Со редефинирањето на моделската понуда на Audi, A4 стана A5 – и новиот модел веќе пристигна во Македонија!
Новиот Audi A5 е првиот сериски модел поставен на PPC (Premium Platform Combustion) архитектурата, која пак е темелно ревидирана верзија на платформата MLB Evo (Modular Longitudinal Matrix). Но уште поинтересно, Audi одлучи да ги спои A4 и А5 во кохезивен модел кој се нуди во две каросериски изведби – едната е седан со пет врати, другата е караван.
Односно, A5 во својата основна форма е она што порано беше A5 Sportback, додека конвенционалниот седан со четири врати веќе го нема. Втората форма е караванската изведба која ја носи ознаката A5 Avant. Купе веќе нема.
Внатрешноста е целосно нова, со модерен дизајн и повеќе стандардни „играчки“ кои му овозможуваат на A5 да навлезе уште подлабоко во премиум сегментот. Заоблениот панорамски дисплеј се состои од 11.9-инчна инструмент табла и 14.5-инчен инфозабавен екран на допир. Од Audi ни кажаа дека кабината е попространа од порано, нудејќи повисоко ниво на удобност.
Во однос на погонските опции, достапни се неколку турбо-бензински и турбодизел мотори, сите со mHEV лајт-хибридна компонента. Бензинците се со 150, односно 204 коњски сили, како и најмоќната изведба со 265 коњски сили. Турбодизелите се со 163 или 204 коњски сили. Секако, одредени мотори можат да се комбинираат со quattro погон на сите четири тркала.
За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страница на Audi, или пак посетете го салонот на Audi во Скопје.