Кинескиот производител Leapmotor во соработка со глобалниот гигант Stellantis пристигнува на европскиот пазар.
Stellantis е најголемиот акционер во Leapmotor, па сосем е логична одлуката на глобалниот гигант да ги донесе моделите на кинескиот производител во Европа. Leapmotor на европскиот пазар ќе понуди два нови електрични модели – малиот T03 и големиот C10 SUV.
И токму со Leapmotor, Stellantis ќе се обиде на европските купувачи да им понуди уште подостапни електрични автомобили. Малиот, урбан T03 е наменет токму за градските возачи на кои им е потребен мал, компактен и маневрабилен автомобил. Според најавите, T03 ќе чини од 18.900 Евра (во зависност од пазарот, секако). Поголемиот SUV со ознаката C10 ќе чини од 36.400 Евра.
T03 веќе неколку години се продава во Кина, но за купувачите во Европа ќе се произведува во фабриката на Stellantis во Тиши, Полска. T03 ќе биде директен конкурент на Dacia Spring, но и на модели од Stellantis – Citroen e-C3 и Fiat Panda. Големиот C10 ќе се увезува од Кина, но се очекува дека и покрај увозните тарифи за кинески возила, сепак ќе успее да ја задржи привлечната цена.
Првите примероци од T03 се очекуваат на пазарите ширум Европа деновиве. До крајот на оваа година Leapmotor ќе пристигне во Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Луксембург, Малта, Холандија, Романија, Португалија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото Кралство. Сега за сега немаме информации дали (и кога) моделите на Leapmotor би пристигнале во Македонија, но не би биле изненадени доколку токму T03 пристигне и кај нас.