Новиот хиперавтомобил на Ferrari доаѓа со хибриден V-6, 1200 коњски сили и цена од 3,6 милиони евра!
3-литарскиот V6 произведува 900 коњски сили, а кога се комбинира со трите електромотори бројката се искачува на 1200! Два мотори со интегриран систем за ладење се поставени на предната оска, додека третиот се наоѓа на задната оска. Двата мотора напред овозможуваат векторирање на вртежниот момент и можат да испратат до 210 киловати назад кон предната оска преку регенеративно сопирање.
Потребни се само 2.15 секунди за возилото да достигне 100, односно 5.75 секунди за да достигне 200 километри на час. Неговата максимална брзина е 350 километри на час. Електричниот мотор на задниот дел врши три основни функции: палење на моторот на бензин, враќање на енергијата и додавање дополнителен вртежен момент кога е потребно. Сите три електрични мотори се поврзани со 800-волтни батерии со литиумски ќелии со вкупен капацитет од 2,3 киловат-часови.
F80 користи асиметрична монокок карбонска шасија. Покривот е целосно карбонски, додека предната и задната подрамка се алуминиумски. Во внатрешноста доминира традиционалниот распоред со две седишта каде кокпитот е фокусиран на возачот. Контролната табла е наклонета кон возачот, а возачкото седиште е прилагодливо, за разлика од совозачкото седиште кое е фиксирано за шасијата. Тука е и новиот волан со рамен горен и долен дел.
Ferrari F80 има три различни режими на возење: Hybrid, Performance и Qualify. Моделот нема целосно електричен режим на возење, но стандардниот хибриден режим дава приоритет на обновувањето на енергијата и полнењето на батеријата, додека режимот Performance дава повеќе енергија и ја одржува батеријата во состојба на полнење од околу 70 проценти. И за крај погодувате, режимот за Qualify ја ослободува целосната моќ на F80.
Во соработка со Brembo, Ferrari воведе нова технологија за сопирање наречена CCM-R Plus. Карбонските сопирачки со подолги влакна ја подобруваат механичката сила во однос на традиционалните карбонски сопирачки за 100 проценти, а истовремено ја подобруваат и топлинската поврзаност за дури 300 проценти. F80 исто така добива нов систем со активна суспензија. Секој амортизер има мотор што може да го сопира или забрза клипот, елиминирајќи ја потребата од физички систем против превртување. Системот за суспензија, исто така обезбедува многу стабилна аеродинамична платформа, што е сосема неопходна за ваков тип на автомобил.
И за крај, цената. Ferrari F80 чини 3,6 милиони евра а со тоа станува најскапиот модел на сите времиња на брендот. Ќе бидат изградени само 799 примероци, а производството ќе започне на крајот на 2025 година.