ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition – Надградена и помодерна Corsa – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition – Надградена и помодерна Corsa

Corsa неодамна доби освежување, кое покрај естетските корекции и технолошките унапредувања доби уште нешто ново – нов, хибриден бензинец кој ветува забавни перформанси и исклучителна ефикасност.

Верувале или не, тековната генерација на Corsa за прв пат се појави на нашите страници пред повеќе од четири години. Првиот контакт беше со Corsa опремена со турбодизел, за потоа да пристигне на тест опремена со 1.2-литарски турбо-бензинец и мануелен менувач. Сега се дружиме со Corsa која на прв поглед не е многу различна, но кога ќе загледаме подобро забележуваме дека сепак…

Opel минатата година подготви освежување за Corsa. Освежувањето (или како што вообичаено кажуваме, фејслифтот) опфати естетски корекции но и технолошки надградби. Но уште поважно, Corsa доби уште една погонска опција покрај турбо-бензинците и електричната изведба – и тоа во форма на современ и ефикасен лајт-хибриден турбо-бензинец.

Турбо-бензинец со лајт-хибридна компонента

Лајт-хибридниот турбо-бензинец е директно поврзан со погонот кој неодамна го возевме кај (значително) поголемиот Peugeot 3008. Накратко, во менувачот со двојна спојка е вграден мал електромотор кој се напојува од мала батерија (со капацитет кој не достигнува ни 1 kWh) и кој испорачува 28 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. Овој електромотор соработува со наменски-развиен 1.2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 100 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm од само 1750 вртежи во минута и всушност ѝ овозможува на Corsa во градски услови да помине изненадувачки многу километри на струја.

Како? Па малата батерија брзо се празни, но и навистина брзо се полни – а тоа овозможува при ниски брзини или во моменти на отпуштање на педалата за гас и „едрење“ Corsa да вози на струја. Ова е особено изразено при маневрирање при ниски брзини и во „тргни-застани“ ситуации. Односно – во градскиот метеж. Во тие моменти, Corsa може воопшто да не троши гориво, а кога троши, потрошувачката да биде изненадувачки ниска.

Поврзано:  Opel ја освежи Mokka - добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер

Колку ниска? Па, што ако ви кажеме дека со супер-внимателно возење успеавме да прибележиме потрожувачка од помалку од 5 литри на 100 километри во град? Или пак помалку од 6 литри на 100 километри во градски услови во нормално, секојдневно возење? Импресивно, нели? И ние мислиме така.

И секако, тоа не е постигнато за сметка на перформансите. Corsa забрзува до 100 километри на час за 9.9 секунди и достигнува максимални 190 километри на час.

Она што е особено интересно е дека се забележуваат вистински разлики меѓу режимите на возење – во Normal или Eco (односно, особено во Eco) се забележува поголема наклонетост кон возење на струја и помрзеливо реагирање на притискањето на педалата за гас. Од друга страна, кога ќе префрлиме во Sport, Corsa како да се буди и нуди поуверливо и линеарно забрзување – во контекст на класата, секако.

Дискретни естетски корекции, но ова сепак е Новата Corsa

Инаку, во однос на естетските измени – најважната корекција доаѓа во форма на Vizor предницата која е карактеристична за сите модели на Opel. Широката црна предна маска во која се интегрирани и предните светла ѝ го дава на Corsa семејниот Opel изглед, но истовремено е и добредојдено освежување за градскиот компакт.

Понатаму, со освежувањето Corsa доби и нови дизајни на тркалата, неколку нови бои и дискретно затегнат заден дел со нова графика на задните светла. Сè на сè, визуелните измени не се радикални, но се доволни за да ја освежат Corsa и да „дадат на знаење“ дека сепак ова е Новата Corsa.

Нов мултимедијален уред во кабината

Слично е и во кабината – нема преголеми измени. Забележуваме некои нови материјали и – веќе вистинска реткост во денешно време – делумно аналогни инструменти, но главниот фокус е даден кон надградениот 10-инчен мултимедијален уред со безжично Android Auto и Apple Carplay поврзување. Новиот мултимедијален уред е значително подобар и побрзо реагира на сите команди. А инаку, ова е и понатаму Corsa – лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, сите команди се онаму каде очекуваме да бидат и многу внимание е посветено на максимално искористување на просторот во кабината.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid - Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel.

Некои од пластиките (особено во пониските делови) се поцврсти, но не би рекле дека се неквалитетни. Ако нешто ни недостасуваше, тоа е централен потпирач за раце меѓу возачот и совозачот.

На задната клупа има простор кој се очекува во рамките на класата, но не би препорачале на задните седишта да се возат тројца, особено ако се повисоки и/ли ако патувате кон некоја подалечна дестинација. Немаме забелешка ниту на багажниот простор – преку петтата врата се пристапува кон багажник со капацитет од 309 литри, односно 1081 литар со преклопени задни седишта.

Погонот совршено одговара на градското возење

Инаку, погонот навистина ѝ одговара на Corsa, особено во градски услови. Кога ќе ја отпуштите педалата за гас се забележува прилично агресивно регеренативно кочење кое можеби нема да биде по сечиј вкус, но затоа пак навистина брзо се полни батеријата. Менувачот работи прилично мазно, а севкупниот впечаток е дека погонот е мирен и рафиниран. Само одвреме-навреме и при пониски брзини се забележува некакво „размислување“ при активирање на бензинскиот мотор, но навистина – таквите ситуации беа ретки.

И секако, Corsa е и понатаму Corsa – а тоа значи дека и понатаму пристапот на инженерите е да ја конфигурираат Corsa да биде неутрална. Суспензијата успева да ги исфилтрира нерамнините од нашите улици, но истовремено и да остане стабилна кога ќе одлучите да бркате свиоци, и само остри удари пренесуваат несакани вибрации во кабината. Corsa успева лесно да совлада и поостри свиоци, а во оној момент кога ќе ги надминете нејзините можности ќе добиете безбедно и предвидливо подуправување.

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

Corsa се бори со конкуренција која е сè помалкубројна, но сè посилна.

И всушност, тоа нè носи до заклучокот, кој ќе го започнеме со поставување едно прашање – дали новиот погон кај Corsa го нуди најдоброто од двата светови и истовремено нуди ефикасност и перформанси?

Одговорот е кратко и одлучно – Да. Ваквите едноставни и евтини хибридни решенија се технологиите кои и понатаму ќе го задвижуваат светот, а Corsa е одличниот пример за тоа. Комбинацијата од затегнатиот дизајн, технолошки-унапредениот ентериер и модерниот погон (и автоматскиот менувач, секако!) ја издигнуваат Corsa на едно сосем поинакво, повисоко ниво во сегментот каде конкуренцијата станува сè помалкубројна, но истовремено и сè посилна.

Спецификации

Модел: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV
Моќност: 100 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 190 километри на час
Должина: 4061 mm
Ширина: 1960 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1192 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2538 mm
Багажен Простор: 309 – 1081 литри
Потрошувачка: 5.9 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Opel Corsa 1.2 75 MT5 Edition – 17.980 Евра
Цена на тестираниот модел: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition – 23.500 Евра
Повеќе Информации: Opel.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.