По (во најмала рака) контроверзната кампања која Jaguar ја започна минатиот месец, сега веќе го гледаме првиот плод на храброста и решителноста на британскиот бренд – Type 00 е директен резултат на обидот на Jaguar одново да го креира својот имиџ.
Type 00 (се изговора Тајп Зиро Зиро) e огромно купе со две врати кое го најавува дизајнерскиот јазик кој Jaguar ќе го следи во иднина и всушност го најавува седанот кој треба да пристигне кон крајот на следната година. Интересно, со целиот фокус кој Jaguar го наметна кон „сè е ново“, британскиот бренд одлучи да ја задржи Type номенклатурата за концептот.
Кажуваат дека Type всушност оддава почит на Е-Type и F-Type, додека ознаките Нула Нула всушност означуваат дека концептот е „нулти автомобил“ во новата гама на Jaguar, но и дека има нулта емисија на штетни гасови – да, Type 00 е електричен.
Концептот изгледа спектакуларно. Дооооооолгиот преден дел наметнува интересни пропорции, а големината доаѓа во фокус кога ќе кажеме дека крилата кријат огромни, 23-инчни тркала. Type 00 добива темелно современ лик, со чисти и остри линии и многу прави површини и агли. Предните LED светла се ултра-тенки и го нагласуваат монолитскиот дизајн на Type 00.
Профилот е дооооолг и низок, стаклените површини се јасни и остри, а на задниот дел забележуваме огромна решетка и тенки хоризонтални светлосни елементи. Плус, Type 00 нема задно стакло. Одлуката е храбра, но со оглед на супер-луксузниот сегмент на кој цели Jaguar, не премногу изненадувачка.
Ентериерот е супер-луксузен. Користени се скапи и луксузни материјали, но и материјали кои се неочекувани. Како? Па на пример, гребенот долг 3.2 метри кој минува низ средината на кабината е изработен од месинг, а некои елементи се изработени од камен или пак се покриени со текстил. Кожа? Нема кожа.
Во кабината забележуваме дека нема дигитални екрани – од Jaguar напоменуваат дека тие се издигнуваат кога се потребни, додека возачот може да го регулира осветлувањето во кабината и дисплеите преку еден од три „тотеми“ скриени во предното крило. Возачот ќе избере еден од тотемите и ќе го внесе во кабината, а тоа ќе ја прилагоди атмосферата. Концептно лудило? Да, секако, но сепак интересно.
Инаку, концептот е поставен на сосем нова платформа која Jaguar ќе ја користи и за сериските модели. Платформата ја носи ознаката JEA и најавува автономија од околу 770 километри. Би требало да овозможи и супер-брзо полнење, односно со полнење од само 15 минути ќе може да се поминат околуи 320 километри.
Вистината е дека Jaguar доби многу, многу хејт во изминативе денови – но она кое го гледаме денес е навистина спектакуларно.