Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

Откако за прв пат го видовме на светската премиера во Париз а потоа и го возевме близу Виена, сега со задоволство можеме да пренесеме дека новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

Новиот C3 има тешка задача – треба да наследи модел кој не само што беше бест-селер за Citroën, туку беше и еден од најпродаваните модели во сегментот, па и едно од најпродаваните возила во Македонија. Сепак, има што да покаже – доаѓа со нов дизајн, нови технологии, нови погони и – секако – комфорот е на прво место.

C3 ветува дека и понатаму ќе биде одличен избор за сите потенцијални купувачи. Ние веќе имавме можност да го возиме во електрична и турбо-бензинска изведба и малиот француски автомобил успеа да нè импресионира – особено бидејќи успева во сегментот да донесе комфор кој е обично резервиран за значително поголеми (и значително поскапи) автомобили.

Citroën C3 може да се добие со 1.2-литарски турбо-бензински мотор во комбинација со мануелен менувач, со истиот мотор но во хибридна конфигурација и автоматски менувач или пак со целосно-електричен погон кој ветува автономија од над 300 километри.

Цените започнуваат од 15.990 Евра за Citroën C3 со 1.2-литарски турбо-бензинец и мануелен менувач во You ниво на опрема. За само 1000 евра повеќе се добива C3 во Plus средното ниво на опрема, додека врвниот C3 Max чини од 19.490 Евра. Хибридот со автоматски менувач чини од 19.490 Евра, додека електричниот e-C3 чини од 26.990 Евра.

За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страница на Citroën или пак салонот на Citroën во Скопје.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.