ТЕСТ: BMW X2 M Sport xDrive 20d – Компетентен, динамичен и контроверзен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW X2 M Sport xDrive 20d – Компетентен, динамичен и контроверзен!

BMW упорно продолжува да провоцира. Но позади сето тоа лудило, има и многу рационалност. Токму таква е приказната позади новиот X2.

Кога кон крајот на 2017 BMW ја претстави првата генерација на X2, настапот беше самоуверен и храбар, иако можеби нијанса превнимателен. Да, X2 беше „купеизирана“ изведба на X1 и понуди нешто сосем ново во сегментот, но многумина му забележаа дека не е доволно различен од конвенционалниот SUV на кој беше базиран.

Сега.. Сега веќе никој не може да има таква забелешка. Новиот X1 е навистина одличен премиум SUV. Го возевме во Мај минатата година и со задоволство ја забележавме неговата зрелост. Сега, нешто повеќе од една година подоцна сме зад управувачот на новиот X2 и… Како тотално да немаат врска еден со друг.

X2 конечно има свој, засебен идентитет

Да, во ред – ја делат платформата и добар дел од кабината – но новиот X2 има свој, засебен, на негов начин самоуверен идентитет. Баварските дизајнери овој пат навистина се обиделе да испорачаат купе-SUV. Всушност, до толку е купеизиран што е и цели 5 сантиметри подолг од X1. Формата е остра и купеовска, со исфрлен преден дел и длааабок преден браник. Хоризонталните светла дополнително ја нагласуваат издолжената форма а црниот елемент во предниот дел игра огромна улога во посебноста на X2.

Профилот е чист, со изненадувачки едноставни површини и форми. Да, тука е интерпретацијата на Hoffmeister kink-от, но во суштина, профилот е чист и робустен. Е сега, доаѓаме до задниот дел – и тука е вистинската контроверзност на X2. И изненадувачки, наидовме на конфликтни реакции – на многумина не им се допадна, но истовремено на многумина и им се допадна.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: BMW M5 Touring - Мега-караван со 727 коњски сили!

Широките задни светла се директна инспирација за задните светла кај новата Серија 1 и имаат дискретни вертикални „заби“, а во долниот дел од браникот е поставен нагласениот црн декоративен елемент кој би требало да имитира дифузер.

Сè на сè – ќе речеме дека X2 дефинитивно изгледа храбро. Да, дизајнот нема да биде по сечиј вкус – но истовремено, ваков автомобил и не е за секого. X2 е екстровертен, наметлив, самоуверен, дури и малку арогантен. И најверојатно – токму таков и треба да биде.

M Sport кабина со спортски детали, врвни технологии и изненадувачки многу простор

Одиме внатре. Ја отвораме возачката врата и нè пречекува кабина која е навистина слична на онаа кај X1. Секако, работите се нагласено подинамични – особено поради M Sport пакетот на нашиот тестен модел. Седиштата се супер-комфорни и обвиени во комбинација од кожа и алкантара и нудат одлична странична поддршка, управувачот е директно пред нас, а технологиите едноставно доминираат со целата кабина.

Ентериерот е доминиран од двата 10.25-инчни дигитални екрани поставени во еден закривен елемент пред возачот и над централниот гребен. Пред возачот се поставени инструментите, додека на другиот екран се контролите за мултимедијалните содржини, навигацијата и слично. Вертикално, веднаш под централниот екран се наоѓа просторот за складирање (и полнење) мобилен телефон под кој се поставени два USB-C приклучоци. Контролерот за преносот е на лебдечки гребен меѓу возачот и совозачот.

Во кабината доминираат модерни детали и материјали – горниот дел од конзолата пред возачот и совозачот, како и горниот дел од вратите се обвиени во алкантара, па потоа забележуваме елементи со метален финиш. Материјалите и завршната обработка се навистина одлични!

Поврзано:  За прв пат, BMW во Европа продаде повеќе електрични возила од Tesla

На задната клупа има изненадувачки многу простор – како за нозете, дури и за главите на патниците. Велиме изненадувачки затоа што на прв поглед, купеовската форма делува како да ќе резултира со низок кров – но тоа едноставно не е така. Океј, океј – можеби на „двометрашите“ ќе им недостасува малку простор, но верувајте, на задната клупа е изненадувачки комфорно.

Задната клупа има централен отвор и лесно се преклопува. Со отворање на петтата врата се пристапува до багажникот кој има капацитет од одлични 560 литри, односно безмалку 1500 литри со преклопена задна клупа.

Докажан, доверлив турбодизел

Како што најверојатно забележавте од насловот, нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарски лајт-хибриден турбодизел. Самиот мотор испорачува 150 коњски сили, но хибридната компонента додава уште 20 коњски сили и 55 Nm вртежен момент, па вкупната, системска моќност е одлични 163 коњски сили и силни 400 Nm вртежен момент. Силата се испорачува преку 7-брзински автоматски Steptronic менувач примарно кон предните тркала со можност за пренасочување на вртежниот момент и кон задните тркала кога е потребно.

Резултат на сето тоа? Самоуверен, неуморен спринт до 100 километри на час за 8.6 секунди и максимални 207 километри на час. Благодарение на сиот тој вртежен момент, меѓузабрзувањата се подеднакво линеарни и експлозивни и во ниту еден момент нема да почувствувате ниту да помислите дека на X2 му недостасува сила.

X2 навистина нема никакво право да е толку управлив

И всушност, тука доаѓаме до искуството зад управувачот. Платформата која ја дели со пониски и поспортски модели тука ги исплаќа дивидендите – X2 навистина нема никакво право да е толку управлив и динамичен.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: BMW Серија 1 M135 (и 120): Нова генерација на ултимативниот хот хеч

Со префрлање во Sport, управувањето добива повеќе отпор и станува пореспонзивно, а X2 како да станува помал. Од свиок во свиок, суспензијата успева да ја контролира масата од 1700 килограми и му овозможува на овој SUV да остане неутрален и стабилен.

BMW не бега од контроверзиите – и тоа е Добра Работа.

X2 е контроверзен. Апсолутно. За да го тврдиме спротивното, би требало да удираме со главата во ѕид. Но тоа не е лоша работа – неговата контроверзност го прави интересен и дури привлечен. Не е за секого, но не ни треба да биде. Ваквите модели никогаш не се – уште со лансирањето на првиот X6, BMW најави дека работите веќе нема да бидат исти и дека не бега од таквите моменти. И всушност, кога ќе ги ставиме на исто место премиум позиционирањето на X2 (и BMW, воопшто), неизбежните динамични квалитети кои си доаѓаат со значката и врвните технологии кои купувачите ги очекуваат – малку контроверзност воопшто не е на одмет, нели?

Спецификации

Модел: BMW X2 M Sport xDrive 20d
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри, MHEV
Моќност: 163 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1500 – 2500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски Steptronic, 7 брзини
0-100 км/ч: 8.6 секунди
Максимална Брзина: 207 километри на час
Должина: 4544 mm
Ширина: 2104 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1590 mm
Тежина: 1705 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2692 mm
Багажен Простор: 560 – 1470 литри
Потрошувачка: 7.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: BMW X2 sDrive18i – 47.310 Евра
Цена на тестираниот модел: BMW X2 M Sport xDrive 20d – 68.409 Евра
Повеќе Информации: BMW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.