро конфигурирана да не биде премногу мека. Сето тоа резултира со комфорно, но изненадувачки самоуверено искуство зад воланот. Навалувањето во свиоци е одлично контролирано и покрај релативно високиот кров. Сè на сè – искуството е Германско.

Старо име, нова значка, сосем нов пристап.

Frontera е сосем нова. Да, тука ќе бидат оние кои ќе „плачат“ по Frontera од минатото, но вистината е дека времињата се сменија. Резултат на таа неизбежна промена е Frontera во сосем нова интерпретација – семејна, практична, просторна и лесна за користење. Старо име, нова значка, сосем нов пристап. За нас? Хибридна Frontera во зелена боја, со бел кров и бели тркала!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.