Opel ја освежи Mokka – добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Opel ја освежи Mokka – добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер

Измените кај Mokka се екстремно дискретни, но се доволни за Mokka и понатаму да биде интересна за купувачите.

Кога пред неколку години Opel со Mokka го претстави и воведе новиот дизајнерски јазик, не можевме ни да очекуваме колку всушност ќе биде радикална трансформацијата на германскиот бренд. Сега, неколку години подоцна, Opel подготви освежување за Mokka кое е дискретно, но сепак интересно.

Забележуваме редизајниран преден браник кој ја подобрува аеродинамиката. Веќе ги нема LED светлата за магла, туку сега тие се интегрирани во главните светлосни групи. Главните светлосни групи се редизајнирани со нова графика и вертикални елементи налик на Frontera и новиот, голем Grandland (кој ние пред само неколку денови го возевме во Риселсхајм и наскоро ќе ги објавиме нашите впечатоци). Истовремено, Mokka го добива новиот Opel Blitz знак на предната маска.

Друг детал кој го поздравуваме е целосното отсуство на хромирани елементи – и ова е сосем разбирливо, младите купувачи не сакаат хромирани елементи туку сакаат нешто помодерно и поинтересно. Особено ни се допаѓа и новата боја!

Кабината добива два 10-инчни дигитални екрани со надграден софтвер и интегриран ChatGPT. Забележуваме и нов управувач (преземен директно од Grandland) и некои нови прекинувачи.

Во однос на погоните, купувачите ќе можат да изберат меѓу бензинец, хибриден бензинец и целосно-електрична Mokka. Основниот бензинец е со 136 коњски сили и мануелен менувач. Лајт-хибридната варијанта добива дополнителни 28 коњски сили од електромотор вграден во шест-брзинскиот автоматски менувач. Целосно-електричната Mokka добива електромотор кој испорачува 155 коњски сили а се напојува од батериски модул со капацитет од 54 kWh.

 

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.