ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3

BMW нè покани во Минхен да ги возиме новите Серија 1 и X3 – па прво ќе зборуваме за најновата генерација на супер-популарниот баварски SUV.

Ако треба накратко да го опишеме новиот X3, ќе кажеме дека станува сериозна конкуренција на големиот X5. Да, новиот SUV е поголем, помоќен и технолошки понапреден, но тоа е лесно да се каже, како се демонстрира?

Ајде да започнеме вака – токму X3 е глобалниот бест-селер на BMW. А тоа значи дека новата генерација треба да исполни навистина големи чевли, односно да успее да ја продолжи таа успешна приказна. За да го направи тоа, оваа нова, четврта генерација наметнува еден похрабар и посамоуверен пристап кон сегментот.

Од BMW кажуваат дека новата генерација е навистина нова, и дека скоро и да нема компоненти кои се пренесуваат од минатиот модел. Тоа го нагласува и дизајнот, кој едноставно… Нема врска со минатите генерации. Да, дизајнот е самоуверен, наметлив и храбар. На некои нема да им се допадне, и тоа е океј, BMW токму тоа и го сака. BMW сака X3 да биде поларизирачки, сака да биде наметлив и да развие дискусија.

Арогантен, самоуверен дизајн

Предниот дел е можеби најконтраверзен – светлата се мали и хоризонтални, додека „бубрезите“ се големи и наметливи. Во долниот дел од браникот препознаваме дизајнерски елементи од фејслифтираната Серија 3, но вистината е дека X3 инсистира да биде засебен модел, дури и во X-гамата на BMW.

Профилот е чист, со едноставни линии и високо поставена карактерна линија, додека задниот дел го дефинираат широките задни светлосни групи кои имаат дизајн на ракета или пак стрела, како и да милувате. Во долниот дел на браникот кај M50 изведбата забележуваме и 4 вистински завршетоци на издувниот систем.

Сè на сè, дизајнот на новиот X3 е несомнено арогантен. X3 не сака да биде помешан со своите браќа, но истовремено сака да се издвои и меѓу (навистина одличните) конкуренти. Овој сегмент е супер-компетитивен, а дизајнот е само еден од потребните оружја.

Поврзано:  ТЕСТ: BMW X2 M Sport xDrive 20d - Компетентен, динамичен и контроверзен!

Спортска, но просторна и практична кабина со многу, многу технологии

Второто, можеби уште поважно оружје за борба во сегментот е ентериерот. Новиот X3 е поголем од моделот кој го заменува, а ги добива и сите нови технологии на BMW. Секако, тука е огромниот закривен дисплеј (кој всушност го сочинуваат два засебни екрани) позади кој стои најновата генерација на BMW OS, базирана на Android. Екранот наменет за инструментите е со дијагонала од 12.7 инчи, додека централниот дисплеј е со дијагонала од 14.9 инчи.

За жал, BMW одлучи да ги елеминира повеќето физички копчиња, па скоро до сите функционалности се пристапува преку централниот екран, но ќе признаеме дека BMW го има можеби најдобро решениот систем. Да, малку е конфузно на почеток, но брзо се навикнавме. Плус, BMW одлучи да го задржи ротирачкиот контролер на централната конзола.

Она кое ќе го истакнеме е новиот систем за амбиентално осветлување. Да, можеби е само „финта“, но ќе кажеме дека е добра финта. Едноставно, изгледа убаво. Немаме замерка ниту на седиштата и просторноста во кабината. Во ред, нема место за седум седишта, но како SUV со пет седишта, X3 е на самиот врв во класата. Има многу простор, материјалите се на очекуваното ниво, а завршната обработка е на ниво кое го очекуваме од премиум бренд како BMW.

X3 добива и одличен, супер-прегледен хед-ап дисплеј на кој се пренесуваат и насоки од навигацијата и грст други информации. Кога сме кај навигацијата, уредот за навигација може на централниот дисплеј, или пак на дисплејот пред возачот да пренесува видео од патот пред возилото во вистинско време и на него да „лепи“ точни инструкции каде треба да се движиме.

Поврзано:  BMW ја претстави новата Серија 2 Gran Coupe

Возевме две верзии, едната со малку над 200, другата со безмалку 400 коњски сили!

Океј, а како е зад управувачот? Имавме можност да возиме две изведби на новиот X3. Едната беше „основната“ X3 20 (BMW ја исфрли ознаката i од бензинците и ја резервира за електричните модели), опремена со лајт-хибриден 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува вкупно 208 коњски сили и 330 Nm вртежен момент. Втората беше значително поинтересната конфигурација, директно од експертите од М-дивизијата.

Оваа верзија ја носи ознаката X3 M50 и носи лајт-хибриден турбо-бензинец со шест цилиндри во линија кој испорачува вкупно 398 коњски сили и 580 Nm вртежен момент. Резултат на ова е спринт до 100 километри на час за 4.6 секунди и максимални 250 километри на час.

И BMW успеа повторно. Успеа да го направи најдиректниот, најпрецизниот, најспортскиот модел во сегментот. Без разлика на погонската конфигурација, X3 нуди игривост која конкурентите едноставно не можат да ја понудат. Динамичниот карактер на X3 доаѓа до израз уште повеќе кога ќе префрлите во спортски режим на работа. Управувањето станува нијанса потешко, но суспензијата станува значително поцврста а турбо-бензинецот (особено во M50) станува поагресивен и поексплозивно ја испорачува моќта. Шасијата е примарно со погон на задните тркала и тоа се чувствува, дури и во поостри свиоци каде X3 се однесува како да е помал и полесен… Автомобил!

X3 послушно ги следи насоките од управувачот, но истовремено е подготвен и (контролирано, секако) да дозволи да заигра и задниот дел. Истовремено, суспензијата (која е нагодена кон поцврстата страна на дијапазонот) успева да ја исконтролира масата од безмалку 2 тони на М50, односно нешто над 1.8 тони кај X3 20.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: BMW Серија 1 M135 (и 120): Нова генерација на ултимативниот хот хеч

Од друга страна, големиот SUV е супер-комфорен на отворен пат. Нашата рута вклучуваше и делница на автопат од нешто над двесте километри и можеме да потврдиме дека X3 е комфорен, тивок и рафиниран домаќин.

Тука ќе го истакнеме и одличниот адаптивен темпомат кој не само што ги препознава знаците и самиот ја прилагодува брзината во согласност со ограничувањата, туку и „знае“ кога ќе биде следното намалување на ограничувањето за кога ќе дојдете до знакот, брзината веќе да биде прилагодена, а не по стотина метри. Импресивно.

X3 е важен за BMW. Да, покрај тоа што е бест-селер на баварскиот гигант, истовремено е и моделот со кој се споредуваат сите други во сегментот и моделот кој ги наметнува стандардите во својата категорија. Комбинацијата од моќни погони, врвни технологии и наметлив дизајн безмалку гарантираат дека X3 повторно ќе биде бест-селер. И заслужува да биде.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.