ТЕСТ: Citroën C3 1.2 PureTech 100 S&S BVM6 MAX – Комфорна револуција! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C3 1.2 PureTech 100 S&S BVM6 MAX – Комфорна револуција!

Пред неколку месеци за прв пат седнавме зад управувачот на новиот Citroën C3. Сега го возиме на домашен терен и (spoiler alert) навистина е толку комфорен!

Минатата година Citroën нè покани во Париз да присуствуваме на светската премиера на новиот C3. Потоа, на почетокот на Јуни годинава, Citroën нè покани во Виена за меѓу првите во светот да го возиме новиот C3, но и целосно електричниот e-C3.

Сега, околу шест месеци подоцна – новиот C3 пристигна и во Македонија. C3 е глобален, но за нас и локален бест-селер на  Citroën – минатата генерација одлично се продаваше на нашиот пазар. Оние кои го купија C3, знаат зошто го купиле.

Нашиот прв контакт со Citroën C3 ни остави одличен впечаток. Уште при првото возење нè импресионираа неговата рафинираност и комфор, но тие впечатоци беа на супер-мазен австриски асфалт. Што се случува кога C3 ќе треба да се соочи со македонските „порозни“ патишта?

Посамоуверен, поробустен C3

Но пред да зборуваме за комфорот, ајде прво да зборуваме за дизајнот. Новиот C3 радикално отстапува од дизајнерскиот јазик на минатата генерација. Ако досега C3 беше ненаметлив и „мек“, новата генерација е значително посамоуверена и поробустна.

И тоа веднаш се забележува преку поисправениот лик. На предниот дел гордо е поставено новото лого на францускиот бренд, додека вертикалните линии ги истакнуваат димензиите. Кај C3 дебитираште и новиот светлосен потпис на Citroën кој соединува три LED елементи во препознатлив светлосен идентитет.

Профилот уште повеќе го нагласува кросоверскиот карактер на C3. Двобојната каросерија на нашиот тестен модел дополнително ја истакнува класичната two-box форма на C3, но затоа црните заштитни панели околу целиот автомобил го потенцираат кросоверскиот дух.

На задниот дел вниманието оди кон централно-поставениот знак на Citroën и исфрлените светлосни групи. Браникот е исфрлен наназад, додека кровната линија ја комплетираат задниот спојлер и кровните носачи.

А кога сме кај кровните носачи, на нив се препознава вдлабнатата ознака Citroën а околу целиот автомобил има навистина многу интересни детали. Шевронот на Citroën е дискретно интегриран меѓу предните и задните светла, потоа на црните пластики околу крилата, па и на решетката во долниот дел од предниот браник.

И всушност – ни се допаѓа како изгледа новиот C3. Изгледа современо без да биде нападен и самоуверено без премногу да се труди. Оние кои добро ја препознаваат историјата на Citroën можеби ќе препознаат некои линии кои потекнуваат од 2CV (односно, Спачек „по нашки“), но сето тоа е многу современо, без притоа да биде непотребно интерпретирано како „ретро“.

Иновативноста на кабината се препознава во храбрите одлуки и ситните детали

Ја отвораме вратата и нè пречекува можеби најиновативната кабина во која сме седнале изминатава година. Да, лесно е да се „наредат“ огромни екрани и лесно е сè да се префрли на дигитален панел. Да, лесно е технологиите да доминираат со искуството и некаквото „поврзување“ да биде примарната точка на дискусија. Во денешно време, потешко е сето тоа да се искомбинира на начин кој ќе биде функционален и ќе ги вклучи сите потребни технологии, но тоа да не биде нападно и веќе-видено.

Првото кое го забележуваме е дека во C3 нема конвенционални инструменти пред возачот. Наместо инструменти, пред возачот е поставен екран кој Citroën го нарекува хед-ап дисплеј. А ниту хед-ап дисплејот не е конвенционален хед-ап дисплеј туку е поставен под ветробранското стакло, над управувачот. Со ваквата конфигурација сите информации се лесно достапни и прегледни, а се елиминира непотребниот трошок од имање и инструменти и засебен хед-ап дисплеј.

На средината на предната конзола е поставен новиот мултимедијален уред кој работи одлично и брзо реагира на секоја команда, а има и вградена навигација. Лесно се поврзува со Android Auto и Apple Carplay за уште повеќе функционалности. Екранот е со висока резолуција и единствената забелешка која ја имаме е на недостатокот на „тркалце“ за зголемување или намалување на гласноста. Но затоа има команди на управувачот.

Под мултимедијалниот уред се физичките контроли за клима уредот, а веднаш под нив е безжичниот полнач за мобилен телефон кој всушност го полни телефонот, а не само да го загрева. Секако, тука е и рачката од 6-степениот мануелен менувач.

Инаку, во кабината е навистина пријатно. И тоа не го кажуваме туку-така – го кажуваме и поради седиштата, и поради прегледноста, и поради материјалите во ентериерот. Новиот C3 добива Citroën Advanced Comfort седишта кои имаат дополнителен слој специјална пена за да бидат навистина супер-комфорни. Се седи нијанса повисоко, а тоа пак овозможува одлична прегледност кон сите насоки, дури кон задниот дел. Кабината е обложена со интересна комбинација од материјали – да, тука се неизбежните пластики, но централната конзола е делумно покриена со текстил.

Околу возачот и совозачот има доволно места за складирање ситници. Џебовите во вратите се доволно големи, а има и простор за две чаши (или повеќе ситници) пред рачката од менувачот. Дали нешто ни недостасуваше? Централен наслон за рацете меѓу возачот и совозачот.

На задната клупа има изненадувачки многу простор, со оглед на класата во која припаѓа C3. Релативно долгото меѓуоскино растојание од 2540 милиметри безмалку гарантира дека просторот ќе биде искористен максимално. Да, во ред, ова е компактен градски кросовер, но просторот кој C3 го нуди ќе изненади многумина.

А немојте да мислите ни дека е направен преголем компромис во однос на багажниот простор. Преку големата петта врата се пристапува до длабок багажник со капацитет од одлични 310 литри. За жал кога ќе се преклопи задната клупа не се добива целосно-рамно дно, но затоа е клупата деллива во однос 60:40.

C3 нуди комфор кој едноставно не сме навикнати да го очекуваме во овој сегмент

И сега веќе можеме да зборуваме за комфорот. C3 за прв пат добива Citroën Progressive Cushions амортизери кои успеваат да ги исфилтрираат скоро сите нерамнини од нашите патишта. Без разлика дали возите по „идеалниот“ градски асфалт, по калдрма или по макадам кога ќе „снема“ асфалт, во кабината на C3 е комфорно и рафинирано. Само навистина груби нерамнини или удари го „пореметуваат“ мирот во C3. Во комбинација со супер-комфорните седишта, C3 нуди мазно и мирно искуство на кое можат да позавидат и неколкукратно поскапи автомобили.

Од друга страна, навалувањето во свиоци е успешно контролирано. Во ред, во ред – ова не е спортски автомобил, но не ни треба да биде. Атрибутот „спортско“ се смета за неубав збор кај Citroën – и така и треба да биде! Од лесниот управувач, преку меките команди и суверената рафинираност, C3 не се ни обидува да глуми нешто „спортско“.  Заслужено ракоплескање.

1.2-литарски турбо-бензинец и 100 коњски сили

Под предниот поклопец се крие 1.2-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 100 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата ја испорачува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, а приказната за комфор продолжува и тука. Педалата од спојката е мека и рачката од менувачот се движи прецизно – за управувањето во град воопшто да не предизвикува никаков проблем. За оние кои сакаат автоматски менувач, наскоро пристигнува C3 во хибридна изведба, а во понудата веќе можете да го најдете и целосно-електричниот e-C3.

Инаку, турбо-бензинецот лесно и подготвено го задвижува C3. На хартија му требаат 10.6 секунди да достигне 100 километри на час, но вистината е дека моторот работи со агилност која ги надминува 100-те коњски сили, а динамичноста е придружена и од карактеристичниот трицилиндерски звук.

C3 е лесен за маневрирање и „поставување“ во град, а паркирањето го олеснува и паркинг-камерата. Во ред, не е со висока резолуција, но вистината е дека – навистина помага. На отворен пат и при повисоки брзини се забележува нијанса поголема бучавост во кабината, но држете се до законските ограничувања и сигурни сме дека нема да имате никакви забелешки.

Нема да имате забелешки ниту на потрошувачката. Измеривме градска потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри (и тоа во зимски услови и постојано вклучено греење), додека на отворено потрошувачката лесно паѓа и на околу 5.5 до 6 литри на 100 километри.

Лесно е да се направи нов автомобил. Не е лесно да се наследи бест-селер.

Заклучок? Кога за прв пат го возевме C3 кажавме дека е лесно да се направи скап автомобил, но дека е тешко да се направи достапен автомобил кој ќе ги ги задоволи вистинските потреби. Сега, ќе го дополниме тоа – лесно е да се направи нов автомобил, но не лесно да се наследи бест-селер. Минатата генерација на C3 постави високи очекувања – и кај купувачите, но и кај производителот. А тоа е вистинскиот предизвик – но кога новиот C3 настапува толку самоуверено, сигурни сме дека никој нема да биде разочаран.

Спецификации

Модел: Citroën C3 1.2 PureTech 100 S&S BVM6 MAX
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 100 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.6 секунди
Максимална Брзина: 183 километри на час
Должина: 4015 mm
Ширина: 1813 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1577 mm
Тежина: 1151 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2540 mm
Багажен Простор: 310 литри
Потрошувачка: 7.4 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Citroën C3 1.2 PureTech 100 S&S BVM6 YOU – 15.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Citroën C3 1.2 PureTech 100 S&S BVM6 MAX – 19.490 Евра
Повеќе Информации: Citroën.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.