ТЕСТ: KIA Picanto 1.2 5MT Concept – Добрите нешта доаѓаат во мали пакувања! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Picanto 1.2 5MT Concept – Добрите нешта доаѓаат во мали пакувања!

На нашиот пазар, како да ги заборавивме малите автомобили, а Kia Picanto е токму тоа – мал градски автомобил. Што нуди најмалиот автомобил во портфолиото на Kia?

Купувачите ги заборавија малите автомобили. Добро де, и производителите престанаа да ги произведуваат, но вистината е дека со напливот на увезени, од баба возени „половњаци“ од Германија, купувачите ги пренасочија своите амбиции. И да, ги заборавивме малите автомобили. Производителите сè помалку ги нудат, купувачите сè помалку ги бараат… И ете.

Но со неодамнешното претставување на освеженото Picanto на македонскиот пазар, Kia ќе се обиде малку да ја смени ситуацијата. Да, во очите на многумина ваквите автомобили се непрактични и недоволни – но вистината е дека токму ваквите автомобил(чиња) се токму она кое навистина треба да се разгледа. Мали, лесни, доволно големи, изненадувачки ефикасни и супер-практични.

Практичност преку компактност

А Picanto е практичен. Долг е само 3.6 метри, широк нешто повеќе од метар и половина (без страничните ретровизори) и приближно исто е и висок. Некои би го нарекле мал, а ние ќе го наречеме практичен. Благодарение на меѓуоскиното растојание од 2.4 метри, во кабината има изненадувачки многу простор (со оглед на сегментот, нормално), а ниту багажникот не е за занемарување. Но всушност, супер-силата на Picanto е неговиот „отпечаток“ – односно Picanto навистина не зафаќа многу простор. А тоа го прави лесен за маневрирање во град, лесен за паркирање и супер-прегледен.

1.2-литарски атмосферец кој моли да биде експлоатиран

Плус, Picanto е забавен за возење. Slow-car-fast пристапот е во полн ефект – Picanto се вози насекаде под (помалку или повеќе) полн гас за да се извади максимумот од малиот 1.2-литарски четири цилиндерски атмосферски бензинец. Бензинецот испорачува 79 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 113 Nm вртежен момент при 4200 вртежи во минута, кои пак ги пренесува кон предните тркала преку прецизен 5-степен мануелен менувач. Ќе истакнеме и дека педалите се меки, менувачот е супер-прецизен и лесен за користење и целиот погон едноставно сака да биде возен.

Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

И перформансите не се запрепастувачки – ова е сепак градски автомобил – но стануваат помалку или повеќе неважни. Да, 100 километри на час пристигнуваат за 13.1 секунда и максималната брзина е 165 километри на час, но на семафорското Гран При тоа и не е толку важно. Важно е дека управувањето е прецизно, суспензијата е доволно цврста без да биде некомфорна, менувачот е со краток, предвидлив од и дека Picanto се чувствува жив, подготвен.

И вистината е дека Picanto е на свој терен токму во градскиот хаос. Самиот податок дека Picanto тежи ситно повеќе од 900 килограми наметнува една изненадувачка динамичност и агилност. Тркалата кои се истуркани на самите краеви на каросеријата го прават да биде стабилен и самоуверен, а возењето е вистинско уживање. Полн погодок. А ниту потрошувачката не е воопшто лоша – во градски услови борд-компјутерот покажа просечна потрошувачка која едвај надмина 6 литри на 100 изминати километри.

Picanto изгледа супер-современо

Плус – видете го како изгледа! За токлу мал автомобил, Picanto изгледа изненадувачки агресивно и самоуверено. На предниот дел доминираат светлосните елементи инспирирани директно од големиот електричен EV9, под кои се наоѓа широката маска на ладилникот. Профилот е релативно едноставен, со растечка карактерна линија која му дава доза на резервирана динамичност, додека на задниот дел повторно вниманието оди кон едноделниот светлосен елемент.

Забележуваме и црн декоративен елемент во долниот дел од браникот, како и широко-исфрлени светла за магла.  Сè на сè – Picanto изгледа борбено и самоуверено. Не сме најголемите фанови на двобојни тркала, но ќе кажеме дека 16-инчните тркала на Picanto се соодветно дизајнирани и одговараат на тековните трендови. Браво за дизајнерите!

Опрема која обично ја очекуваме кај поголеми автомобили

Во кабината е нешто поконвенционално, но сепак Picanto изненадува со богатата опременост. Веднаш забележуваме дигитални инструменти позади менувачот, како и централно-поставен мултимедијален уред со Android Auto и Apple Carplay поврзување. Управувачот и менувачот се обвиени во имитација на кожа, седиштата се обвиени во текстил а во целата кабина преовладува пластиката. Сепак, немаме преголема забелешка на материјалите – да, пластиката е пластика, но во ниту еден момент не се чувствува евтино. Плус, добива и практични додаоци како задна паркинг камера, но и системи за асистенција во возењето.

Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

На задните седишта просторната понуда е адекватна. Ова е градски автомобил од кој не треба да се очекува премногу, и во тој контекст, на задната клупа е токму тоа – адекватно. Вреди да се истакне дека за разлика од некои конкуренти, Picanto е хомологиран со пет седишта, не со четири. Убав додакот е дека и задните прозорци не се „фитнес-прозорци“ туку се задвижуваат електрично.

Багажниот простор е со капацитет од одлични (за сегментот) 255 литри, односно дури 1010 литри со преклопена задната клупа. Багажникот не е широк, но затоа е длабок, а самата петта врата е доволно голема за лесно внесување торби од неделниот шопинг.

Ги заборавивме малите автомобили. Да им се вратиме!

И сето тоа нè носи до една интересна ситуација. Да, ги заборавивме малите автомобили. А малите автомобили се толку прекрасни. Има нешто толку чисто и едноставно во возење мал, лесен, релативно евтин автомобил. Вистината е дека ваквите автомобили нè потсеќаат зошто се заљубивме во автомобилите in the first place. Picanto е пикантен (хех, сфаќате?) мал автомобил и токму поради тоа е прекрасен. Да им се вратиме на малите автомобили!

Спецификации

Модел: KIA Picanto 1.2 5MT Concept
Мотор: 1.2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 79 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 113 Nm / 4200 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 5 брзини
0-100 км/ч: 13.1 секунди
Максимална Брзина: 165 километри на час
Должина: 3605 mm
Ширина: 1595 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1485 mm (1610 mm со кровните носачи)
Тежина: 915 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2400 mm
Багажен Простор: 255 – 1010 литри
Потрошувачка: 6.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: KIA Picanto 1.2 5MT Concept  – 17.650 Евра
Цена на тестираниот модел: KIA Picanto 1.2 5MT Concept – 17.650 Евра
Повеќе Информации: Kia.mk
Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.