Електричната изведба на 408 добива електромотор со моќност од 210 коњски сили и батериски модул со капацитет од 58.2 kWh.
Храбриот и несекојдневен Peugeot 408 сега може да се добие во целосно-електрична варијанта. Именуван (очекувано) Е-408, новиот електричен кросовер-купе доаѓа со електромотор со моќност од 210 коњски сили и одлични 345 Nm вртежен момент. Електромоторот се напојува од батерија со капацитет од 58.2 kWh која овозможува автономија до 453 километри.
На обичен полнач, Peugeot е-408 се полни со максимална моќност до 11 kW. На брз полнач, e-408 дозволува полнење до максимални 120 kW, што пак овозможува полнење од 20 до 80 проценти за околу 30 минути, односно се додаваат 100 километри автономија за само 10 минути полнење.
Peugeot E-408 ќе може да се добие во две нивоа на опрема – веќе богато-опремениот Allure и врвниот GT. E-408 GT стандардно ќе доаѓа со Matrix LED предни светла, електричен поклопец на багажникот, напредно амбиентално осветлување и напредни технологии за асистенција при возењето.
Со лансирањето на E-408, Peugeot и официјално нуди електрична верзија од секој модел во своето портфолио. Peugeot нуди вкупно 12 различни електрични возила, со што е на самиот врв меѓу европските производители.