ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 Puretech Active – Храброст и боја во градското сивило – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 Puretech Active – Храброст и боја во градското сивило

Во нашите раце е освежениот Peugeot 208 кој покрај затегнатата надворешност и освежената кабина, со својата боја внесува малку навистина потребна боја во секојдневното сивило.

Има една скопска (добро, најверојатно македонска) урбана легенда која зборува за писмена работа по македонски јазик на тема „Што е храброст?“, на која некој храбар средношколец (или средношколка, да не дискриминираме) едноставно напишал „Ова е храброст.“ и ја предал тетратката.

Дали тоа навистина се случило или не – можеме само да шпекулираме. Всушност, сигурни сме дека веќе неколку пати, од различни личности, кои завршиле средно образование во сосем различни средни училишта сте ја слушнале приказната и пробале да Ве убедат дека „овој беше со мене во клас, најсериозно, верувај ми“.

Но и покрај тоа што е најверојатно токму тоа – урбана легенда – сепак приказната е убава. Убава затоа што покажува колку еден едноставен чин може да биде навистина храбар. Колку една навидум мала одлука може да биде навистина голема. Колку храброста е всушност – убава.

Agueda Yellow

А каде е храброста кај 208? Па, ќе се задржиме на она кое ни остави најголем впечаток. А за да го објасниме, мора малку да ги ставиме временските услови во вистинскиот контекст.

Средина на Ноември, врнежливо време, магловито утро и загадено Скопје. Сето тоа придонесува кон монохроматски приказ на нештата. Маглата и загадувањето, доминација на црни и бели (и варијација на истата тема) автомобили – и оп, работите се некако здодевни. Како што веќе рековме, монохроматски. И од „нигде-никаде“ се појавува еден мал и храбар француски автомобил. Формата е препознатлива – тоа е Peugeot 208, со со малку изменет лик. Предните светла се дискретно редизајнирани, дневните светла е обновени и ликот е нијанса посовремен.

Но она кое веднаш се забележува е бојата. Peugeot ја нарекува бојата Agueda Yellow, а во нашите очи е некоја интересна комбинација меѓу жолта и неон-зелена. И во сето урбано сивило, сиот тој недостаток на бои – храбро се истакнува. Се забележува од далеку и се наметнува како засебен, храбар и самоуверен автомобил. 208 никогаш не бил за интровертните, но во Agueda Yellow e веќе нешто сосем различно. Во морето на монохроматски автомобили, Директор Црни SUV чудовишта и Merchandiser Бели фрижидери на тркала, малиот Agueda Yellow Peugeot 208 е вистинска боја во сивилото.

Поврзано:  Peugeot е горд на новиот 3008 - веќе се направени 100.000 нарачки!

Надградени технологии во кабината

Секако, освежување добива и кабината. Основната Active изведба добива конвенционални аналогни инструменти, но и нов централно-поставен 10-инчен мултимедијален уред со Android Auto и Apple Carplay поврзување. Мултимедијалниот уред работи значително побрзо и пореспонзивно од досегашниот, а безжичното Android Auto и Apple CarPlay поврзување експоненцијално ја зголемува неговата корисност. Под уредот се поставени кратенки кон поважните функции, но сепак – би сакале да имавме физички контроли за клима-уредот.

Поопремените верзии добиваат понапреден дигитален екран пред возачот и уште неколку играчки – но во суштина, сите потребни работи се веќе тука.

Кабината добива и ревидирани материјали и неколку нови дизајнерски елементи, но вистината е дека инженерите и дизајнерите на Peugeot тука пристапиле со добро-познатата „Ако не е расипано, не го поправај“ филозофија.

И навистина, веќе нема потреба да ја објаснуваме i-Cockpit визијата на Peugeot. Се седи ниско, управувачот е поставен ниско додека инструментите се над него. Ова овозможува одлична прегледност и кон патот и кон инструментите. Секако, нема да биде по сечиј вкус, но иновативниот пристап на Peugeot се покажува како популарен меѓу купувачите.

На предните седишта има сосем доволно простор за возачот и совозачот, додека просторната понуда на задната клупа е во рамките на очекуваното во класата. Од друга страна, 208 нуди одлични 387 литри капацитет на багажниот простор, кои пак растат на 1163 литри со преклопени задни седишта.

Весел атмосферски бензинец со 75 коњски сили

А каков е зад управувачот? Би рекле – за 208, веќе традиционално забавен. Да, под предниот поклопец се криеше основниот 1.2-литарски атмосферски бензинец со 75 коњски сили и 118 Nm вртежен момент, но во комбинација со добро-одмерените степени на пренос на 5-степениот мануелен менувач, 208 сосем коректно се движи низ градските улици. Ако ги гледаме бројките, забрзувањето до 100 километри на час трае 13.2 секунди и максималната брзина е 165 километри на час.

Поврзано:  Во салонот на Peugeot пристигна големиот 5008

Тоа не се врескачки перформанси, да не се лажеме, но се доволни за автомобил кој повеќето од времето и километрите ќе ги поминува во градскиот метеж и на семафорското гран при. И потрошувачката е прифатлива – за време на неколкудневното дружење борд-компјутерот ни прикажа просечна потрошувачка од околу 8 литри на 100 изминати километри.

Возењето е лесно. Прегледноста е одлична, серво-управувачот е лесен, педалата за спојката е мека а менувачот се движи прецизно низ брзините. Плус, благодарение на ниската маса од едвај 1000 килограми, 208 ја менува насоката со подготвеност и агилност која успева да изнуди насмевки. Да, ова е мал автомобил и не е премногу брз, но е забавен. А тоа е можеби најважното кај малите автомобили. За оние кои сакаат нешто повеќе, тука е 1.2-литарскиот PureTech со турбополнење кој испорачува 100 коњски сили, но и лајт-хибридната варијанта со автоматски менувач и 100 или 136 коњски сили.

Бидете храбри и одберете боја во урбаното сивило

И да, ова е храброст. Всушност, да се избере 208 е храбра одлука самата по себе, но да се избере 208 во Agueda Yellow е само за оние навистина храбрите. Оние кои нема да се плашат да бидат забележани. Оние кои храбро ќе изберат боја во урбаното сивило.

Спецификации

Модел: Peugeot 208 1.2 PureTech Active
Мотор: 1.2-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 75 коњски сили / 5750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 118 Nm / 2750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 5 брзини
0-100 км/ч: 13.2 секунди
Максимална Брзина: 165 километри на час
Должина: 4055 mm
Ширина: 1960 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1430 mm
Тежина: 1033 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2540 mm
Багажен Простор: 387 – 1163 литри
Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: Peugeot 208 1.2 Puretech 75 Active – 16.990 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk
Поврзано:  Peugeot е горд на новиот 3008 - веќе се направени 100.000 нарачки!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.