ПРВО ВОЗЕЊЕ: BMW Серија 1 M135 (и 120): Нова генерација на ултимативниот хот хеч – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРВО ВОЗЕЊЕ: BMW Серија 1 M135 (и 120): Нова генерација на ултимативниот хот хеч

BMW верува во Серијата 1 и во нејзината динамичност. Затоа и нè покани во Минхен да седнеме зад управувачот на новата Серија 1 и тоа во две изведби – едната со 170, другата со дури 300 коњски сили и погон на сите четири тркала!

Рецептот за хот хеч станува сè покомплициран. Автомобилите стануваат сè помоќни, брзините сè поголеми, перформансите сè поимпресивни – а ограничувањата (и казните) сè построги. И всушност, вистинскиот инженеринг се препознава кога во (релативно) мал автомобил ќе се спакува долгогодишното наследство на еден производител како BMW.

Значи, новата Серија 1. Неодамна, BMW нè покани во Минхен за да го возиме новиот SUV X3 (и нашите впечатоци од X3 можете да ги погледнете тука), но и новата Серија 1. За табличките на „Кецот“ ургиравме. Верувајте.

Нов, поедноставен и затегнат дизајн

Дизајнот на новиот „Кец“ е интересен. Самиот лик е поедноставен и заострен во однос на моделот кој го заменува. Предните светлосни групи имаат поедноставна форма (но комплексна графика), а бубрезите се значително потенки и помалку наметливи. Во браникот долниот дел од предниот браник се забележува длабок, нагласен отвор за Серијата 1 да може полесно да дише, додека страничните отвори во предниот браник имаат улога да насочуваат воздух и кон сопирачките, но и кон моторот.

Профилот е низок и самоуверен, со ниски стаклени површини и крила исполнети со гооолеми тркала, а агресивноста ја истакнува и задниот спојлер кој е особено забележителен кога го гледаме профилот и е уште понагласен кај M135.

Задниот дел добива нијанса покомплексни задни светла, но и агресивен дифузер кој кај M135 четири вистински завршетоци на издувниот систем. „Обичната“ Серија 1 добива поедноставен заден браник и скриени завршетоци на издувниот систем.

Спортска кабина, каква што и заслужува

Но ако екстериерот е освежен во однос на минатата генерација, тогаш кабината е целосно и темелно обновена. Кабината е беспрекорно изработена и обвиена во квалитетни материјали, а силен фокус е даден на дигитализацијата.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3

Зад управувачот се крие 10.25-инчен екран наменет за инструментите и информациите околу возењето, додека на централната конзола е поставен 10.7-инчен екран наменет за навигацијата, клима-уредот и мултимедијалните содржини. Целиот систем е изграден врз BMW OS9 и функционира навистина брзо и подготвено реагира на сите допири на екранот. Да, системот е комплексен, но во суштина – брзо ќе се навикнете. Плус, доаѓа со безжична Android Auto и Apple CarPlay интеграција.

Кабината е нагласено спортска – особено кај M135. Седиштата нудат исклучителна странична поддршка и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Секако, суспензијата е нагодена повеќе кон динамичното возење и спортските перформанси, а тоа ни се допаѓа.

Две верзии – и двете спортски, но едната е поспортска!

Имавме можност да возиме две различни верзии. Прво седнавме зад управувачот на Серија 1 во изведба 120. Оваа верзија е придвижувана од 1.5-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец со лајт-хибридна компонента. Кон предните тркала (преку 7-брзински Steptronic автоматски менувач) испорачува вкупно 170 коњски сили и 280 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат повеќе од добри 7.8 секунди до 100 километри на час и максимални 226 километри на час.

Она кое навистина изненадува кај оваа верзија на Серијата 1 е динамичноста. Малиот мотор во предниот дел значи и ниска маса, што пак овозможува лесно префрлање од свиок во свиок. И интересно, во ниту еден момент нема чувство на недостаток на моќ, а само карактеристичниот звук наговестува дека под предниот поклопец се крие мотор со 3 цилиндри.

А М135? Тоа е веќе сосем поинаква ѕверка. Продуктот на М-дивизијата има погон на сите четири тркала, шасиски подобрувања и зацврстувања и – секако – значително повеќе моќ. Тука под предниот поклопец се крие 2-литарски турбо-бензинец кој кон сите четири тркала испорачува 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. И благодарение на 7-брзинскиот Steptronic може да испорача експлозивни и конзистентни перформанси – 100 километри на час пристигнуваат за 4.9 секунди, максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.

Поврзано:  BMW ја претстави новата Серија 2 Gran Coupe

На силно притискање на педалата за гас, М135 катапултира нанапред, а перформансите се придружени од механички, агресивен звук. Вистинските таленти се забележуваат од свиок во свиок, каде погонот на сите четири тркала безмалку гарантира стабилност и динамичност.

Да, погонот примарно ја испорачува силата кон предните тркала, но во оној момент кога системот ќе забележи потреба ја пренасочува силата онаму каде е потребна. Задниот дел послушно ги следи наредбите и подуправувањето и надуправувањето се безмалку целосно елиминирани – M135 е максимално неутрален и на излегување од свиок „фрла“ нанапред како од чатал.

Многу други пробуваат, но не можат да ја достигнат Серијата 1

Дали Серијата 1 е ултимативниот хот хеч? Секако, конкуренцијата е силна и доаѓа од многу различни континенти – но карактерот на BMW се препознава во секоја линија на новиот најмал Баварец. Многумина ќе критикуваат ова или она, но на самиот крај фактот останува – Серијата 1 и понатаму нуди перформанси и карактер кои за многу други се едноставно.. Недостижни!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.