Втората генерација на врвниот теренец на шведскиот производител го продолжува својот живот со вториот фејслифт.
Не само што XC90 ќе продолжи да се продава покрај неговиот електричен роднина EX90, тој ќе добие и технолошко освежување за следната година.
Од надвор, првично се забележуваат новиот дизајн на решетката и ажурираните LED фарови. Предниот браник e исто така изменет, со вертикални отвори за воздух, додека долниот довод за воздух е сега малку поширок. Од позади домнира новиот светлосен модел на веќе познатата Volvo форма.
Позначајни промени се случуваат во централната конзола каде наместо досегашниот 9-инчен мултимедијален систем е вграден поголем, 11.2-инчен екран на допир. Освен што е поголем, екранот има подобра резолуција со зголемувањето на густината на пикселите за 21%. Ако тоа ви е малку, како опција се нуди и уште поголем инфозабаваен екран од 14,5 инчи.
Ажурираната кабина нуди поголема практичност со повеќе простор за складирање во централната конзола, вклучувајќи го и новиот држач за чаши. Дополнително, од Volvo велат дека сега во возилото е вградена нова звучна изолација на одредени делови во кабината за поголемо уживање.
Веќе знаеме дека дизел моторите за Volvo се мртви, па со ова освежување ги добиваме благите бензински хибриди B5 и B6, како и плагин варијантата T8. Плагин хибридот според циклусот WLTP во електричен режим треба да помине околу 70 километри, односно 800 километри откако ќе се вклучи бензинскиот мотор.
Нарачките за освежениот XC90 се веќе отворени, а производството е планирано да започне кон крајот на 2024 година.