Новиот знаменосец на Škoda и бест-селерот во својот сегмент од денес е достапен и во Македонија.
Пристигна новиот Superb! Автомобилот кој (покрај Octavia, секако) го етаблираше реномето на Škoda како рационален, разумен бренд кој со своите модели цели неколку скалила повисоко. На предниот дел забележуваме нова, осмоаголна предна маска и широки LED Matrix светлосни елементи, додека профилот е уште понагласено купеовски – нешто налик на сегашаната Octavia, но во уште поголеми димензии.
На задниот дел вниманието оди кон кристалните задни светла и името Skoda кое гордо стои на средината на петтата врата. Силуетата е нагласено-хоризонтална и навистина е убаво да се види дека седаните сè уште имаат свое место и свој достоен претставник.
Ентериерот на новиот Superb ја продолжува приказната за современ, хај-тек седан. Новиот самоносечки 13-инчен централно-поставен дисплеј го има главниот збор, додека рачката од менувачот е поставена на управувачкиот столб. Ваквите решенија овозможуваат уште повеќе простор во кабината и попрактична централна конзола.
За прв пат Superb добива и хед-ап дисплеј, а интересен и практичен новитет се Škoda Smart Dials кои овозможуваат лесен пристап до повеќето функционалности во ентериерот. Достапни се нови материјали и грст нови технологии – меѓу другото купувачите ќе добијат и нов безжичен полнач за мобилен телефон со вградено ладење, а ќе ги истакнеме и комфорните Ergo седишта со вградена масажа. Од Škoda гордо кажуваат дека новиот Superb има дури 28 различни Simply Clever додатоци и функционалности.
И секако, Superb и понатаму е рекордер кога станува збор за просторноста на задната клупа и во багажникот – седанот има багажник со капацитет од импресивни 645 литри!
Во однос на опремата и моторите, на нашиот пазар Superb е достапен во две нивоа на опрема и со три погонски опции. Superb може да се добие во Essence или Selection ниво на опрема, кои пак можат да се комбинираат со 1.5-литарски TSI турбо-бензинец со 150 коњски сили, или пак 2-литарски TDI со 150 или 193 коњски сили. Дизелот со 150 коњски сили е со погон на предните тркала, додека помоќниот турбодизел доаѓа со погон на сите четири тркала. Сите верзии се исклучиво со автоматски менувач.
Цените започнуваат од 37.700 за Superb 1.5 TSI во Essence ниво на опрема. 2-литарскиот TDI со 150 коњски сили чини 40.990 односно 45.230 Евра. Врвниот Superb 2.0 TDI со 193 коњски сили, погон на сите четири тркала и Selection ниво на опрема чини 49.540 Евра.
Новиот Superb веќе може да се погледне во салонот на Škoda во Скопје, а наскоро ќе биде достапен и во другите салони ширум републиката.