Новиот концепт на Renault најавува како би можел да изгледа хибриден автомобил кој користи водород како погонско гориво.
Концептот на Renault е поставен на AmpR Medium архитектурата на францускиот бренд, која пак е технолошка еволуција на CMF-EV платформата која веќе се користи за Megane E-Tech и Scenic E-Tech. Зошто е ова важно? Затоа што всушност покажува дека технологијата е блиску до сериско производство и дека не постојат преголеми пречки таа да биде искористена за автомобил кој всушност би пристигнал на пазарот.
Renault го нарекува пристапот „Dual Power Energy Powetrain“ и комбинира батерија со капацитет од 40 kWh наменета за секојдневно возење, со водородна ќелија која би се користела за подалечно возење. За задвижување на Embleme е задолжен електромотор со моќност од 218 коњски сили. Тоа можеби и не звучи како многу, но Embleme тежи само 1750 килограми – значително помалку од еквивалентен батериски-електричен автомобил. Според Renault, батеријата овозможува автономија од „неколку стотици километри“, а резервоарот за водород (со капацитет од 2.8 килограми) овозможува дополнителни 350 километри. Според Renaul, концептот може да помине 1000 километри со две застанувања кои би траеле само 5 минути. Доколку најдете станица за полнење водород, секако.
Најважната цел која сака да ја постигне Renault со овој концепт е да истражи и дојде до решенија кои ќе овозможат макисимална „декарбонизација“ во целиот животен век на возилото. Според Renault, концептот овозможува намалување на емисиите на CO2 за цели 90% во целиот животен век, а целта е постигната преку соработка со 20 различни партнери кои соработувале со Renault и Ampere. Меѓу другото, користени се природни и рециклирани материјали, односно се искористени одредени компоненти, а користена е и енергија од обновливи извори при производство.
Embleme ќе биде покажан на саемот на автомобили во Париз.