Symbioz е моделот кој во хиерархијата на Renault е поставен меѓу Captur и Austral, но се наметнува со самоуверен дизајн, ефикасен хибриден погон и врвни технологии.
Иако е поставен на истата CMF-B платформа која ја користат Captur и Clio, Symbioz е поголем од овие два модели и комфорно се сместува меѓу Captur и (по)големито Austral. Секако, има јасна естетска врска меѓу Symbioz и Captur на предниот дел, но вистината е дека Symbioz наметнува свој, поостар и посамоуверен идентитет.
Но најинтересна за купувачите можеби ќе биде токму кабината која покрај врвните мултимедијални технологии (и целосна интеграција со Google) доаѓа и со врвни безбедносни технологии. Од Renault кажуваат дека Symbioz има вкупно 24 различни системи за активна и пасивна безбедност.
Практичноста е нагласена преку многуте места за складирање ситници во кабината (со вкупен капацитет од 24.7 литри, вклучувајќи и огромна касета пред совозачот со капацитет од 7 литри), но Symbioz најверојатно е рекордер кога станува збор за багажен простор – подвижната задна клупа овозможува багажник со капацитет од 492 литри, односно дури 624 литри кога е поместена нанапред.
На самото лансирање, Symbioz е достапен само со еден хибриден погон кој комбинира 1.6-литарски четирицилиндерски бензинец електромотор со 53 коњски сили и дополнителен стартер-генератор кој испорачува уште 25 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 145 коњски сили кои се испорачуваат кон предните тркала преку автоматски менувач кој (повторно) е малку несекојдневен – има четири брзини за бензинскиот мотор и две брзини за електричниот мотор.