Ако малиот, незаменлив Mini е кул, забавен и забележлив, тогаш големиот Countryman е сето тоа, но двојно повеќе!
Да, ова е Mini. Добро де, во ред – димензиите веќе очигледно не се толку мини колку што некогаш беа, но името, дизајнот, технологиите и кул-факторот се тука. И тоа е тоа. Да завршиме.
Но полека, чекајте. Не е баш толку едноставно. Да кажеме дека Countryman е Mini само бидејќи така се вика, или пак само бидејќи така изгледа ќе биде делумна услуга. Нема да кажеме доволно. Бидејќи Countryman навистина Е Mini, и ќе објасниме зошто.
Видете го!
Прво и основно – видете го. Новиот Countryman поставува свој, засебен идентитет во однос на другите модели во понудата на Mini. Онаму каде новиот Mini (да, оној, малиот) е помек и повоздржан, Countryman е похрабар, со пооостри линии и правоаголни форми. На предниот дел вниманието оди кон повеќеаголните форми на предните светла и предната решетка и гордо-поставеното MINI лого веднаш над неа. Линијата која започнува со рамниот поклопец на моторот нагло се прекршува кај ветробранското стакло кое како безмалку вертикалчно да се издигнува.
Профилот е нијанса поконвенционален, но ако поубаво загледаме ќе ги забележиме дискретните мускулести линии на крилата од една страна, но и префинетите детали како вовлечените рачки од вратите од друга страна. Сето тоа е надополнето со дискретните кровни носачи, металните странични прагови и лебдечкиот кров во контрастна боја. Профилот на новиот Countryman оддава чувство на робустност и модерност.
На задниот дел вниманието веднаш оди кон широко-исфрлените вертикални задни светла кои покрај тоа што имаат графика налик на британското знаме, имаат и задача да ги нагласат димензиите на Countryman. Табличката е поставена под петтата врата, додека логото Mini и широката ознака COUNTRYMAN се токму на петтата врата, веднаш во линија на погледот.
Дали изгледа како Mini? Како мало Mini можеби не, но формата и деталите се неизбежни. Да, изгледа како Mini, но со свој засебен, можеби нијанса позрел карактер.
Најфраерскиот ентериер на пазарот? Можеби…
Ја отвораме вратата и нè пречекува можеби најфраерскиот, најинтересен ентериер кој во моментов се нуди на пазарот. Првото кое се забележува се материјалите – дизајнерите и инженерите на Mini одлучиле дека наместо конвенционални материјали, ќе понудат интересна комбинација од текстил, меки пластики, кожа и метал. И сето тоа едноставно изгледа добро. Плус, ако убаво забележите, ќе препознаете дека предниот дел на кабината е во сина боја, која полека, дури „пикселизирано“ преминува кон кафена.
И да, тука е екранот. Нема бегање од екранот. Големиот кружен OLED дисплеј се користи за безмалку сите функционалности во кабината и иако на прв контакт е малку прекомплексен, брзо му се сфаќа „логиката“ и релативно лесно се наоѓаат сите потребни работи. Дали е најлесниот на светот? Секако дека не, самата кружна форма си доаѓа со сопствени предизвици – но вистината е дека едноставно изгледа кул и со малку креативно буричкање низ мултимедијалните функционалности и вие самите можете да бидете Ди-Џеј.
Инаку, кабината е беспрекорна. Дури би рекле дека е на повисоко ниво од она кое го очекуваме од Mini – а од Mini очекуваме многу! Многу внимание е посветено дури и на најситните детаљи – на пример, внимателната обработка на „рачкичињата“ за насочување на воздухот, па преку текстилниот среден крај на управувачот, па сè до вертикалните рачки за отворање на вратите и „клучот“ за стартување поставен под екранот – сè е внимателно дизајнирано, со многу вкус и многу мајсторски пристап.
Возачкото и совозачкото седиште се супер-комфорни и лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Управувачот е со дебел обрач и се нагодува и по длабочина и по височина. Околу возачот и совозачот има еден куп прегради и места за оставање ситници, а конвенционалната централна конзола е заменета со „кутија“ поставена меѓу двете седишта.
Вратите се отвораат широко па лесно се влегува и на задните седишта. На задната клупа има доволно место за двајца патници, а доколку е потребно ќе се сместат и тројца но ќе напоменеме дека централниот тунел би го намалил просторот за нозете на патникот во средина. Од друга страна, патниците добиваат и USB приклучоци за полнење на мобилни уреди или таблети.
Кон багажникот се пристапува преку голема петта врата. Во основа, нуди капацитет од 450 литри кои се зголемуваат со поместување на лизгачката задна клупа. Со преклопени задни седишта се добиваат максимални 1450 литри.
2-литарски лајт-хибриден турбодизел, 163 коњски сили
Тестираниот модел дојде со лајт-хибриден погон кој испорачува 163 коњски или и 400 Nm вртежен момент. Погонот комбинира 2-литарски турбодизел кој испорачува 150 коњски сили од 3750 вртежи во минута и 360 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута, со мала батерија со капацитет од 0.9 кWh и електромотор интегриран во 7-брзинскиот Steptronic менувач кој испорачува дополнителни 20 коњски сили и 55 Nm вртежен момент.
Резултат на сето тоа е уверливо и неуморно забрзување, безмалку без разлика на брзината со која се движите – на хартија, забрзувањето до 100 километри на час трае 8.5 секунди, но во реалноста делува многу поуверливо, особено меѓузабрзувањата. Максималната брзина е 208 километри на час, а ниту потрошувачката не е страшна – во град очекувајте просечна потрошувачка од ситно над 7 литри, односно под 6 литри на 100 километри на отворено. Моторот работи исклучително тивко и рафинирано и не се пренесуваат ама баш никакви вибрации во кабината.
Дали вози како Mini? Да!
И конечно, дали и возењето е како кај Mini? Па, ајде вака – конвенционалните режими на возење кај Countryman се заменети со она кое Mini го нарекува Experiences. Сите тие „искуства“ всушност нудат различен режим на возење со прилично забележливи разлики – не само што го менуваат начинот на кој моторот реагира, туку го менуваат и звукот кој се пренесува во кабината, го менуваат дисплејот на големиот OLED екран и амбиенталното осветлување и всушност, секое искуство е навистина – различно искуство.
Но оние важните, механички работи се навистина погодени. Управувањето е прецизно а Countryman ја менува насоката без никакво колебање. Всушност, би рекле – како да не возиме SUV. Веднаш и јасно ги препознаваме гените на Mini – сета онаа агилност, сета онаа подвижност е тука, и покрај тоа што е висок и голем SUV. Управувањето реагира дури и на најмалите, најнежни команди без притоа Countryman да стане нервозен и непредвидлив.
Дали Countryman е навистина Mini? Не е толку мини, но да – навистина е Mini!
И сега, дали овој не-баш-мини Mini е навистина Mini? Како што рековме – да, апсолутно. Но кога тој став ќе го дополниме со сите потребни аргументи тогаш навистина нема простор за критика. Ни се допаѓа новиот Mini Countryman, навистина.
Спецификации
Модел: | Mini Countryman D |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри, MHEV |
Системска Моќност: | 163 коњски сили / 3750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 400 Nm / 1500 – 2500 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски Steptronic, 7 брзини |
0-100 км/ч: | 8.5 секунди |
Максимална Брзина: | 208 километри на час |
Должина: | 4444 mm |
Ширина: | 2069 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1661 mm |
Тежина: | 1620 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2692 mm |
Багажен Простор: | 560 – 1470 литри |
Потрошувачка: | 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Mini Countryman C – 40.400 Евра |
Цена на тестираниот модел: | MINI Countryman D – 54.102 Евра Промотивна цена – 45.990 Евра Во моментот на објавување има понуда за купување MINI Countryman D на четири еднакви годишни рати. |
Повеќе Информации: | MINI.com.mk |