ТЕСТ: Cupra Formentor 1.5 eTSI mHEV 150 DSG – Позната ознака, нов бренд, сосем нов модел! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Cupra Formentor 1.5 eTSI mHEV 150 DSG – Позната ознака, нов бренд, сосем нов модел!

Кога пред неколку години Volkswagen групацијата одлучи од Cupra да направи засебен бренд, никој не очекуваше дека токму оваа старо-нова значка толку експлозивно ќе остави својот впечаток. А токму Formentor е моделот кој направи Cupra да се издвои толку уверливо.

Cupra не е непозната ознака – врвните изведби на автомобилите на Seat ја носеа оваа ознака уште во 90-тите години од минатиот век. Приказната започна со Ibiza Cupra, за потоа да добиеме и Leon Cupra, па и најмоќниот Leon Cupra R. Но никој не го очекуваше потегот на Volkswagen групацијата – никој не очекуваше дека Cupra ќе стане засебен бренд.

Сепак, ако од денешна гледна точка погледнеме наназад, вистината е дека Volkswagen ја направи вистинската одлука. Cupra се ослободи од „прангите“ на постоечките брендови и за само неколку години успеа да се издвои преку сопствен идентитет, сопствени дизајнерски јазик и сопствен пристап кон нештата. Да – како и сите други брендови во рамките на групацијата – и Cupra ги користи истите платформи и погонски единици, но отворено ќе кажеме дека финалниот продукт е повеќе од едноставното сумирање на засебните делови.

И тоа нè носи до Formentor – моделот кој несомнено го изгради Cupra како бренд. Всушност, бидејќи токму Formentor беше првиот засебен, независен модел на Cupra, токму Formentor успеа да го долови сето она кое младиот бренд сакаше да го каже.

Formentor е ајкулест!

Првиот впечаток е дека Formentor е… Ајкулест? Па да – со освежувањето, предниот дел доби значително поостар лик со потенки и нијанса поостри предни светла. Во самите светлосни групи се интегрирани помали, триаголни LED проектори и сето тоа на Formentor му дава комплексни, агресивни „очи“. Под светлата е поставен широкиот браник со големи отвори за воздух и (повторно триаголни) светла за магла, а ставот на Formentor го комплетираат вертикалните отвори за воздух во самите страници на браникот.

Гордо, на средина над предните светла стои логото на Cupra. На прв поглед, логото изгледа како да потекнува од Transformers филм, но дизајнерот Alejandro Mesonero-Romanos кажува дека логото е добиено со комбинирање на триаголници и дека триаголникот е всушност динамична форма со стабилна основа и јасно покажува кон конкретна насока.

Профилот на Formentor е динамичен, со комплексни форми и затегнати, мускулести површини. Големите тркала одлично ги исполнуваат крилата, а ексцентричниот карактер на Formentor го дополнуваат острите „колкови“ и нагласениот заден спојлер.

Поврзано:  Македонска премиера на Cupra Terramar!

Задниот дел ни е можеби најинтересен, особено светлата. Светлосните групи се (трендовски, би рекле) споени во еден елемент, а на самата средина гордо стои осветлено тродимензионално Cupra лого.

Под тоа е ознаката CUPRA, додека во долниот дел од браникот е црн пластичен „дифузер“. Интересно, на целиот автомобил само на едно место се појавува името Formentor – и тоа многу, многу дискретно на задните светла.

Ентериерот е персонализиран кон Cupra

Одиме внатре! Кабината ги добива најновите мултимедијални решенија од групацијата, но сè е персонализирано кон Cupra како бренд. Веднаш се забележуваат прекрасните спортски седишта кои се супер-комфорни и нудат одлична поддршка во сите насоки. Директно пред возачот е поставен управувачот на кој се поставени две дополнителни копчиња – едното е старт-копчето, другото е селекторот за префрлање во Cupra режим на возење.

Пред возачот се поставени (очекуваните) дигитални инструменти, додека на средина на предната конзола е новиот мултимедијален уред кој не само што работи (значително) побрзо од досегашниот, туку нуди и многу начини за персонализирање. Секако, доаѓа со безжично Apple Carplay и Android Auto поврзување.

Под мултимедијалниот уред се отворите за вентилација, додека веднаш под нив се USB-C приклучоците и безжичниот полнач за мобилен телефон. На централниот гребен меѓу возачот и совозачот е селекторот за пренос и уште неколку прекинувачи.

На задната клупа има изненадувачки многу простор, а патниците добиваат и свои USB-C приклучоци и контроли за клима.

Инаку, целата кабина е обвиена со навистина квалитетни материјали и многу внимание е посветено на и на ситните и на не толку ситните детали. Забележавме интересни пластики, алкантара и кожа, а во целата кабина има привлечни бронзени детали (бронзената боја е заштитен знак на Cupra, ако веќе не забележавте).

Поврзано:  Македонска премиера на Cupra Terramar!

Бронзени се декоративните елементи околу отворите за вентилација, на гребенот меѓу возачот и совозачот, бронзени се и детали на упраувачот, но и контрастните шевови. Сè на сè, кабината е навистина привлечна, технолошки супер-напредна и комфорна.

Немаме забелешки ниту на завршната обработка, ниту пак на прегледноста. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција и единствен компромис во однос на прегледноста е можеби кон задниот дел.

Препознатливи спортски гени – Formentor е неутрален и влева доверба во неговите можности

Инаку, во возење лесно се препознаваат спортските гени на Seat и Cupra. Суспензијата е очигледно понаклонета кон динамично возење и Formentor се чувствува цврст, но никогаш не е претврд ниту некомфорен. Всушност, би рекле дека одлично е постигната рамнотежата меѓу динамичност и лесно секојдневно користење – Formentor е навистина агилен кога ќе го побарате тоа од него, но истовремено тоа не значи дека не е пријатен за секојдневно дружење во сите ситуации.

Дури и на големите 19-инчни тркала, Formentor добро ги впива нерамнините од нашите улици, а од друга страна, подготвено ја менува насоката дури и кога свиоците се попредизвикувачки. Всушност, би рекле дека воопшто не се чуствува како „SUV“. Дури и кога ќе работите стануваат навистина интересни, Formentor се однесува изненадувачки неутрално. Подуправувањето е импресивно контролирано за возило со погон на предните тркала!

1.5-литарски турбо-бензинец со 150 коњски сили

Под поклопецот на тестниот модел се наоѓаше добро-познатиот 1.5-литарски eTSI турбо-бензинец со лајт-хибридна компонента кој силата ја испорачува кон предните тркала преку 7-степен DSG менувач со двојна спојка. Турбо-бензинецот испорачува 150 коњски сили од 5000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1500 до 3500 вртежи во минута, а резултат на сето тоа е забрзување до 100 километри на час за рамно 9 секунди и максимални 205 километри на час.

Поврзано:  ТЕСТ: Cupra Leon 1.5 eTSI 150 MHEV DSG - Поинаков Leon!

Вистината е дека овој турбо-бензинец е доволен, но истовремено се препознава дека шасијата е подготвена и може да издржи многу, многу повеќе коњски сили. Од друга страна, бензинецот работи прилично рафинирано иако станува малку бучен на повисоки вртежи. „Пеналот на бензинска“ е околу 9 литри на 100 изминати километри.

Cupra веќе не е само значка, а Formentor е заслужен за тоа.

Cupra е истовремено и одамна-познато и сосем ново име. Автомобилските фанови знаат што значи Cupra а Volkswagen групацијата го препозна тоа и Cupra го доби своето заслужено место. И тоа нè носи до Formentor бидејќи токму Formentor е моделот кој успеа да наметне дека Cupra е навистина засебен бренд. Ќе ги избегнеме клишеата за „шпански дух“ и сличните веќе добро-познати (и најверојатно веќе излитени) фрази. Едноставно, Cupra лесно се наметна како сосем нов бренд, а токму Formentor е моделот кој го овозможи тоа, бидејќи да беше поинаку, Cupra ќе беше само уште една значка. А Cupra веќе не е само знача, туку сега е име.

Спецификации

Модел: Cupra Formentor 1.5 eTSI mHEV 150 DSG
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 9 секунди
Максимална Брзина: 205 километри на час
Должина: 4451 mm
Ширина: 1992 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1528 mm (со кровни носачи)
Тежина: 1407 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 450 – 1550 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Cupra Formentor 1.5 TSI S&S 150 M6 – 32.252 Евра
Цена на моделот без дополнителна опрема: Cupra Formentor 1.5 eTSI mHEV 150 DSG – 35.125 Евра
Цена на тестираниот модел: Cupra Formentor 1.5 eTSI mHEV 150 DSG – 39.200 Евра
Повеќе Информации: Cupraofficial.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.