McLaren W1 има на располагање цели 1275 коњски сили благодарение на хибридниот погон кој вклучува целосно-нов твин-турбо V8!
По F1 и P1, време е за нова ознака – а таа е (малку неочекувана, барем за нас, ретко кој ја користи буквата W во ознаките) W1. Наследникот на F1 и P1 е хибриден хипер-автомобил кој ќе чини од 2 милиони фунти – но затоа ќе испорачува спектакуларни перформанси.
Срцето на W1 е секако новиот хибриден погон, но срцето на срцето е новиот 4-литарски твин-турбо V8 кој ја носи ознаката MHP-8. Овој V8 испорачува 929 коњски сили, односно неверојатни 230 коњски сили по литар зафатнина. Врескачкиот V8 врти до 9200 вртежи во минута, а соработува со електромотор кој испорачува дополнителни 346 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 1275 коњски сили и 1340 Nm вртежен момент, доволни да го катапултираат W1 до 100 километри на час за 2.7 секунди, до 200 километри на час за 5.8 секунди и сè до максималните 350 километри на час.
Електромоторот се напојува од мала батерија со капацитет од 1.384 kWh, која пак овозможува автономија на струја од само 2.6 километри. Но поентата на батеријата не е да овозможува автономија на струја, туку да овозможува брзо полнење и празнење, а со тоа и врвни перформанси. Интересно, батеријата се користи за движење во „рикверц“.
Инаку, W1 има луда активна аеродинамика, со нагласен заден спојлер и активен преден сплитер. Во зависност од режимот на возење, активните аеро-системи се прилагодуваат кон потребите за да овозможат врвни перформанси. Во зависност од условите, аеро-компонентите овозможуваат до 1000 килограми потисна сила!
McLaren ќе произведе само 399 примероци од W1. И сите се веќе продадени. А да, и W1 е првиот McLaren со gullwing врати!