PORSCHE Driving Experience 2024: Пет Porsche Taycan и безмалку 5 илјади коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

PORSCHE Driving Experience 2024: Пет Porsche Taycan и безмалку 5 илјади коњски сили!

Porscheден обично се случува еднаш годишно, но оваа година ја имаме таа привилегија два пати да бидеме поканети на Porsche Driving Experience – и тоа овој пат со освежениот електричен Taycan и конвој од неколку илјади коњски сили!

Освежениот Taycan не ни е непознат – веќе имавме можност навистина да го запознаеме пред неколку месеци на официјалната презентација во Хрватска, каде имавме можност да го возиме во неколку различни погонски конфигурации, но и да го пробаме моќниот Taycan Turbo GT кој има повеќе од 1000 коњски сили.

Сега имаме можност да го возиме освежениот Taycan на домашен терен, односно на македонски патишта. На располагање имаме неколку различни моделски изведби и конфигурации, но само две погонски изведби – Taycan Turbo и Taycan Turbo S. На располагање имавме вкупно пет автомобили – три конвенционални изведби, и по еден Taycan Sport Turismo и Cross Turismo. Нашиот избор? Taycan Sport Turismo во Turbo (или Turbo S) изведба, нормално.

Значи, пет автомобили. Една брзинска „математика“ кажува дека овие пет автомобили меѓу себе делат околу 4500 коњски сили. Taycan Turbo има 884 коњски сили и 940 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат лансирање… Не, не, зборот лансирање не е доволен, но навистина, тешко е да се најде поадекватен… Овозможуваат лансирање до 100 километри на час за 2.7 секунди.

Скалило погоре е Taycan Turbo S и неговите (подготвени сте?) 952 коњски сили и 1110 Nm вртежен момент кои ќе ви го изменат физичкиот опис при забрзување до 100 километри на час за 2.4 секунди. И секако, повторно, тука е Push To Pass функцијата (која најверојатно потекнува од некој гејмер кој играл многу, многу Mario Kart) која овозможува сите тие коњски сили да бидат достапни во интервал од 10 секунди.

Поврзано:  Porsche Клуб Македонија го прослави третиот роденден

Секој автомобил треба да има Push To Pass! Лансирањето – без оглед на брзината со која се движите – е брутално, насилно и импресивно. Наглото затегнување на кожата при инстнатното забрзување симулира пластична операција, а органите како да ни остануваат неколку десеттици метри позади нас.

Рутата нè носи од Скопје до Езерото Младост близу Велес, а за време на возењето на неколку пати се преместуваме од еден автомобил во друг. Брзината лесно се претопува од еден автомобил во друг – да бидеме искрени, 880 или 950 коњски сили… Би биле среќни со било кој автомобил.

Има многу „хејтери“ кои едноставно не ги сакаат електричните автомобили. Но тука зборуваме за електрично Porsche а тоа е веќе сосем друг муабет. Ајде да бидеме искрени, на никого не му треба уличен автомобил со безмалку 1000 коњски сили, но се радуваме дека живееме во свет во кој таквите автомобили постојат. Haters gonna hate, но кога перформансите се толку уверливи а автомобилите толку способни… Тешко е да се најдат контра-аргументи.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.