Кога Fiat го претстави новиот 600е, кажа дека е „идеалното решение за вљубениците во градот и ентузијастите за отворениот простор, и е совршеното отелотворување на италијанскиост стил“. Големи ветувања!
На прв поглед, 600e е очигледна и препознатлива еволуција на дизајнот кој дебитираше кај електричниот 500е, со соодветни карактеристики препознатливи за градски кросовер. Предните светла имаат кружна форма, но горниот дел е „вметнат“ во предниот поклопец. Под светлата гордо стои значката 600, додека во браникот забележуваме „насмеани“ отвори за воздух.
Профилот е карактеристичен за кросовер и тука се препознава поврзаноста меѓу веќе пензионираниот 500Х и новиот 600е, додека на задниот дел вниманието оди кон скапоцените задни светлосни елементи и дискретниот заден спојлер.
Кабината е супер-модерна и дигитализирана, но со препознатлив италијански ретро шмек. Конзолата пред возачот и совозачот е заоблена и панелот со инструменти е во кружно куќиште, но инструментите се дигитални и се прикажуваат на 7-инчен дигитален екран, додека на централната конзола е поставен голем 10.25-инчен екран за мултимедијалниот уред и многу од функционалностите.
Задолжен за задвижување на 600е е електромотор со моќност од 115 kW односно 156 коњски сили, додека батеријата е со капацитет од 54 kWh. Според Fiat (и WLTP мерењата) ова му овозможува на 600е да има автономија од 400 километри на струја во комбинирани услови, односно дури 600 километри во урбано возење.
На AC полнач полнењето е со максимална моќност од 11 kW, додека со пристап до брз DC полнач 600е ќе може да се полни со максимална моќност од 100 kW, што ќе овозможи полнење на батеријата до 80% за помалку од половина час. Во меѓувреме, Fiat веќе го претстави и 600 со поконвенционален, хибриден погон чија основа е 1.2-литарски три-цилиндерски бензинец со 100 коњски сили кој се комбинира со електромотор кој испорачува дополнителни 30 коњски сили и минијатурна батерија.
600e веќе може да се погледне во салонот на Fiat во Скопје.