ПРВО ВОЗЕЊЕ: Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy – Нова димензија. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРВО ВОЗЕЊЕ: Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy – Нова димензија.

Имавме можност да седнеме зад управувачот на новата генерација на големиот SUV на корејскиот производител – и ова е едно сосем ново ниво за Hyundai!

Hyundai како да не може да направи грешка изминативе неколку години. Од мали, градски автомобили, до спортски хечбекови и кросовери, па сè до големи SUV модели и електрични автомобили – Hyundai има сè во понудата и секој модел се натпреварува за водечката позиција во својата класа.

И корејскиот производител тоа го постигнува со храбро, самоуверено натпреварување во секој сегмент во кој одлучува да настапи. Едноставно, веќе не настапуваат со половичен, воздржан ангажман, туку влегуваат во натпреварот со сета експертиза и храброст кои ги имаат. И резултатите се очигледни.

Во океанот од разно-разни SUV модели, нема да го изгубите Santa Fe

Токму таков впечаток остава и новиот Santa Fe. Во океанот на секакви SUV модели, тешко е да се понуди модел кој ќе се издвои меѓу конкурентите. Сите нудат технологии, сите нудат ефикасни погони, сите нудат ова или она – но Hyundai одлучи дека покрај сето тоа, ќе понуди дизајн кој едноставно никого не го остава рамнодушен.

Првиот впечаток е дека ова е огромен, кутиест SUV. И како што неретко бидува, првиот впечаток е и вистински – ова е голем, кутиест SUV. Всушност, кај Santa Fe доминираат чисти, прави линии и скриени H-детали кои суптилно нагласуваат кој е брендот кој стои позади него.

Од Hyundai гордо кажуваат дека сите тие „кутиести“ детали се наменски. И се гледа – на предниот дел вниманието веднаш оди кон предните светла, односно дневните светла во обликот на латиничната буква H. Веднаш под нив е огромниот отвор за ладилникот, декориран (повторно) во обликот на буквата H. Поклопецот на моторот е рамен, со диииискретно централно издигнување, а линијата се приспојува во релативно острото ветробранско стакло.

Профилот е исто така чист, со остри и рамни линии. Исфрлените крила ги прекршуваат рамните површини и му даваат на големиот SUV уште поробустен лик, а стаклените површини само нагласуваат за просторната понуда во кабината.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Можеби најконтроверзен е задниот дел. Скоро и да нема исфрлен заден браник, што пак ја нагласува вертикалноста (и едноставноста) на задниот дел. Задните светла се поставени ниско под петтата врата (и повторно, тие се во облик на латиничната буква H) и со тоа повторно ја истакнуваат вертикалноста на Santa Fe.

Дизајнерскиот пристап е интересен. Со користење на чисти, остри и рамни линии се добива поедноставен дизајн кој изгледа како да припаѓа и во 80-тите години од минатиот век, и во денешницата, но истовремено како да припаѓа и на иднината. Единствениот заоблен елемент? Логото на Hyundai на предниот поклопец и на петтата врата.

Многу простор, многу технологии

Ја отвораме вратата и нè пречекува опулентен ентериер. Ентериерот истовремено успева да оддаде премиум чувство, но и да понуди цела лепеза на практични елементи.

На горната половина на централната конзола е поставен дигиталниот хаб на Santa Fe. Тоа се всушност два екрани со дијагонала од 12.3 инчи – еден наменет за возачот и на него се поставени инструментите и информациите околу возењето, а друг наменет за навигацијата и мултимедијалните функционалности. Дополнително, има уште еден екран поставен во централната конзола преку кој се контролира клима уредот. Сепак, вреди да се напомене дека Hyundai одлучиле да задржат и физички контроли за многу од функционалностите. Под овој екран е подлогата за безжично полнење на два мобилни уреди.

Инаку, во кабината има многу, многу простор. Santa Fe е SUV со седум седишта – и има доволно простор без разлика каде ќе одлучите да седнете. На задната клупа има повеќе од доволно простор – како на пример во луксузна лимузина, а возрасни ќе седнат прилично комфорно дури и во третиот ред.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

На задната клупа има и централен наслон, а се нагодува и аголот на задниот дел на седиштата, па лесно се наоѓа комфорна позиција дури и за подалечни патувања.

А кога сме кај патувањата, нема да ви недостасува ниту багажен простор. Преку онаа огромната петта врата се пристапува до хангар со капацитет од 628 литри, односно 1949 литри со преклопени седишта.

Нема дизел, само хибрид

На нашиот пазар Santa Fe ќе се нуди само со хибриден погон кој комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец со батерија и електромотор. Турбо-бензинецот испорачува 160 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент од 1500 до 3500 вртежи во минута. Вкупната, системска моќност е 215 коњски сили и одлични 367 Nm вртежен момент.

Забрзувањето до 100 километри на час трае само 9.8 секунди, додека максималната брзина е солидни 180 километри на час. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку автоматски менувач и електронски диференцијал за распределување на вртежниот момент.

Традиционалистите ќе прашаат „а каде е дизелот?“, на што ние ќе одговориме – со овој погон, навистина нема потреба од тежок дизелски мотор. Погонот реагира подготвено на секое притискање на десната педала и со изненадувачка леснотија го задвижува 2 тони тешкиот SUV. Влијанието на електромоторот се забележува и при тргнување, и при забрзување, но и кога ќе дојде ред да се наполни резервоарот со гориво. За жал, не можевме прецизно да измериме потрошувачка, но нашето тестно возило (кое имаше поминато скоро девет илјади километри) пријави просечна потрошувачка од само 8 литри на 100 изминати километри.

Комфорен и суверен

И по сето ова, како е зад управувачот? Со оглед на димензиите и масата, Santa Fe се однесува изненадувачки неутрално. Всушност, Santa Fe се однесува како значително поскап автомобил. Дали би рекле дека Santa Fe е возбудлив автомобил? На некој свој начин, можеби – но вистината е дека поентата на ваквите автомобили е да бидат комфорни, просторни и ефикасни крстосувачи.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

А Santa Fe е токму тоа – управувањето е лесно, менувачот работи скоро незабележително, а дури и на големите 20-инчни тркала, суспензијата успева да ги совлада и малите и големите несовршености на патиштата. Дури и кога ќе го напуштите асфалтот, Santa Fe успева да биде самоуверена. А кога ќе дојдете до свиоци, Santa Fe се чувствува како да е помал автомобил и од ја менува насоката од свиок во свиок со изненадувачка грациозност.

Santa Fe не се плаши да биде наметлив.

Заклучок? Новиот Santa Fe е доминантен и наметлив. Се наметнува со дизајнот, пропорциите и димензиите. Се наметнува и со просторноста и технологиите, и го покажува Hyundai во едно поинакво, погорделиво светло. Ова не е SUV модел кој е само добар, туку е доволно добар да се споредува дури и со премиум германски ривали. А тоа веќе кажува нешто повеќе…

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.