Соработката помеѓу Jeep и The North Face резултираше со лимитирано издание на Avenger 4xe кое ќе биде произведено во 4.806 единици – исто колку висината на Мон Блан изразена во метри.
Надворешните промени во однос на регуларниот модел се минимални. Тука се ревидираната решетка со сјајни црни прстени и топографски центри, антирефлектирачкиот натпис на хаубата, како и 17-инчните алуминиумски тркала со црн финиш и златни букви.
Шарениот дизајн продолжува во кабината преку специјалните седишта кои црпат инспирација од јакните на The North Face. Задниот дел на предните седишта има еластични ремени кои потсетуваат на оние што се наоѓаат на ранците од истиот производител.
Дополнително тука се уникатната контролна табла со топографски линии, силуетата на Мон Блан и натписот „Еден од 4806“. На нив се приклучува уникатната централна конзола и специјалните патосници со 3D планински релјефи.
Хибридизираниот погон се состои од 1,2-литарецот со турбо полнач, два електрични мотори и шестстепен менувач со двојна спојка. Со помош на 136-те коњски сили, моделот забрзува од 0 до 100 км/ч за 9,5 секунди и достигнува максимална брзина до 194 километри на час.
Jeep моментално прифаќа нарачки на европските пазари, а купувачите заедно со возилото ќе добијат и комплет што вклучува шатор, торба и шише со вода.