ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-електричниот Elroq – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-електричниот Elroq

Elroq е електричен SUV кој ќе може да помине повеќе од 580 километри со едно полнење, ќе доаѓа со погон на задните или на сите четири тркала и воведува многу новитети – од нов дизајн, преку нови ознаки, па сè до нови технологии.

Ајде прво да зборуваме за дизајнот. Веднаш се забележува најновата итерација на Modern Solid дизајнерскиот јазик кој добива нов лик преку Tech-Deck Face. Конвенционалната маска на ладилникот е заменета со црн панел позади кој се кријат сензорите и предната камера, а околу овој панел се поставени „двоспратните“ предни светла.

Над сето ова доминира големиот, наметлив преден поклопец. Интересно, Elroq не носи предна значка Škoda – таа сега е заменета со директно поставување на букви Škoda, нешто што за прв пат се појавува кај модел на чешкиот бренд.

Профилот и задниот дел се поконвенционални. На профилот доминираат големите стаклени површини и големите тркала, како и црните заштитни пластики кои се околу целиот автомобил и на Elroq му даваат доза на робустност. Задниот дел е типичен за Škoda – привлечни и едноставни линии и форми, со ненаметлив дизајн и атраткивни детаљи. Аеро-оптимизираниот дизајн овозможува коефициент на отпор на воздухот од само 0.26 Cd.

Во кабината е применет сличен минималистички пристап. Пред возачот е поставен мал дигитален инструмент-панел наменет за најважните информации, додека на конзолата Elroq добива централно-поставен 13-инчен инфозабавен дисплеј наменет за повеќето функционалности. Истовремено, Elroq може да добие и хед-ап дисплеј за надградена реалност. Laura гласовниот асистент е интегриран со ChatGPT, па дигиталниот сопатник е подготвен да одговара на прашања покрај можностите да контролира функционалности во автомобилот.

Поврзано:  Skoda се поздравува со минатиот Superb со специјален примерок со скоро 500 коњски сили!

Сепак, не се сите контроли исклучиво дигитални – дизајнерите одлучиле да вклучат физички контроли за неколку важни функционалости, а забележуваме и мал контролер за преносот. Секако, кабината добива и амбиентално осветлување, а достапни се и оддржливи материјали за некои површини во кабината. Секако, тука се и неизбежните Simply Clever додатоци – чадорот во возачката врата, дополнителни места за складирање за задните патници, итн. Багажникот е со капацитет од одлични 470 литри, односно 1580 литри со преклопени задни седишта.

Е сега, малку и за достапните погонски опции. Elroq е поставен на MEB платформата и тоа овозможува неколку различни конфигурации. Основната изведба е Elroq 50 кој носи батерија со капацитет од 55 kWh и електромотор со моќност од 170 коњски сили и 310 Nm. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 9 секунди, достигнува 160 километри на час и може да помине до 375 километри.

Скалило погоре е Elroq 60 со батерија со капацитет од 63 kWh и електромотор со моќност од 204 коњски сили и 310 Nm. Оваа верзија има зголемена автономија до 400 километри и забрзува до 100 километри на час за 8.5 секунди.

На самиот врв е Elroq 85 кој носи голем батериски модул со капацитет од 82 kWh. Оваа верзија ветува автономија (според WLTP, секако) до 581 километар. Оваа верзија се комбинира со заден погон кој испорачува 286 коњски сили и 545 Nm вртежен момент, кој пак овозможува спринт до 100 километри на час за 6.6 секунди и максимални 180 километри на час. Škoda го потврди и Elroq 85x кој ќе има погон на сите четири тркала, но конечните детали ќе ги објави понатаму.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

Во зависност од конфигурацијата, Elroq ќе се полни со максимална моќност до 145, 165 или 175 kW. Elroq ќе биде достапен на почетокот на следната година. Ќе биде лансирана и специјална First Edition изведба која стандардно ќе носи одредена дополнителна опрема, а Škoda го претстави и Elroq Sportline со нагласени спортски детали и поспортски ентериер. Цените во Европа се очекува да почнуваат од 33.000 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.